Пошто подолго време гледам каталози за станови, огласи и како стојат банките со кредити, мојот совет е ако веќе кревате кредит, да гледате што помалце чисти пари да ѝ дадете на банката. На пример да не испадне за кредит од 25 000 евра да платите 45 000 евра вкупно ануитет, значи 20 000 да добие банката чисти пари. Тоа значи да гледате кредитот да биде на што е можно помалку години, и да изберете прилично мала квадратура, но сепак доволна за да живеете таму до крајот на животот и со деца (ако сакате).
Најдобро е да сметате колку месечни трошоци имате просечно, и на тоа да додадете простор за неочекувани ситуации, од типот на покачување на цените на производите на се` а платата да ви остане иста, или неочекувани лекарски или било какви трошоци.
Постои огромна разлика во вкупните пари што ќе ѝ ги дадете на банката ако земете кредит на пример од 15 000 евра на 10 години или 25 000 на 20 години.
Станови од 40 до 50тина квадрати избегнувајте да зимате на кредит пошто дури и да сте со мало бебе дома, најверојатно ќе ви треба нешто околу 55-65 квадрати минимум. Гледајте спалните соби да се по 10тина квадрати минимум и ако планирате да имате деца, да има барем 2 спални соби во станот (1 спална и 1 детска). Многу често се продаваат станови на пример со една спална од 10, а друга од 7 квадрати, а таа е поврзана и со балкон (2 врати), што значи едвај кревет ќе ставиш во неа. Помал стан со подобар распоред и локација е подобар од поголем стан со полош распоред и локација.
Најдобро е да бидете во истиот стан до крајот на животот затоа што нема да купувате ствари дупло, секогаш ќе бирате поголеми и поквалитетни решенија (пр вградени плакари), и најбитно од се` е да не влегувате во процесот пак на отварање нови кредити и нови трошоци за купување и продавање.
Да се живее во релативно мал стан бара многу креативност и организација, но секогаш ќе го исчистите лесно, ќе знаете се` каде точно стои, нема да имате вишок ствари, сите членови на фамилијата ќе бидат блиски, на пример децата ќе се учат да делат, без разлика дали сакаат или нејќат.
Пред да земете стан размислете убаво кој е вашиот минимум, квадратура која би одговарала за вас за сите фази од животот, а од пари, кој е вашиот максимум месечно што би ги дале, а да живеете удобно.