Сто теракотни фигури откриени во Стоби,
Скопје 7 август 2009
Сто и петнаесет теракотни фигурини со претстави на божества, животни и комедијанти се откриени во гроб во Стоби за време на најновите истражувања на локалитетот. Во гробната јама (за истражувачите позната под бројот 2.226), покојникот е кремиран, а гробните дарови, меѓу кои и овие фигурини, се групирани на средината.
Меѓу фигурините археолозите издвоиле 11 различни типа фигури, од кои некои се застапени во повеќе варијанти. Најчести се претставите на Телесфор (божество на здравеењето), сам или со дете, Афродита, која седи на птица, и Ерос, кој се јавува во неколку варијанти - јавнат на бик, со Психа и со лира. Од животинските претстави најчести се фигурите на бикови (16) и на петли (2).
- Тие се различно интерпретирани - како едноставни претстави од секојдневјето и како персонификации на божества, најчесто со хтонско значење или симболика поврзана со задгробниот живот и повторното раѓање - вели Силвана Блажевска, раководителка на истражувањата на Стоби.
Во гробот се најдени и 19 фигури на коњаници, 5 комедијанти, 2 стоечки крилести фигури на пес и др.
- Теракотите се изработени во калап, а по печењето се премачкани со бела боја, врз која деталите се нанесувани со интензивна сина, црвена и жолта боја, за жал, зачувана во траги - вели Блажевска.
Гробот е едно од побогатите погребувања во Западната некропола на Стоби, откриен во близината на Порта Хераклеја, и датиран е на последната четвртина од првиот век пред Христа.