Една од причините за слабата економија според мене се малите и слаби банки во Македонија. Имаме многу банки, односно точната нивна бројка изнесува 21, од кои што 12 се мали банки, додека трите најголеми банки Стопанска, Комерцијална и Тутунска контролираат повеќе од половина од вкупниот банкарски бизнис поради што конкуренцијата до македонското банкарство се смета за слаба. Експертите оценуваат дека за земја како што е нашата најоптимално е да постојат десеттина поголеми здрави банки. Банкарски извори велат дека засега нема ниту една посериозна иницијатива за влез на странска банка во некоја од малите банки, ако се изземе минатонеделниот интерес на бугарската финансиска групација ДЗИ за "Радо банка".
Затоа, решението се гледа во нивно спојување, но и тука, велат истите извори, не постои доволна храброст кај банките да се спојат во поголеми бидејќи некои директори стравуваат дека ќе ги изгубат сегашните позиции, други пак им служат само на одредени тесни бизнис групи. Инаку, до сега во банкарскиот систем се случија само две припојувања и едно здружување, односно битолската "Кредитна банка" и скопската "Тетекс банка" се здружија и формираа "Тетекс -Кредитна банка", Прилепската "Пелагониска банка" се припои кон "Комерцијална", а "Земјоделска банка" кон "Силекс банка". Дилот за евентуално спојување на "Охридска" и "Инвест банка" заврши неуспешно, додека во моментов на случајов на спојување работат само "Македонска" и "Радо банка". Експертите од оваа област, потенцираат дека влезот на странскиот капитал и окрупнувањето на банкарскиот систем е неминовен процес, а на иста линија се и стопанствениците кои потенцираат дека во земјава е тешко да се најде банка која ќе ги следи во нивните инвестициони и развојни активности, особено кога се во прашање поголеми износи на кредити.
Европската банка за обнова и развој им препорачува на македонските банки годинава итно да го интензивираат процесот на спојување бидејќи повеќето од нив се толку мали што сами не можат да го следат предвидениот стопански развој и раст во земјава преку одобрување на повисоки износи на кредитни средства. Европската банка, како што вели нејзиниот прв човек Курт Гајгер е подготвена во наредните месеци да го поддржи спојувањето.