Комплетна историја на суперхероите на Marvel

Acid

Frontman
Член од
22 јануари 2005
Мислења
35.211
Поени од реакции
34.456
Marvel стриповите кои пред 72 години се продаваа по 10 центи за стрип, прераснаа во индустрија „тешка“ четири милијарди долари. А во исчекување на новите „The Amazing Spider-Man“, „Thor 2“, „Iron Man 3“, „Captan America 2“ и „The Avengeres“ ќе расте и расте... Но, колку всушност вие ја знаете историјата на вашите омилени суперхерои?

Раѓање на хероите
Во октомври 1939 година, во зората на Втората светска војна, на светот му беа потребни херои. Хитлер само што прогласи војна, САД останаа неутрални, но веќе започнаа да се подготвуваат, креирајќи ја атомската бомба. Како што сенката на Нацистите падна врз Европа, изгледаше дека светот е пред деструкција. Кој ќе нè спаси?

Одговорот се појави на штандовите за весници кога Timely Publications го претстави првиот стрип на Marvel. Овие неколку страници кои на насловна имаа голем портокалов лик, The Human Torch се истакнуваа помеѓу вообичаените љубовни романчиња, каубојски и крими списанија. Torch (Факелот) беше придружуван од Sub-Mariner, водниот суперхерој од Антартика. Цената на овој стрип беше само 10 центи.

Влегување во „Куќата на Глушецот“

Во текот на изминатите 70-тина години, Marvel Entertainment еволуираше од првото издание на стрипот до еден од водечките компании во оваа индустрија.
Мултимилијардерскиот договор со The Walt Disney Company само докажува колку профитабилни се овие ликови за Холивуд. Disney, компанија која го изгради своето богатство преку создавање франшизи околу одредени карактери, беше совршениот карактер.

Создавајќи ја историјата
Договорот со Disney беше уште еден пресврт во долгата сага на Marvel која ги преживеа повеќето најзначајни моменти во модерната историја.

Marvel Comics ја преживеа Втората светска војна кога главниот уредник Стен Ли зеде пауза за да ја обави воената должност. Ја преживеа и анти-стрип хистеријата во 50-тите. Повторно оживеаа во Сребрената Доба во 60-тите кога војниците во Виетнам ги носеа X-Men стриповите во своите ранци.
Marvel го гледаше падот на Берлинскиот ѕид, го преживеа 9/11 нападот и дури го прослави и изборот на Обама, појавувајќи го во „The Amazing Spider-Man“, број 583.

Модерни митови
Дали е претерување ако се каже дека Marvel е институција која влијаеше на американската поп култура со сила поголема од таа на чеканот на Thоr? Веројатно не.
Креациите на Marvel се веднаш препознатливи икони. Без Marvel и нивниот вечен ривал Detective Comics (DC), издавачот на Superman и Batman, суперхеројот каков што го знаеме, немаше да постои. И ако стриповите за суперхерои не постоеја, ќе можевте да се збогувате со најдобрите филмови за суперхерои во изминатите 10 години.

„Докажано е дека во светот на медиумите, карактерите на Marvel значат пари. Луѓето се привлечени од овие ликови. Тие ги сакаат, правејќи ги секој ден сè поважни. Тие сега всушност претставуваат модерни митови“, во една прилика изјавил поранешниот главен уредник Џо Кесада.

Нова ера
Според легендата на Marvel, приказната започнува на еден голф терен во 1961 година. Директорот на Timely Publications, Мартин Гудман играл голф со еден од извршните членови на дистрибутерот на стрипови, Independent News, кој случајно спомнал дека ривалот DC Cоmics заработува доста пари од фантастичните продажни на стриповите под име „Justice League Of America“.
Ова беше новост за Гудман, бидејќи последните години, стриповите со суперхерои бележеа загуби, особено во периодот на 50-тите години.

Веднаш по пристигнувањето во своите канцеларии, Гудман му нареди на главниот уредник Стен Ли да создаде конкурентски стрип. И така се роди „The Fantastic Four“. Работејќи заедно со Џек Кирби, овој наслов имаше доста плодни години.
Во периодот помеѓу 1961 и 1963, Ли ги претстави и „The X-Men“, „The Incredible Hulk“, „Thor“, „The Avengers“, „Iron Man“ и можеби нивниот најпознат херој, или барем најискомерцијализиран - „Spider-Man“.
Наеднаш, суперхероите беа назад во мода и уникатниот начин на пишување приказни на Ли направи револуција во индустријата. Пристигна „Маrvel Добата на стрипови“!

Човечки херои
Она што ги одделува суперхероите на Marvel од останатите е нивната човечка страна. Карактерите на Ли можеби можат да станат невидливи или да привлекуваат метал, но на почетокот сите тие најпрво биле вистински луѓе. Тие имаа маани, имаа слаби страни, и во случајот на Питер Паркер, водеа вистински борби за да си најдат девојка.

„Се обидов да им дадам автентичност, правејќи ги пореални. Кого познавате да има навистина совршен живот? Мене не ми е гајле колку е богат типот или колку е секси неговата жена“, изјавува Ли за неговите суперхерои.

Потчинувајќи го Холивуд
Од тие почетоци, Marvel стануваше сè посилен, преживувајќи го дури и поднесеното барање за стечај во 90-тите. Но, тогаш се појави една работа, која претходно цело време го заобиколуваше - Холивудскиот успех.

Кога суперхеројските филмови започнаа да доминираат на бокс офисот, од „Superman“ (1978) до „Batman“ (1989), тие сите беа наслови на DC. Маrvel делуваше дека не може да држи чекор и покрај фактот што беа купени од филмската компанија New World Pictures во 1986 година.

Филмските студија се „тепаа“ за правата за филмовите, но сè што добивме во тој период беше супер-ѓубре како „The Punisher“(1989) и „Captain America“ (1990).
И тогаш настапи хитот „Blade“ во 1998 година за кој малку се знае дека е еден од карактерите на Marvel. „Ликот беше скоро непознат, немаше дури ни свој стрип, туку беше дел од ’Tombs Of Dracula’“, се присетува креативниот директор на Marvel, Ави Арад. Но, франшизата успеа да заработи 1 милијарда долари и да го „поплочи“ патот за „X-Men“ (2000).

Наеднаш, Marvel Comics беа создавачи на хитови на бокс офисот и компанијата во 90-тите дури постави и своја филмска гранка - Marvel Studios. После ова, според Арад, патот низ Marvel универзумот беше лесен. „Можеш да фрлиш со стрела, да погодиш лик и да направиш хит филм под брендот на Marvel“, додава тој.

X - факторот
Листата на претстојните филмови на Marvel е импресивна, со продолженија на досегашните филмски остварувања на Мarvel и нови кои ветуваат доминација во иднина(Ant-Man, Dr Strange и други).

Новиот дел на „Wolverine“ со Хју Џекмен беше споменат како „лажна тревога“, но имајќи го Џејмс Менголд за режисер, изгледа дека дефинитивно ќе доживее своја премиера во 2013-тата. Приказната ќе се фокусира на „Јапонската сага“ на Логан, земена од ограниченото издание на сериите на Крис Клермонт и Френк Милер во 1982 година.
Х-факторот го одушеви Холивуд, со „X-Men: First Class“ на Метју Вон. Веднаш после успехот, почнаа да кружат гласини дека ќе се снима филм за стрипот „Deadpool“, каде ќе се појави Рајан Рејнолдс, ѕвездата од разочарувачкиот филм на ривалот DC, „Green Lantern“.

Со сигурност можеме да очекуваме да видиме продолженија на „First Class“, со истата екипа на актери, најмалку за уште три филмови. „Се надевам дека ’First Class’ ќе стане сопствена франшиза и дека ќе можеме да ги следиме додека растат“, вели продуцентот Лорен Шулер Донер.

Тимски играчи
Прекрстувањата на филмовите и соединувањето на ликовите очигледно е дел од филмскиот план на Мarvel. Тоа може да се забележи во „Iron Man“ и останатите претходници на „Avangers“. Но, со секој „упад“ во Marvel Универзумот, потребата да се зацврсти континуитетот помеѓу карактерите расте.

Тоа го знаеше и Кенет Брана, додека го подготвуваше „Thor“ и беше сосема свесен дека неговиот главен лик ќе се придружи на тимот, но тоа не го спречи да остави сопствен печат на продолженијата. Сепак, сè додека Стен Ли е еден од продуцентите на Marvel филмовите, нема да дозволи никој екранизиран стрип да потфрли во своето филмско остварување.

Денешно време
Неодамна „Captain America“ ги „нападна“ кината - еден од најстарите и најпознатите иконски ликови во Marvel универзумот со штит познат уште од првичното објавување на супер-патриотот во 1941 година.
Овој суперхерој беше создаден во 1941 година, во времето кога Америка длабоко навлезе во Втората светска војна и кога на Американците им требаше суперхеројска фигура која ќе ги поттикне да се пријавуваат во војска и во одбрана на земјата. Но, без оглед на огромната слава, супер-војникот секогаш ќе биде тежок за „продавање“ во кината, иако режисерот Џо Џонстон се обиде и успеа да се искачи прв на бокс офисот.

Со нецела година до појавувањето на „The Avengeres“ ширум кината во светот (4-ти мај 2012 година), тешко е да се верува дека и покрај снимките и видеата кои „протекоа“ од снимањата, приказната се држи во тајност. Само знаеме дека ќе биде нешто големо. Прашањето е само колку суперхеројски големо ќе биде...

Преговарањето на повторните појавувања на овие огромни ликови (и на ѕвездите кои ги играат: Роберт Дауни Џуниор, Крис Хемсворт, Марк Рафало, Крис Еванс, Скарлет Јохансон, Џерем Ринер и Семјуел Ел Џексон) низ продолженијата ќе биде еден од најамбициозните проекти во индустријата на 21-от век. Но, ако Marvel го изведе успешно, иднината на филмовите направени од стрипови може да се докаже дека е неуништлива!

via Кајгана
 

Kajgana Shop

На врв Bottom