"Ме импресионира целата организација која покажува висок стадиум на една цивилизација.
Прво, тие огромни мегалити кои тука се донесени, начин на кој овој мегалит е поставен, скулптурите кои се изработени, сè тоа покажува на една голема техника", вели д-р Масон. Според д-р Масон, наоѓалиштето "Цоцев камен" дава многу елементи не само кога станува збор за техниката, за календарот, паралелата со Западна Европа, туку имаме увид во нивните верувања, ритуали, особено за нивните богови или митски личности.
Др Емилија Масон од Националниот центар за научни истражувања од Париз, Франција престојуваше во Македонија со цел да ги продолжи истражувањата на најпознатата праисториска опсерваторија "Цоцев камен".
По нејзината втора посета на ова богато наоѓалиште на македонската и светската културна и научна јавност им ги соопшти резултатите од досегашните лабораториски и друг вид истражувања, потврдени од Институтот во кој работи, а воедно ги презентираше и првичните сознанија откриени од второто проучување на "Цоцев камен".
И овој пат госпоѓа Масон беше гостин на Македонскиот центар за карпеста умет
ност и на Светската академија за карпеста уметност.
СОЗНАНИЈА
"Дојдов во Македонија за повторно да го проучам наоѓалиштето 'Цоцев камен', кое прв пат го видов кон крајот на мај.
Документацијата и фотографиите, кои тогаш ги направив, ги однесов во Франција во Институтот каде што работам за понатаму да ги проучувам, во соработка со моите колеги.
Кога сè тоа го проучив повторно дојдов на лице место да го проверам она што го видов на моите илустрации и да видам каде кон крајот на октомври излегува сонцето во однос на крајот на мај.
Со тоа би воочила зошто тие мегалити така се поставени и зошто најголемиот централен мегалит, кој целиот е исклесан, е поставен токму на тоа место.
Тој мегалит не е природна карпа, туку е карпа која е донесена со многу висока
техника на тоа централно место.
Дојдов до сознание дека луѓето го избрале ова место од некоја причина и сега треба да се види зошто така направиле.
Констатацијата е дека ова е чист исток, најверојатно станува збор за моментот кога е Рамноденица, момент кога на одредено место излегува сонцето", вели д-р Масон.
Првото сознание од првата посета на д-р Масон било дека "Цоцев камен", како праисториски календар, односно опсерваторија, има исклучителна конфигурација на теренот.
Ова сознание се темели на констатацијата дека од една страна е вулканската формација, која е кружна и ги прима зраците на сонцето од сите страни од каде што тоа се следело, а од друга страна, пак, наспроти неа постои еден рид од кој излегува сонцето.
На овој начин, со помош на мегалитите од кои дел се природни, а дел се поставени, луѓето утврдувале за кој период од годината станува збор.
Оттука д-р Масон го поставува прашањето зошто во тоа време им бил потребен еден ваков календар?
"Во текот на неолитот - објаснува д-р Масон - почнувала да се развива агрокултурата, а кога се обработува земјата потребно е да се знаат сезоните - во пролет се сее, во есен се жнее.
Со положбата на сонцето на кој дел од ридот тоа излегува тие одредувале кое годишно време е.
Покрај оваа констатација, опсерваторијата е проследена и со еден вселенски храм, главно, посветен на сонцето.
Овој пат сакав да го проучам токму тој храм, кој има вистински елементи кои се наоѓаат околу најголемиот, централен мегалит, кој не само што е поставен од страна на луѓето туку целиот е исклесан со најразлични симболи, мотиви од кои, за жал, некои се избришани, а биле означени со црвена боја, боја на праисторијата.
На самиот мегалит е исклесан мотивот сонце со седум зраци.
Ова е потврда дека не станува збор само за календар за да се следи сончевото движење, туку тоа бил и храм за сонцето.
Значи, 'Цоцев камен' не само што служел за одредување на временскиот период, туку тука се славело сонцето, се славел вселенскиот циклус, еден од најважните елементи. Токму ова беше една од моите цели зошто повторно се вратив на 'Цоцев камен'".
СИМБОЛИ
Благодарение на аналогиите оваа опсерваторија може да се датира од времето на праисторијата.
Мотивите ги покажуваат идолите кои, исто така, можат да се сретнат и во Италија и во Јужна Франција, а сè тоа укажува на III или на II милениум.
А зошто се тие исти мотиви?
Затоа што станува збор за иста цивилизација, која оди од Источна кон Западна Европа, а Македонија е една голема територија, еден голем крстопат.
"Ме импресионира целата организација која покажува висок стадиум на една цивилизација.
Прво, тие огромни мегалити кои тука се донесени, начин на кој овој мегалит е поставен, скулптурите кои се изработени, сè тоа покажува на една голема техника.
Покрај големиот мегалит на кој е врежано седумкрако сонце, забележав и мало огниште кое се наоѓа под еден голем камен кој, исто така, е донесен, што значи дека пред мегалитот се палел оган.
Во близина на тоа огниште има и еден триаголник, кој е симбол на спојувањето на земјата и небото.
Исто така, важно е што пронајдовме две ниши обрабени со дим или јаглен, што покажува дека тука стоеле т.н. кандила.
Од ова може да се каже дека тие не правеле ритуали само дење, туку и навечер.
Тоа што мене најмногу ме импресионира е што благодарение на таа висока техника можеме да имаме увид во ритуалите и во религијата од тоа време.
Околу мегалитот има и еден мал базен, во кој се вршел ритуал со вода, малку подолу е огништето.
Значи, ова е и свето место.
Карпите ги гравирале уметници, исклесани се некои чудни битија кои не се ниту луѓе, ниту животни, туку се плод на нивните имагинации.
Сигурно тоа се некои митски битија, некои богови или демони, кои се свртени кон мегалитот, за кои се смета дека тие или го почитуваат или го чуваат.
Овие фигури како да се живи, како да ви зборуваат.
На ова скапоцено наоѓалиште не само што има мегалити, симболи, туку она што е посебно за наоѓалиштето се тие замислени битија.
Многу интересно и битно е тоа што на сите наоѓалишта во Јужна Франција има неколку фигури, кои имаат глава во облик на сончев диск.
И пронајдениот фрагмент на 'Цоцев камен', орачот има глава во облик на сонце.
Повторно, тука се гледа дека сонцето е главно.
Морам да кажам дека 'Цоцев камен' е комплетно богато наоѓалиште, кое има полно елементи и кое е многу значајно за историјата на религијата, за начинот на живот, а особено за календарот, за проучување на астрономските елементи", констатира д-р Масон.
За тоа дека македонската наука не го признава "Цоцев камен", госпоѓа Масон вели дека вакво нешто воопшто не е оправдано и дека тоа е срамота за Македонија.
Таа вели дека тие луѓе не се способни да видат што сè се крие на "Цоцев камен".
За да се проучи ова наоѓалиште потребни се знаења од повеќе области затоа што е комплексно.
"Тие не го прифаќаат 'Цоцев камен', а не отишле ниту да видат за какво скапоцено наоѓалиште станува збор.
Но, за мене е подобро што научниците го негираат, затоа што можам слободно, мирно да го проучам", додаде д-р Масон.
Сите овие сознанија госпоѓа Масон ќе ги презентира во Институтот во Франција, од кои можеби ќе произлезе и книга.
Но, како што вели и самата, на "Цоцев камен" има што да се проучува.