"Драги мои млади пријатели, на запаливиот Балкан незадоволството е најзлоупотребеното расположение во кое обичните луѓе доживеале толку многу несреќи. Сите оние стравични слики и сеќавања од боиштата на бивша СФРЈ беа најдиректен производ на политички (вештачки) креирани фрустрации. Народите меѓусебе се нарекуваа „фашизоидни“ „геноцидни“ „криминогени“ итн,итн,итн.
Ниту се Албанците прикриени муџахедини кои обожаваат да спијат со оружје и да живеат по ровови, ниту пак се Македонците патолошки русофили кои државата сакаат да ја претворат во нова руска провинција под водство на Путин.
Ова се стереотипи кои служат од луѓето да направат стампедо, од човека да направат говедо кое ќе оди по наредба на стопанот. Ова се стереотипи кои имаат амбиција неупотребливите политики да ги претворат во светиња, а неупотребливите политичари во „Лидери“.
Драги Македонци, кога некој ќе ви спомне патриотизам, внимавајте на вашиот паричник.
Драги Албанци, кога некој ќе ви спомне братска блискост, внимавајте на безбедноста на вашето семејство и на вашиот имот.
И едните и другите сте обична транзициона гомила која крпари и едвај врзува крај со крај, први со први. И едните и другите не сте кадарни да си признаете дека сте измамени, украдени, понижени, и дебело намагарчени од сите политички идеи, кои самите си ги одбравте... и сега едноставно не знаете како понатаму.
Последно што на сите ни треба се протести, во врска со дела за кои имаме дискутабилно точни информации. После се, ако проблемите се решаваа со протести, досега ќе беше решена и економската криза, и особено долгот на Грција." - Виктор Трифуновски, порака на групата Протест против радикалниот ислам.