The Fighter
Најубавото за крај. Штета што се зезнав па гласав овде за моите фаворити годинава без да го гледам овој филм, затоа што ова е еден од најдобрите филмови што некогаш воопшто ги имам гледано. За оваа година мојот апсолутен фаворит во секој домен е The Fighter. Филмов го гледав два пати во еден ден, што не се сеќавам да ми се случило некогаш претходно. Ова е филм по мој вкус, буди емоција, за разлика од сите филмови кои ги изгледав досега (зборам за оскаровските фаворити) кои се одлично направени, ама во човек не побудуваат никаква емоција. Ова е филм со душа. И фала Богу нема непотребна драматизација која се очекува од Холивуд да ја наметне, а се спомене вистинска приказна. Овде ќе немате чувство дека негде претерале, дека глорифицирале некого или дека се обидуваат да направат херој од некого.
Приказната се врти околу некогашниот боксер Мики Ворд ( Марк Валберг) и неговиот полубрат (Дики Еклунд). Дики го тренира својот помал брат обидувајќи се да го врати на победничките патеки, меѓутоа Дики е сам по себе проблематичен бидејќи има проблеми со дрогата, па на него Мики и не може целосно да се потпре.
Филмов има неверојатно добро складен кастинг. Три улоги дефинитивно ќе ви се врежат во главата. Онаа на Валберг и Бејл, како и онаа на Мелиса Лео која ја игра нивната мајка во филмот. Жената заврши толку добра работа, што на моменти изгледа како да не глуми туку како да е навистина мајка на девет деца која контролира се живо. Таа е од оние типови на жени на кои никој не смее да им писне. Одамна немам видено таква глума.
Е сега малку за глумата на Бејл и Валберг. Додека го гледав филмов имав чувство како да се родени за улогиве, откако го изгледав пак имав чувство дека било кој друг да бил на нивно место немало да биде тоа тоа. И покрај тоа што The Fighter е приказна за боксер, дејствието се одвива во поголем дел надвор од боксерскиот ринг. Она што прво ќе ви падне на памет како асоцијација после гледањето е веројатно семејството и братската љубов. Хемијата меѓу Бејл и Валберг го прави филмов полн погодок. Иако сценариово не е нешто оригинално, веќе секој од нас изгледал по некој филм со боксерска приказна, овие двајца го прават мошне уникатен.
Валберг уште од 2005 година почнал да тренира за улогава. Долги години никој режисер не се нафаќал да го сними, на пример Скорсезе и Аронофски одбиле да го снимаат. Неговата упорност се исплателе и на крај Расел се нафатил да го режира. И мора да му се признае човекот си ја завршил работата.
Волку кроток боксер како Мики Ворд јас немам видено..
. Браво за Марк, никогаш не ми оставил некој посебен впечаток, но после ова, прва асоцијација за него ми е оваа одлична изведба. Мислам и дека ќе му биде најсветлата точка во кариерата. А богами заслужува и награда за ова. Само што годинава конкуренцијата е силна, па можно е и да не ја добие, иако ја заслужува.
Кристијан Бејл е ФЕНОМЕНАЛЕН. Се помалку од Оскар за ова што го одигра е грабеж. Очекувам вечер да добие и златен глобус за одиграното. Е ова е посветеност на улогата. Просто на човек да не му се верува колку човеков вложува во една улога, направил комплетна трансформација од себе. Буквално се претворил во Дики, кој кога видов како изгледа не ми се веруваше колку Бејл всушност наликува на него. Симнати килограми, подочници, ќелавост и нагласок. Направил се. На моменти ќе го жалите, мразите, сакате, ама не можете да останете рамнодушни на Дики.
После филмов и песната Here I Go Again го менува значењето...
Моја препорака, задолжително да се гледа филмов. Јас дефинитивно си го најдов фаворитот за годинава.