НАУЧНИЦИТЕ за ПОСЛЕДНАТА АРХЕОЛОШКА АТРАКЦИЈА
Славе Македонски не е најстариот жител на Балканот
Археолошките слоеви може да покажат дали локалитетот е најстар во земјава, но прво треба да се направат анализи, да се истражи керамиката, кременот, земјата, вели археологот Драгиша Здравковски
Покојникот Славе Македонски не е најстариот жител на Балканот, велат археолози, експерти за праисторија. Тие не одрекуваат дека за Македонија е важно откривањето на скелетот на археолошкиот локалитет Грнчарица, кај штипското село Крупиште, но, сепак, сметаат дека е избрзано датирањето на гробот. Истражувачите го определија во 7 милениум пред новата ера како период во кој живеел. Гробот беше пронајден во минатата недела, за време на истражувањето на теренот каде што треба да поминува цевководот на хидросистемот „Злетовица“. Со ископувањата раководи Трајче Нацев од штипскиот Завод и музеј. На локалитетот Грнчарица, каде што се откриени населбата и покојникот, работела Трајанка Јовчевска, археолог во велешкиот музеј. Тие се сигурни во датирањето, но нивните колеги велат дека според методолошките принципи, прво треба да се направат опсежни истражувања, дури потоа да се даваат издржани изјави. Археологот Драгиша Здравковски, праисторичар и визитинг-професор на катедрата за археологија при Филозофскиот факултет објаснува дека досега најстарото научно истражено, документирано и објавено погребување во земјава е бебето пронајдено во урна, на археолошкиот локалитет Амзабегово, Светиниколско. Гробот датира од 6.000 години пред новата ера. Според Здравковски, оценката дека покојникот е најстариот на Балканот е малку избрзана, со оглед на тоа што во Бугарија има многу неолитски населби, близу до Белград е локалитетот Лепенски Вир, а во Хрватска има дури и палеолит.
- Според методологијата, прво треба да се оцени дали покојникот бил маж или жена, на колку години починал. Археолошките слоеви може да покажат дали локалитетот е најстар во земјава, но прво треба да се направат анализи, да се истражат керамиката, кременот, земјата. Покрај Лепенски Вир, избрзано е да се каже дека ова е најстариот локалитет во регионот. Треба да се внимава со изјавите - вели Здравковски. Јовчевска објаснува дека населбата е од ран неолит. Жителите живееле во колиби со трапезоидна и правоаголна основа. Живеалиштата биле изградени од дрвени колци, облепени со прачки и со трска, премачкани со глина. Нацев вели дека е сигурен во датирањето поради движните наоди. Пронајдовме кремен-сечиво што не е софистицирано изработено. Орудијата од времето на неолитот се фино изработени, може да разликувате мотика од секира. Керамиката што ја пронајдовме е слабо печена и многу е ровка. Повеќе сознанија ќе добиеме кога ќе ги добиеме резултатите од антрополошките истражувања - вели Нацев. Археологот Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културно наследство вели дека населбата може да е дури од мезолит, преодниот период од палеолит во раниот неолит. Тој објаснува дека овие податоци не се должат само на минатонеделните ископувања. Таму археолозите и лани работеа. Уште тогаш беше утврдено дека населбата е најстара во Македонија. Ексклузивно е што колегите открија скелет, бидејќи досега кај нас немало такво откритие - вели Кузман. Скелетот сега е на анализа во антрополошкиот кабинет на Музејот на Македонија, што ќе ја прави антропологот Фаница Велјановска. Таа вели дека и кога ќе заврши анализата нема да може да одговори на прашањата за времето кога живеел човекот. На тоа може да одговори само археологијата. Антропологијата дава податоци за индивидуалната старост, за евентуалните болести што го мачеле човекот, кои може да се видат преку коските. Се' друго зависи од археолошката наука - вели Велјановска. Според процеударата, коските треба да се измијат, да се исушат, да се залепат, па да се прават антрополошки испитувања. Процедурата трае 4-5 дена и зависи од зачуваноста на коските. Според фотографиите од скелетот, коските се слабо зачувани. Неофицијално, тешко ќе биде да се одреди дури и полот на покојникот.
Весна Ивановска
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=78AD6CD4A6D398479F3D54E10EDCDD6C