МАКЕДОНСКАТА ВРСКА НА СОВЕТСКИТЕ СЛУЖБИ
Историјата на македонската државност низ тајните архиви на советските служби. Интервју со професорката Лина Жила
Неодамна објавените документи од Министерството за надворешни работи на поранешниот Советски Сојуз комплетно уриваат многу митови во македонската историографија. Иван Михајлов контактирал со советската разузнавачка служба, Александар Протоѓеров бил љубимец на Советите и сакал да му се обраќаат со другар, а Петар Чаулев ги восхитувал со едноставноста и револуционерниот дух.
„Новите документи потврдуваат дека македонската нација не е творба ниту на Коминтерната, ниту на Советскиот Сојуз, но тие ја покажуваат и заблудата на македонската историографија за одделни прашања. Истовремено потврдуваат дека континуирано се размислувало Македонија да се обедини и да се осамостои како посебна држава“, вели Лина Жила, која заедно со Владо Поповски повеќе години копаше по архивите на Руската Федерација, трагајќи по вистината за македонското минато.
„Во 1933 година Пребичевиќ, кој тогаш бил лидер на српската опозиција, дошол во Париз и пред парламентарна комисија за надворешна политика на Франција истакнал дека најтешко и најболно прашање во Југославија е македонското и треба да се реши со создавање федерација на Југославија и Бугарија, во која Македонија би влегла како трета посебна федеративна единица, како рамноправна држава со нив. Тој предлог се разгледувал од француската политика како реален проект. Дознавајќи за тоа руската дипломатија истражува колку е тоа вистина и дали таа федерација би можела да се реализира. Тогаш бугарски списанија, како што бил „Филозофски преглед“, спроведувале анкети, за тоа што мислат во Србија и во Бугарија“, подвлекува Жила.
АТЕНТАТ Меѓутоа, со убиството на министерот за надворешни работи на Франција, Бартол, во познатиот атентат во Марсеј престанала француската поддршка на југословенската опозиција за создавање таква федерација. Состојбите се промениле, а опозицијата не добила можност да дојде на власт
„Во прилог на документите објавуваме и неколку записници од 1944 година на Комисијата на Министерството за надворешни работи за мировните договори за повоено уредување. Во еден од нив се зборува дека Југославија треба да биде на извесен начин наградена за сметка на Италија, да и' се даде Истра, со што ќе се компензира идното губење на Македонија. Значи, и тогаш размислувале да се создаде посебна македонска држава, барем од двата дела, Вардарскиот и Принскиот, со можност во неа да влезе и Егејскиот дел“, додава руската професорка.
Македонската историја на Московскиот универзитет „Ломоносов“ по перестројката се изучува како посебен предмет, вели Лина Жила
ЗАБРАНЕТ УЧЕБНИК Лина Жила, која по потекло е од Руската Федерација, а во поранешниот Советски Сојуз завршила факултет по историја, раскажува како кај неа се родила желбата да го истражува македонското минато. „На предавањата на Катедрата за јужните и западните Словени на Московскиот државен институт „Ломоносов“, кога стануваше збор за Македонија и кога нашиот професор ни рече дека на сите им е познато македонското прашање, јас наивно го прашав по што е познато и побарав да ни објасни. Кога започна дискусијата, немаше што да ни каже поради тоа што нашата катедра остана без учебник во кој се третираше Македонија. Бил отпечатен, а кога Бугарите виделе што содржи реагирале по што го забранија. Софија не се согласувала минатото на Македонија пред 1944 година да се разгледува посебно затоа што тоа, според нејзините историчари, било дел од бугарската историја. Подоцна бараа начин како да го решат тоа, па целиот материјал за Македонија беше расфрлан низ новиот учебник“, раскажува Жила.
Тоа нејзино интересирање уште повеќе се зголемило кога по дипломирањето заминала во Бугарија. Таму, како што вели, бугарските историчари со неа воделе отворени разговори за Тодор Александров само во трамвај за да не слушнат другите, зашто биле преплашени. И во Советскиот Сојуз не се говорело јавно за тоа, а таквата таинственост уште повеќе ја заинтригирало да се заинтересира за македонското минато.
Со перестројката се отвориле и руските архиви, а првиот нејзин истражувачки проект бил токму за минатото на Македонија. Истовремено, на Катедрата каде што по дипломирањето се вработила, на нејзина иницијатива дошло до голем пресврт во однос на третманот на Македонија. Првпат дозволиле да држи посебни предавања за македонската историја која студентите ја изучуваат како посебен предмет.
СОВПАЃАЊЕ „Целта ми беше да го истражам митот што се ширеше кај нас, а особено во Бугарија, дека македонската нација е создадена од Советскиот Сојуз и од Коминтерната. Се прашував, дали навистина тие тогаш имале улогата на Господ и можеле да создаваат нации? Дали имале таква моќ да им наложат и на другите држави да веруваат дека таква нација постои? За жал, оваа теза и денес е присутна во Бугарија. Таа беше актуализирана и пред последниот самит на НАТО. Како што е познато, имаше изјави дека Софија во Букурешт ќе ја заземе истата позиција како и Грција и дека нема да дозволи Македонија да влезе во НАТО и во ЕУ се' додека Македонците не признаат дека нивната историја до 1944 година е бугарска, дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, а македонската нација вештачка творба, создадена од СССР и од Коминтерната“, истакнува Жила.
Таа нагласува дека совпаѓањето на нивниот заеднички проект со Владо Поповски со изјавите што доаѓале од Софија пред самитот на НАТО е случајно. „Нашата цел беше научна, но испадна дека е и многу актуелна и политичка. Тоа е редок случај научниот интерес потполно да се совпадне со политичката актуелност. Но, нашиот проект не е политичка нарачка. Доказ за тоа е што ние не бевме ниту еднаш наградени од македонската држава, ниту пак некој ни даде некакво признание. Напротив, заслугата што излегоа на видело документите „Македонското прашање во советската надворешна политика“ е на Правниот факултет, а не на државата, а нивното објавување помина глуво“, нагласува Лина Жила, која до 2006 година работеше како професорка на катедрата на Московскиот универзитет, а сега е вработена на Меѓународниот славјански институт во Македонија.
ДОЗВОЛА Жила и Поповски го користеле Архивот за надворешна политика на Руската Федерација кој дотогаш беше затворен и сакале да повлечат паралелна линија со веќе објавуваните документи од Коминтерната за македонското прашање, од кои може да се види дека до 1925 година таа не се интересирала за него и за македонската нација. Таа посебно нагласува дека многу бил тежок патот новите документи да станат достапни до јавноста и дека долго време чекале да добијат дозвола за нивно објавување. Сепак, руската страна им дала предност пред другите историчари.
„Со ова истражување сакавме да видиме дали можеби дипломатијата на Советскиот Сојуз имала некаква улога во наводното создавање на македонската нација, како што тврдат Бугарите. Темелно ги претресовме сите документи од тогашното Министерство за надворешни работи, записниците на ЦК на СКПБ, на Балканската комисија, документите од политичкото и од военото разузнавање, како и од министрите за надворешни работи, но во сите нив не можевме да пронајдеме дека СССР имал вмешано прсти во тоа“, објаснува Жила.
НЕСОБОРЛИВИ ДОКАЗИ Според неа, објавените документи се директен доказ дека Македонците не се вештачка творба, ниту на Коминтерната, ниту на Советскиот Сојуз. „Јас предлагам врз база на овие документи да се направи заеднички симпозиум на македонските и бугарските историчари кои имаат различни погледи. Тоа повеќе ќе придонесе отколку заемните кавги, секој својата вистина да му ја кажува на светот преку нарачани историски книги. Во македонските весници дури имаше предлози на бугарската кампања да се одговори со кампања од македонска страна. Тие времиња поминаа. Сега треба, врз основа на документи, да се води научен дијалог. Време е да им се каже на политичарите да остават со прашањата од минатото да се занимаваат историчарите, да се остават настрана и Коминтерната и Советскиот Сојуз“, порачува руската историчарка.
Таа оценува дека објавените руски документи се огромно богатство кое на македонските историчари им отвора многу теми за натамошно истражување и разјаснување на повеќе спорни прашања од минатото. Според неа, руските документи нудат поинакви сознанија за Мајскиот манифест потпишан во Виена од Тодор Александров, Димитар Влахов и Петар Чаулев. Таа смета дека околу Манифестот е создаден голем мит, и тој треба да се разгледува во контекст со другите декларации и активности на Александров, кој инаку бил член на Руската кирилметодиевска академија за просвета на Словените, а негови статии биле објавувани во тогаш најголемите весници и списанија на Советскиот Сојуз.
Во документите имало проект на Мајскиот манифест напишан од Александар Протоѓеров, најблискиот соработник на Александров. „Значи, Манифестот не е дело само на Влахов и на Чаулев. Кога ќе го прочитате текстот на Протоѓеров, ќе видите дека тој оди полево отколку конечната верзија на документот. Треба историчарите тој дел од македонската историја да го коригираат и да го напишат врз база на новите документи. На пример, Манифестот не бил потпишан на 6, туку на 5 мај, а досега никој не се потруди да ја исправи таа грешка. Се фрла нов поглед и на односите со федералистите кои досега во историографијата се многу потценувани. А тоа бара потемелни истражувања“, вели руската професорка.
КРИЗА ВО НАУКАТА Лина Жила смета дека македонските историчари се во многу тешка положба, зашто државата многу малку инвестира во историски проекти. „Ние, на пример, имаме документи за уште шест тома, за најклучните години 1933,1934 и 1935 година. Ние самите бараме спонзори и прашање е дали ќе можеме да ги објавиме. Ме изненадува и тоа што професорите на факултетите се пензионираат на 65 години. Кај нас во Русија тие воопшто не се пензионираат. Мојот професор имаше 90 години и уште предаваше. За да се формира еден научник, да стекне знаење потребно е време. А кај вас професорите ги исфрлаат на улица како непотребен партал. Има изјави дека тие треба да ги напуштат канцелариите. Ќе си заминат, но што ќе остане. Македонија е во многу голема криза во однос на науката. Од една страна, се отвораат голем број факултети, од друга, се уништува науката. Треба да се најде некој спој во таа политика“, смета Лина Жила.
Македонците претставени како посебна нација
„Покрај документите, јас го истражував и пишувањето на печатот. Започнав да барам и книги од периодот на времето на Сталин кое беше жестоко. Многу луѓе беа ликвидирани, а нивните книги уништени, за да не остане никаков спомен и трага од нивното дело. Јас открив еден автор на книга кој не е познат во Македонија. Станува збор за Русинот Булацел, кој емигрирал во Бугарија. Додека бил таму комуницирал со издавачите на весникот „Пирин“. Во неговите статии и во книгата „Политичкиот живот на Бугарија“ тој ги прикажува Македонците како посебна нација. Во Бугарија престојувал во1922-23 година и кога се вратил во Советскиот Сојуз, во 1924 година ја објавил книгата“.
Бугарите сметале дека се Грци
Лина Жила подвлекува дека создавањето нација е долг процес и како и сите други нации така е создадена и македонската. Таа изнесува еден карактеристичен пример за бугарската нација. Во Московскиот универзитет се чувало едно интересно писмо од 1845 година од Бугарин, кој се потпишал како Грк. Во него пишувало дека на Московскиот универзитет му подарува одредена сума пари со обврска дел од нив да употреби за школување на бугарски студенти кои, откако ќе завршат и ќе се вратат во Бугарија, требало да му објаснуваат на населението дека тие се Бугари, а не Грци како што се сметале. Бугарите до 1845 година, а и подоцна се чувствувале како Грци, според нивната верска определба.