Со оглед на новите бесрамни посегања на Бугарија по македонскиот револуционер Гоце Делчев (Македонец од Кукуш), да потсетиме дека Гоце се борел за слободна независна Македонска држава. Тој македонски идеал бил спротивен на иредентистичката велико-бугарска државна идеологија која се труди да ја освои Македонија. Според тоа, Делчев не може да биде херој за бугарската држава. Тој се борел за македонска државност, односно за утврдување на македонската нација.
Во писмо до Ефрем Каранов од 17 октомври 1895, на пр., Гоце Делчев вели:
- „Слободата на Македонија лежи во внатрешно востание. Кој мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите. …Ако востание може да се крене со 1-40 души, Македонија одамна ќе беше слободна државичка. Треба народ, но прво треба тој народ да се разбуди од петвековниот длабок сон, којшто го направил Македонецот доста дебел во свеста за човечка правдина. …Жално е што залудно ќе се изгубат најмлади сили, ќе се остават невини Македонки на самоволието на скотските и жестоки страсти на дивјаците и најпосле 5-годишни деца и 70-годишни старци ќе останат под јатаганот на Азиецот, и за сѐ тоа виновникот ќе биде одговорен и пред својата совест, и пред народот, и пред историјата“.
(ИЗВОР: 3борник „Илинден” 1903-1926 - Во спомен на големото македонско востание, книга петта, Софија, 1926, стр. 15-20)
Бугарските пропагандисти, политичарите и „историчарите“ се повикуваат на само едно писмо каде што Делчев, наводно, своерачно напишал „што да правиме кога си сме болгари“, за да би ја докажале наводната неговата „бугарска национална припадност“. Ова е класична манипулација на бугарската пропаганда.
Се работи за писмото на Гоце Делчев испратено до својот соработник и соборец Никола Малешевски (Кољо), во Софија, на 5 јануари 1899 г., каде меѓу другото пишува „што да правиме кога си сме болгари и СТРАДАМЕ ОД ЕДНА ИСТА БОЛЕСТ!“
Еве што напишал Гоце:
- „Отцепувањата и расцепкувањата никако не треба да нè плашат. Жално е, но што да правиме кога си сме болгари и сите страдаме од една иста болест! Ако таа болест ја немаше кај нашите прадедовци, од коишто ни е наследство, тие немаше да потпаднат под грозниот жезол на турските султани. Наш долг е, се разбира, да не се поддаваме на таа болест, но колку можеме да влијаеме на другитe?“
Кога го читаме цело, смислата на напишаното е сосема друга. Имено, Гоце тука всушност настапува со иронија и сарказам. Поентата е дека бугарското (но и грчкото) име во Македонија е болест, нешто наметнато, и дека Македонците страдаат но НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПОДДАВААТ НА ТАКВИТЕ БОЛЕСТИ. Веднаш потоа вели:
- „Сепак имаме нешто и од грчките болести – ‘колку глави - толку капетани’… Пустата слава! Секој сака да блесне, па не го знае фалшот на тој блесок. Тешко им на тие што страдаат под овие ‘комедии’.“
Според Гоце, бугаризмот и грцизмот се фалш-блесок на славата, болести на суетата.
Откако писмово ќе им се удри од глава, бугарските пропагандисти се повикуваат на Спомените на Константин Коце Ципушев и весници издавани во живковистичка Бугарија децении по смртта на Делчев. Спомените на Коце Ципушев пак, се издадени 1943., во наци-фашистичка Бугарија, кога исто така, се фабрикуваат бројни бугаристички фалсификати и манипулации.
Според белешките на бугарскиот писател Пејо Јаворов пак, Гоце Делчев во една прилика изјавил: - „Ќе го искинеме тоа було, и ќе грејне Сонцето на слободата, но не бугарското сонце!“
- „Повикот на Делчев - додека моето рамо крепи пушка, Македонија не ќе е достапна за бугарски офицер - многу јасно го карактеризира и како човек и како водач."
(ИЗВОР: Весник „Реформи“, бр. 28, Софија, 25 јуни 1905)
Во писмото од 1895., Гоце Делчев говори за Македонците како посебен ентитет и за посебна Македонска држава којашто допрва требало да се создаде. И во други писма на Гоце Делчев говори за Македонците, но и за бугароманските партизани, улави разбојници, шпиони, како сите спроведувачи на бугарската шовинистичка политика, од којашто најмногу трпел - македонскиот народ...
Гоце: - „Дали има народ што толку многу страдал од своите синови изроди, како македонскиот!“
(ИЗВОР: ЦПА, ф. 232, а. е. 19, л. 8-9)
Гоце: - „Голема надеж ми даваш за „Врховниот“ [ВМК], но да ти кажам ли, брате, тој комитет каков впечаток ми остави, како ми смрзнува крвта од нив, бидејќи јас не само што се сомневам дека ќе помогнат, туку и страхувам да не нанесат поголема штета на делото. Дека таму има луѓе, што мислат како нас (со мали но чувствителни разлики), лично се уверив, но „рибата смрди од главата”. Така е и со „Врховниот“, сè додека тој е раководен од такви лејки грандомани - генералот [1], оглупавениот од старост Ковачев [2] и други, дотогаш тој нема да тргне во правилната и нужна насока, дотогаш тој комитет ќе биде само на име врховен. Има надеж, ако младите ги управуваат горенаведените, но под услов тие млади да се млади и на срце, а не само на години.”
1* Бугарскиот генeрал Данаил Николаев од Бесарабија - председател на ВМК во 1895-1896.
2* Јосиф А. Ковачев, преродбеник и бугарски национален
деец родум од Штип, просветен деец и педагог, потпредседател на ВМК.
ИЗВОР: Писмо до Никола Зографов, 1896, ЦПА; ф. 232, а. е. 19, л. 3-4.
Повеќе крвни потомци на Гоце ја потврдуваат неговата македонска националност. На пример, Милан Антонов е син на Христина Делчева-Андонова, една од сестрите на Гоце. Тој напишал свои Спомени во 1970-те, но тие никогаш не се целосно објавени. Во необјавените записи пишува:
- „Гоце Делчев со сета своја револуционерна дејност и сфаќањата, има извонреден придонес во обликувањето и развојот на македонската национална свест. Не бугарска, не српска, туку словенско-македонска!“, вели Милан Антонов во своите необјавени Спомени.
(ИЗВОР: „Му забележувам на Гоце што се бореше за македонска нација!“, „Публика“ - неделен политички магазин, 11 декември 2010, стр. 6-8).