незнам дали е ова правото место,ако треба нека се премести каде што треба
КАНБЕРА ГИ ОТВОРИ АРХИВИТЕ
Грчки шпиони и во Австралија активно работеле на погрчувањето на Македонците
Националниот австралиски архив декласифицира некои доверливи документи за активностите на грчки државни разузнавачки служби на територијата на Австралија, главно насочени кон Македонците од Егејскиот дел на Македонија и нивното прифаќање на Грчката православна црква.
Господине премиер, Ви го пишувам ова писмо во име на стотина Македонци кои сме жртви на отворени закани на грчки агенти во Мелбурн. Ова е дел од писмото на извесен Питер Пантопулос од Мелбурн испратено во 1974 година до тогашниот австралиски премиер Гоф Витлам.
Од ова писмо се гледа како припадници на грчки разузнавачки служби (KYR) ги шпионирале и ги малтретирале етничките Македонци во Австралија во 1974 година.
„Јас од Грција во Австралија емигрирав уште во 1948 година, а на 31 август 1953 година станав државјанин на Австралија. Тука формирав и семејство и ја засакав оваа убава земја. Но, неодамна неколку пати примив закани од странски шпиони и агенти. Неколку пати ми се заканија дека ако не се придружам на грчката организација во Канбера, тогаш никогаш повеќе нема да го видам моето родно село и дека ќе го изгубам имотот во Грција. На почетокот мислев дека е тоа една најобична шега. Еден од нив ми рече дека неговиот пријател е припадник на грчката тајна полиција и дека кога тој ќе се врати во Грција, нема да биде добро за никого од нас.
Потоа еден пријател ми донесе исечок од еден локален грчки весник со името на мојот брат, моето име и имињата на други Македонци – сите бевме прогласени за комунисти. Никогаш не сум бил член на таква организација. 26 години живеам во Австралија и некој сега ме прогласува за комунист. Отидов да се жалам во грчката амбасада. Тамо господинот Луцкатарас ми рече дека според неговите информации јас сум бил член на Македонската православна заедница во Австралија која е против Грција. Јас му реков дека македонската заедница помога во изградбата на црква која нема никаква врска со Грција.
Родителите на мојата сопруга кои неодамна отидоа во Грција за да си ја посетат 97 годишната мајка, на пристигнувањето во Атина беа третирани како криминалци и не им беше дозволен влез во Грција. Тоа, грчките власти досега го направиле и на стотина други. Би ве замолил за помош“, му напиша Пантопулос на австралискиот премиер.
Во информација на Австралиската разузнавачка служба за активностите на грчка државна разузнавачка служба на територијата на Австралија меѓу „грчката заедница“, меѓу другото пишува за бројни активности на грчките агенти меѓу Македонците. Во еден од тие документи пишува дека во грчката амбасада работат бивши офицери од грчката армија кои и порано работеле на „македонските работи“. Исто така, Австралија издала виза за новинар на Атинската новинска агенција, но подоцна се воспоставило дека тој и воопшто не работи во таа агенција. Во август 1969 година двајца офицери на грчката разузнаваачка служба, Леонидас Мавраганис и неговиот преведувач Георгиос Пулакис, „биле замешани во неколку инциденти за кои знаеме дека биле предизвикани од разузнавачки активности на грчката влада во грчката заедница во Австралија“.
Главните активности на грчките шпиони на територијата на Австралија уште во шеесетите години на минатиот век имале само една цел – погрчување на Македонците од Егејска Македонија, сега австралиски државјани, нивно прифаќање на грчките организации и на Грчката православна црква.