Големиот брат ве гледа
Лидерот на СДСМ Владо Бучковски за новогодишните празници на претседателите на 82 партиски општински организации им подарил свој врамен портрет со формат 30 на 42 сантиметри, дознава "Дневник".
На завчерашниот партиски коктел, на кој присуствувале и министрите, Бучковски за сите локални лидери подготвил "пакетче" во кое имало тефтер, календар и застаклен портрет.
На фотографијата во боја, Бучковски сликан во анфас, гордо стои пред знамињата на Македонија и на ЕУ.
- Големиот брат сега ќе не набљудува постојано. Добро е што во пакетите нема и аудиоснимка со негови говори - коментирале сдсмовци.
Дел од присутните на коктелот биле изненадени од потегот на Бучковски и коментирале дека вакво однесување досега во партијата немало.
Според нив, со овој подарок Бучковски им препорачал неговата фотографија да биде истакната на видно место во општинските организации.