" ВИЗАНТИЈСКА МАКЕДОНИЈА " ОД САШО КОРУНОВСКИ И ЕЛИЗАБЕТА ДИМИТРОВА
Капиталното издание "Византиска Македонија" од Сашо Коруновски
и Елизабета Димитрова, во издание на "Просветно дело" АД Редакција "Детска радост", а во копродукција со реномираниот италијански издавач "Јакa букс", претставува најсеопфатен научен труд кој досега е објавен, посветен на средновековната уметност во Македонија, во периодот од IX до XV век.
Нејзината содржина го покрива временскиот период од доаѓањето на Климент во Македонија, сè до османлиската инвазија и се презентира како едно од ремек делата на македонското културно наследство, кое ги открива тајните на мајсторството на нивните творци, ги согледува креативните врски со византиските уметнички метрополи и го одредува придонесот на македонската територија во византиската уметничка продукција воопшто.
Промотори на ова антолошко издание во областа на историјата на уметноста во Македонија беа Неговото преосвештенство епископот хераклијски г. Климент и професорот Виктор Лилчиќ од Институтот за историја на уметност со археологија.
ВЛИЈАНИЕ
На почетокот Неговото преосвештенство епископот хераклијски г. Климент истакна дека при првото прелистување на нејзините страници се открива концептот на авторите, во кои тие селектирајќи ги највредните достигнувања во македонската црковна уметност од IX до XV век чекорат по трагите на византиските влијанија кај нас.
"Професорот Димитрија Облински во лексиката на современата византологија прв пат ќе го воведе изразот византиски комомвелт, изразувајќи ја синтезата на, од една страна, историјата на политичко-дипломатските, економските, црковните и културните влијанија на Византија кон народите на Источна Европа, а од друга страна, пак, влијанијата на тие односи во нивните културни традиции.
Примајќи ги карактеристиките на византиската култура, но и придонесувајќи за нејзиниот развој многу нации, меѓу кои и нашата, во еден момент од нејзиното историско постоење, станале жива 'клетка' на тој византиски цивилизациски 'организам'.
Градот на Константин Велики, во историски континуитет од цели 12 века, со мали исклучоци, речиси постојано бил извор и израз на таа цивилизација, која едноставно ја нарекуваме византиска цивилизација.
Во Константинопол се создавал и се усовршувал образецот на византиската христијанска култура-теологијата, хиерархијата, богосвештениот живот, црковната архитектура, иконографијата итн.
Македонија, иако континуирано а со различен интензитет, била под влијанија на тој центар, сепак успеала да генерира свои автохтони и карактеристични обележја, па затоа е оправдано да се говори за византиско-словенската симбиоза, која токму на македонската територија остварила врвни дела, пред сè, во областа на маркантното црковно творештво и најконкретно во храмот", вели епископот хераклијски г. Климент.
Тој потсети дека уметноста, творештвото и духовната култура воопшто во Византија е целосно под закрила на христијанството.