Банките прашуваат дали си политичар
Дали професијата политичар станува ризична категорија
И банките почнаа да прашуваат дали си политичар. Дали тоа значи дека за банките политичката функција станува ризична категорија? Дел од банките во земјава за каква било услуга, отворање сметка, депонирање пари или, пак, барање за одобрување кредит, веќе бараат од клиентите да потпишат изјава дали се политичка експонирана личност или се поврзани со такво лице.
Поконкретно треба да се пополни изјава во која се бара под целосна матријална, морална и кривична одговорност клиентот да заокружи една од понудените три опции. Дали си политички изложено лице или не, или, пак, дали си лице поврзано со политички изложено лице. „Политички изложено лице се физички лица на кои им е или им била доверена на најмалку една година истакната јавна функција во Македонија или во странска држава, како што се претседател, премиер, министри, заменици, пратеници, врховни и уставни судии, амбасадори, високи воени функционери, високи функционери во претпријатија во државна сопственост и членови на нивна фамилија“, е наведено во измените на Законот за спречување на перење пари, кои се во процедура.
Иако ова се' уште не е законска обврска, сепак, дел од банките во согласност со својата интерна политика веќе го применуваат овој прашалник.
Според измените на Законот за спречување на перење пари, новите одредби ќе бидат обврзувачки за сите банки, најверојатно од март 2010 година, до кога се очекува да бидат донесени овие измени. Директорот на Управата за спречување на перење пари, Ване Цветанов, вчера објасни дека моментно тече тест-период како подготовка на теренот за идното законско решение. „Ова е практика секаде во светот, каде што и политичарите се издвојуваат како ризична група и доколку се востановат нелогични трансакции, поврзани со перење пари, банките ќе може навреме да реагираат“, вели Цветанов. Според него, земјава, со измените на Законот за спречување на перење пари и вметнувањето на изјавата за тоа дали си политичар, е во насока на усогласување со европската регулатива.
Дел од банкарите, пак, коментираат дека ова е претерана реакција од Управата и оти тие не би сакале да личат на полициска институција, која ќе поставува вакви прашања.
Банкарите се' уште не постигнале согласност како ќе постапуваат според овој Закон. „Во согласност со овој Закон политички експонираните личности се категоризирани како клиенти за кои Законот бара засилена анализи при воспоставувањето деловен однос и вршење трансакциија од нив во банката. Утврдувањето на политички експонираните лица во согласност со Законот се врши врз основа на процедури пропишани од страна на Управата за спречување на перењето на пари и финансирање на тероризам, кои се' уште не се донесени. Бидејќи овој акт не е донесен не постои унифициран и единствен начин на утврдување на политички експонирани лица од страна на банките“, велат од Комерцијална банка.
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=24D6406B22C2244FAB98924768E56947