Британски документи за Македонците

Ч Е Н Т О

Методија Андонов
Член од
3 јули 2008
Мислења
1.698
Поени од реакции
1.615
Пред неколку месеци во подлистокот "Публика" на македонскиот дневен весник "Дневник" излезе еден фељтон со наслов: "Граѓанската војна во Грција во британската дипломатска коресподенција".

Фељтонот содржи делови од истоимената книга што неодамна ја издаде Институтот за Национална Историја (ИНИ) од авторите Тодор Чепреганов и Лилјана Пановска. Книгата е резултат на истражувањата во британските воени архиви. Во неа се поместени 119 документи, телеграми и депеши на британските дипломати од Балканот и од тогашните светски центри на моќ, што фрлаат нова светлина врз сознанијата за британската политика кон Грција во наведениот период, како и кон позицијата на Македонците во текот на Граѓанската војна во Грција.

На линкот го имате целиот фељтон (8 продолженија) во пдф формат:

ФЕЉТОН - ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА ВО БРИТАНСКАТА ДИПЛОМАТСКА КОРЕСПОДЕНЦИЈА

.
 
Член од
17 март 2005
Мислења
11.493
Поени од реакции
1.592
Уште еден документ за тоа дека нашите претци се нарекувале Македонци во 19. век, имале национална свест и силен стремеж за ослободување и создавање на независна суверена држава Македонија.

Извор:
http://macedonianspark.com/mk/istorijaideologija/opropaganda/484---1878----


Во извештајот од Британската парламентарен состанок одржан меѓу 3. декемри и 15. август 1879 годна (бр. на документ 79), забележана ерасправата за Отоманскот Царство.

Во прилогот на овие државни документи, под реден број 259 се наоѓа службениот извештај на вршителот на должноста Конзул во Солун, господинот Едвард Баркер, кој го известува сер АстинХенри Лајард, тогашен британски амбасадор во Истанбул, за состојбата во Македонија.

Од информациите кои ги добил од пристигнатите дезертери, тој наведува дека бројот на востаниците изнесува 15 000 добро вооружени востаници, со пушки од типот Хенри-Мартини, првите британски пушки од 1871 година, кои претходно Русите ги одзеле од Турците.

Понатаму, продолжува со информацијата од епископите, кои дошле во Солун во чест на Патријархот Јован, пред да биде пренесен во Истанбул, во која наведува:

„Тој изјави дека востаниците, кои себеси се нарекуваат “Македонци“, барале голема сума на пари од него за неговите епархјани, и понудиле да дадат (сметко)потврда, велејќи дека парите ќе бидат вратени кога тие ќе си ја повратат сопственоста на својата земја “Македонија“.

Бидејќи сумата била “претерана“, епископот пребегнал ноќта во Серез.







 
Член од
8 јануари 2012
Мислења
10.314
Поени од реакции
15.480
ДОКУМЕНТ ЗА МАКЕДОНИЈА ОД 1920 ГОДИНА
Британците во детали ја скицирале ситуацијата за Македонците и Македонија, ама мудро молчеле
Резултатот од европската интервенција во Македонија изостана. Ситуацијата ја влошувале и постојаните навлегувања во Македонија на грчки и бугарски чети, напишале британските специјалисти по Првата светска војна, пред кроењето на новата карта на Европа.
По победата на силите на Антантата во Првата светска војна почнале преговорите за прекројување на картата на Европа. Се разбира дека условите ги диктирале големите држави, меѓу кои била Велика Британија. Подготовките за мировната конференција во Париз (18 јануари 1919 - 20 јануари 1920 година) британската делегација, составена од 600 лица, ги сфатила сериозно и ангажирала голем број специјалисти: економисти, историчари, етнолози, политичари... за да подготват материјал за засегнатите земји, меѓу кои и за Македонија. Во материјалот што го подготвило Министерството за надворешни работи, Македонија била претставена од сите аспекти: историски, географски, политички, етнички, верски, економски...
Материјалите биле публикувани во 1920 година, а меѓу нив е и документот под наслов „Македонија“, објавен од Државниот архив на Р Македонија, во превод и редакција на Т.Чепреганов и Л. Пановска.
Политичка географија
Во првиот дел, Физичка и политичка географија, - Положба и граници, Македонија е претставена како целокупна територија во нејзините природни граници:
„Областа позната под името Македонија во разни периоди често се менувала и никогаш не се формирала како единствена административна единица... во скратена интерпретација за Mакедонија, границите се дефинирани како што следува: на исток, границата ја сочинуваат устието и долниот тек на Места, а линијата на поделбата ја следи сегашната бугарска граница преку планината Кашлар сè до планинскиот венец на Доспат. Продолжува на северозапад по горниот басен на Mеста кон планината Рила. Ја вклучува долината на Струма до близината на Ќустендил, ги допира јужните делови на поранешната српска граница во близината на Врање и ги следи планините Скoпска Црна Гора и Шар Планина до сегашната граница на Албанија. На југ, линијата оди по должината на височините на Шар Планина и планинскиот венец на планината Пинд. На југ границата ја следи старата грчка граница преку планините Хасија и Камвунија до Олимп. На југоисток е Егејско Море. Вака дефинирана Македонија го зафаќа централниот дел на Балканскиот Полуостров приближно меѓу 40º и 42 º 30` на северна географска ширина и меѓу 20º 30` и 25º источна географска должина“.
Но исто така е констатирано дека таа потпаѓа под три различни влади – српската, грчката и бугарската и прецизно се определени границите на српска, грчка и бугарска Македонија, претставени се планините, крајбрежјето, реките и езерата на целата територија на етничка Македонија.
Етнос и јазик
Зборувајќи за етничкиот состав на земјата, составувачите на документот ги набројуваат главните етнички групи и се задржуваат на Словените како најголем дел од популацијата.
„Словените во Македонија го сочинуваат најголемиот дел од популацијата. Изолирани од Словените од Србија и од Бугарија, сè до последните години, тие биле посебен народ сè до 1870 година. Меѓутоа, со формирањето на Бугарската егзархија во 1870 година... едни останале под Грчката патријаршија како што биле отсекогаш, други ја прифатиле Бугарската егзархија, а останатите ја признале српската национална црква... Македонските Словени зборуваат дијалект, или подобро кажано повеќе многу слични дијалекти на словенскиот јазик... Словените зборуваат еден или друг од многуте дијалекти на македонските Словени, кои се сродни со српскиот или со бугарскиот јазик... Во однос на религијата македонските Словени што ја признаваат Бугарската егзархија се повеќебројни од тие што ја признаваат Српската национална црква. Тоа е без сомнение историската причина поради која Бугарската егзархија, признаена од Турција во 1870 година, работела во поволни околности. Најдобриот тест за националноста на балканските Словени е, по правило, нивната лична свест; сепак, во последните години бил извршен толку голем политички притисок врз македонските Словени што дури и плебисцитот може да се стави под сомневање. Бугарите извршиле извонредна работа со отворањето училишта, а образованието несомнено направило многу за да ја стимулира бугарската свест...“.
Во однос на населението, се даваат податоци за бројот на жители на целата територија на Македонија, а потоа одделно за сите три дела – „грчка“, „српска“ и „бугарска“ Македонија, како и за приближниот број на различните етникуми во Македонија, но тој број, според авторите, е неверодостоен, зашто се разликува во зависност од тоа од кои национални организации е даден.
Постојани конфликти меѓу етникумите
Потоа, во вториот дел - Политичка историја – најпрвин е дадена хронолошка таблица на поважните историски настани на територијата на Македонија од 338 г. п.н.е. – битката кај Херонеја, кога Филип Македонски ја воспоставил својата власт врз Грците - до Букурешкиот мировен договор во 1913 година.
Текстот под наслов „Македонија во средниот век (околу 557-1430 година) почнува со следнава констатација: „Добро е да се знае нешто за праисторијата и уште повеќе за средновековната македонска историја, бидејќи во тврдокорните традиции на Блискиот Исток опстанале спомените за византиската, бугарската и српската хегемонија на земјата, на постојани конфликти меѓу етникумите, чии барања се совпаѓале. Така, иако ниту еден Англичанец не би имал претензии за голем дел од Франција под јаремот на Едвард III, Србите сè уште зборуваат за неговиот современик Стефан Душан како неговото крунисување за цар во Скопје да се случило вчера; Грците зборуваат за Александар Македонски и за Васили Бугароубиецот како вековите што поминале, гледано од последниот ден, да се еден поглед во ноќта. За Турците, кои беа најголемите натрапници во Европа, балканската историја, повторно отворена во 19 век, почна скоро точно таму каде што беше наеднаш прекината во 14 и во 15 век“.
„Вистинската етничка карактеристика на жителите на Македонија е нејасна“ – се вели понатаму – „но нема причина да се претпостави дека некогаш биле уништени, иако често биле напаѓани од странски сили или имиграција. Во старите времиња биле третирани надвор од елинската граница....иако нивната владетелска династија го истакнала своето барање кон грчката националност... и иако како кралеви на Македонија тој (Александар Велики) и неговиот татко Филип ја наметнале својата власт над Грците, јазикот и цивилизацијата на Грција, а не на Македонија, се тие што тој (Александар Велики) ги проширил насекаде во светот“.
„Македонското прашање се појавило пред 13 века, кога Словените мигрирале на Балканскиот Полуостров. Пред нивното мигрирање во Македонија, која сè уште претставувала „ветена земја“ за разните балкански етникуми, таа била интегрален и неоспорен дел од Византиската Империја. Токму долгото византиско поседување на Македонија модерните грчки писатели го сметале како силен аргумент во нивна корист“.
„Сепак, единствените вистински конкуренти за Македонија, со кои Грците морале да се соочат во раниот среден век биле Бугарите, кои во 679 година го окупирале делот од нивната сегашна територија меѓу Дунав и планината Балкан, што одговара на Дунавска Бугарија од Берлинскиот договор“.
Од 9 до 12 век, според авторите на овој документ, Македонија потпаѓала час под Бугарското Царство, час под Византиската Империја, сè додека во 12 век не се појавила Србија како најмоќна држава на Балканскиот Полуостров. „Стефан Душан (1331-55) ја освоил цела Македонија освен Солун... во 1346 година бил крунисан во Скопје, кое исто така го направил своја престолнина, како `цар на Србите и Грците`“, меѓутоа „неговото огромно царство се распаднало со неговата смрт“. Но со навлегувањето на Турците во Европа, Србите биле поразени во битката кај Марица, по Косовската битка 1389 година биле покорени од Турците, во 1393 година паднало и Бугарското Царство. Најдолго опстанал Солун, но и тој во 1430 година бил освоен од Турците. „Така, - заклучуваат авторите на документот, - од тоа време Македонија била политички под Турците, а црковно под Грчката екуменска патријаршија. Тие што не биле муслимани биле колективно класифицирани како „Грци“, без оглед на националноста... Скоро пет века Македонија останала под турска власт“.
„Македонското прашање, - се вели понатаму, - мирувало сè додека Турците-освојувачи продолжувале да ги задушуваат националните чувства на балканските народи, но тоа, како директно наследство од средниот век, се обновило веднаш штом започнале да се освестуваат балканските етникуми во 19 век... Во неговата сегашна форма, македонското прашање е директен резултат од формирањето на Бугарската егзархија... На 11 март 1870 година со ферман е формирана Бугарската егзархија. Таа го опфатила целиот Дунавски вилает, освен општопознатите небугарски градови и села како што е Варна, вклучувајќи ги градовите Ниш и Пирот, кои подоцна со Берлинскиот договор ѝ биле доделени на Србија. Понатаму, со ферманот се предвидувало и други места да можат да преминат под управата на егзархот ако две третини од населението го посакаат тоа... оттогаш христијаните и Грците повеќе не се поистоветуваа во европска Турција... Од тој момент започнала војна на нож меѓу патријаршистите и егзархистите, а Македонија станала бојно поле на ривалската грчка и бугарска пропаганда. Владиките станале пиони во политичката борба, а селаните се убивале едни со други во името на спротивставените црковни власти. Бугарската егзархија не донела мир, туку меч“.
Понатаму авторите се осврнуваат на договорите од Сан Стефано и Берлин: „Неуспешниот Договор од Сан Стефано, потпишан на 3 март 1878 година, станал бугарска повелба за Македонија, на која политичарите постојано се повикувале, а имал и долготраен ефект врз бугарскиот народ... Доколку договорот бил прифатен, ќе се обновеше бугарското царство од средниот век, безнадежно ќе се распарчеше Турција, со што ќе им се ставеше крај на грчките стремежи спрема Македонија...Но, договорот од Берлин ја исфрли Бугарија од Македонија, која, пак, по кратка постапка беше споена со остатокот од Турската Империја“.
„Формирањето на Бугарското Кнежество во 1878 година... ја зголемило важноста на Бугарската егзархија... Затоа било природно што Србија и Романија, согледувајќи го напредокот на Бугарија во Македонија преку издигнувањето на Егзархијата, да започнат да агитираат за обнова на српската Пеќка патријаршија, која постоела во средниот век... Црквите и училиштата станале омилено оружје на соперниците... Турската влада увидела дека зголемувањето на конфузијата кај македонските етноси била најдобрата можност да се задржи земјата... на тој начин Портата ги фаворизирала еднаш Бугарите, еднаш Србите, еднаш Грците, согласно нивните слабости или настојчивост“. По Грчко-турската војна од 1897 година „... како резултат на Австро-рускиот договор, кој бил насочен кон зачувување статус кво на Балканскиот Полуостров, македонското прашање било ставено во мирување. Меѓутоа... по две години Македонскиот комитет, кој имал свое седиште во Софија и ја сумирал својата програма во фразата „Македонија на Македонците“, во јануари 1899 година упатил петиција до големите сили препорачувајќи формирање автономна македонска провинција со Солун како нејзин главен град, под управа на генерален гувернер, `припадник на доминантната националност`...но ...Македонскиот конгрес во Женева не постигнал ништо благодарение на внатрешните разидувања и дејствувањето преминало на терен“.
Четите на Комитетот, според овој документ, продолжиле да предизвикуваат судири со Турците, но и со претставниците на странските пропаганди во Македонија. „Потоа дошло до расцеп во Комитетот на екстремен дел под раководство на Сарафов, кој фаворизирал сила, и на умерен дел, кој претпочитал легални начини и образовна пропаганда. Првонаведениот бил свесен за фактот дека европскиот печат единствено бил заинтересиран за балканските етникуми кога тие се убивале меѓу себе или кога им нанесувале штета на туѓинците. Целиот свет станал свесен за постоењето на македонското прашање кога Мис Стон, американска мисионерка, била фатена од група политички разбојници“.
--- надополнето: 3 февруари 2014 во 18:29 ---
„Австро-Унгарија и Русија, двете најнепосредно заинтересирани сили, имале исто мислење; нивните министри за надворешни работи се состанале во Виена и во февруари 1903 година го подготвиле планот за реформи во трите македонски вилаети Солун, Монастир и Косово, кој другите сили го поддржале... Султанот го прифатил австрорускиот план на реформи, но негов единствен резултат било зголемување на нередот...“.
--- надополнето: 3 февруари 2014 во 18:32 ---
Понатаму во документот се споменуваат акциите на четите, бомбашките атентати во Солун, заземањето на Крушево и поднесувањето на втората верзија на реформскиот план на Австрија и Русија познат под името Мирцштегска програма, подоцна проширен и со финансиски реформи. Меѓутоа, констатираат составувачите на документот, „резултатот од европската интервенција во Македонија изостана“. Ситуацијата ја влошувале и постојаните навлегувања во Македонија на грчки и бугарски чети. „Спротивставените страни, - се вели во документот, - кои ги добивале нивните титулари од грчкиот патријарх и од бугарскиот егзарх, а кои биле тајно охрабрувани од конзулите и од свештениците, се убивале меѓу себе во име на религијата... Таква била ситуацијата кога почнала Турската револуција во 1908 година“ – се вели во документот. „Револуцијата се родила во Македонија... Во Ресен, во близина на Преспанско Езеро, мајорот Нијази започнал револуционерно движење; така, во различни македонски градови Енвер-бег и Комитетот за првпат го прогласиле Уставот...“. Меѓутоа, „македонскиот меден месец не траел долго. Многу фалената еднаквост на етникумите во практиката се покажала дека значи забрана на нивните одделни привилегии заради лудилото на еднаквоста... а потоа, првпат во балканската историја, балканските држави донеле одлука еднаш засекогаш да го решат меѓу себе македонското прашање. Резултат на тоа била Балканската војна од 1912 година... Како последица на Првата балканска војна Македонија престанала да постои како турска провинција. Победите на четирите сојузници го протерале исламот од таа сериозно измачена земја. Македонија, ослободена од муслиманите, наеднаш станала јаболко на раздорот меѓу христијаните; Втората балканска војна била резултат токму на тоа. Тој конфликт, грчко-српскиот договор и третиот договор во Букурешт (10 август 1913 година) ги утврдиле границите на Грција, Бугарија и на Србија“.
 

Bratot

Стоик и Машкртник!
Член од
27 јануари 2007
Мислења
17.089
Поени од реакции
4.499
Член од
8 јануари 2012
Мислења
10.314
Поени од реакции
15.480
Черчил не дозволувал формирање самостојна и обединета Македонија!


Во кореспонденцијата на разузнавачите се споменува и меморандумот доставен од британскиот конзул во Скопје, Томас, а во кој, меѓу другото, биле дадени „јасни податоци за македонското прашање, целите на различните македонски групи, главните лидери“ и слично





Според британски разузнавачки документи

Британскиот премиер Винстон Черчил, по разгорувањето на антифашистичкиот отпор на Балканот во текот на Втората светска војна, побарал да се пристапи кон анализа на она што се случува во Македонија и да се испита можноста за испраќање разузнавачи на СОЕ.

- Откако била извршена анализа на состојбата, британскиот политички врв оценил дека во однос на Македонија треба да се внимава да не се дозволи остварување на идејата за јужнословенска федерација и посебно да не се дозволи реализирање на идејата за формирање самостојна и обединета Македонија - подвлекува проф. д-р Тодор Чепреганов, кој, истражувајќи во архивите во В. Британија и во САД, успеа да открие и да донесе голем број документи од британски и од американски извори поврзани со Македонија и македонската историја меѓу двете светски војни.

Според него, британската разузнавачка служба во почетокот на Втората светска војна се обидела да стапи во контакт со ВМРО, со структури што ги контролира Ванчо Михајлов, кои би можеле да извршат атентат на Хитлер. Во таа насока, во 1941 година биле ангажирани сите достапни британски разузнавачи на Балканот, а пред тоа, во август 1940 година, на состанок на поголем број британски агенти од повеќе служби, одржан во Истанбул, веќе е договорено да се воспостави контакт со Македонците од Скопје, Софија и од Солун. Контактот требало да го направи разузнавачот со шифрирано име Д/ХГ7.

- Британскиот амбасадор во Бугарија, Рендел, сметал дека е можно, одвреме-навреме, со „подмитување некои насилни елементи од Македонците што се против Михајлов“ да се обезбеди нивно активно учество на британска страна. Од своја страна експертите на Форин офис имале одредена резерва кон сугестијата на Рендел „за подмитување на Македонците“, односно не можеле да бидат сигурни дали на тој начин би можеле „да ги спречат Германците да ги употребат Македонците против Југославија и Грција“ - вели д-р Тодор Чепреганов, професор по историја на Факултетот за образовни науки, група историја, при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

На 3 јануари 1941 година разузнавач со шифрирано име ДХ42 ја известил британската разузнавачка служба (СО2) дека Иван Михајлов, кој тогаш се наоѓал во Унгарија, стапил во контакт со него и, меѓу другото, се согласил да одреди неофицијален претставник со седиште во Лондон, кој би ја известувал британската влада за македонското движење: „Претставникот, кој сега е во Женева, е образован човек, по професија адвокат, кој зборува добро англиски“.

Во меѓувреме, Британците примиле итна телеграма од разузнавачот Бејли, во која се нагласува „дека за успехот на мисијата на мајорот Тејлор би требало да се искористат Македонците“. Притоа се информира дека личниот секретар на Иван Михајлов, Стефанов, „би требало да дојде во Лондон за да се дискутира за македонскиот проблем“. Единствениот проблем бил како да се изведе тоа без да се вмеша британската влада. Решението го дал Бејли, кој сметал дека е потребно, за да се избегне инволвирањето на Владата, Стефанов да биде поканет во Лондон како гостин на полската влада. Во меѓувреме, разузнавачот со шифрирано име А/Д1 добил информација од Грција дека „Иван Михајлов е во Будимпешта и дека се обидува да воспостави контакт со Британците за доброволно ангажирање“, но грчкиот премиер „лично инсистирал да биде информиран дали е тоа точно, барајќи овој непомирлив непријател на Грција да се држи подалеку од неа“, подвлекува д-р Тодор Чепреганов, кој има откриено и обработено голем број документи од британските архиви.

Соработка без никакви политички обврски!

Планот за ангажирање на Иван Михајлов за почнување некаков отпор на Балканот предизвикал интересна размена на мислења меѓу британските служби и разузнавачи. Така, на 1 февруари 1941 година разузнавачот Д/Х2 го известува Д/ХY дека преку Д/ХР разбрале за чекорите што ги презема Форин офис во врска со ангажирањето на Иван Михајлов. Во тој контекст тој истакнува дека името што се споменува во преписката сигурно е „Ванчо Михајлов, бугарско-македонски терористички лидер“. Тој истакнува дека тој „човек не е во Истанбул“, нагласувајќи дека „ниеден член од нашата служба не треба да има ништо со овој човек и секој интерес што би произлегол како резултат на локалните контакти или обиди да се заинтересираат нашите членови за него мора енергично да биде обесхрабрен“. Ова тој го поткрепил со констатацијата дека во случај да биде „обелоденето дека Британците се во контакт со него на кој и да е начин, преку кој и да е канал, би била нанесена непоправлива штета на најважните политички односи, што јас ги изградив во Бугарија во изминатите четири месеци“. Тој побарал таа информација да им се достави на сите заинтересирани членови на разузнавачката служба.

- Во кореспонденцијата на разузнавачите се спомнува и меморандумот доставен до нив од британскиот конзул во Скопје, Томас, а во кој, меѓу другото, бил даден осврт за македонското прашање. Во меморандумот британскиот конзул дал „јасни податоци за македонското прашање, како и целите на различните македонски групи, главните лидери, статистика за населението, религијата на територијата што е предмет на разгледување“ и слично. Истото било потврдено и од придружното писмо на Кембел, кој, меѓу другото, истакнал дека македонското прашање, кое не било актуелно од времето на забраната за дејствување на ВМРО од страна на бугарската влада во 1934 година, повторно избило на преден план. Според него, тоа било резултат на давањето автономија на Хрватска во август 1939 година, „што од своја страна му дало нов импулс на македонското автономно движење“. Според размислувањето на разузнавачот А/Д1, единствено важно во испратените информации било да се „потсети Форин офис дека меѓу македонските лидери има човек што може да биде многу корисен за СОЕ“. Оваа интервенција предизвикала извесно поместување во ставовите на британските експерти. Тоа е очигледно од телеграмата испратена на 5 февруари 1941 година од Форин офис до Рендел. Во неа се истакнува дека е „одлучено да ги подмитиме протогеровистичките елементи, но под два услова, прво - „никому, освен на примачот, да не му се открие дека средствата за подмитување доаѓаат од страна на Владата на Нејзиното Височество“, и второ - „да не прифатиме никакви политички обврски“.

Сепак, на 26 февруари 1941 година одделот на СОЕ, СО2, добива информација дека шефот на една бугарска фабрика за тутун открил дека Михајлов, кој му бил личен пријател, во тој момент бил во Рим каде што соработува со силите на Оската, иако не го сакал тоа. Фабрикантот истакнал дека би можел да го доведе Михајлов во САД, каде што би работел за британски цели.

- Пристапувањето на Бугарија кон Тројниот пакт на 1 март 1941 година им ставило крај на британските намери да го ангажираат Иван Михајлов за организирање отпор против силите на Оската. Истовремено, земјата морале да ја напуштат и странските разузнавачи, а меѓу нив и британските, кои се повлекле во Истанбул и Анкара, од каде што ги изведуваат своите активности, кои се во многу помал обем. Сѐ до крајот на 1941 година Велика Британија нема свој претставник на територијата на Балканот.

Обука на атентаторот

Во меѓувреме, Иван Михајлов, по прогласувањето на Независна Држава Хрватска, со целосна поддршка од фашистичка Германија, „отседнува“ во Хрватска, каде што е ангажиран како советник на поглавникот на усташката држава Анте Павелиќ. Се разбира, британските разузнавачи продолжиле да работат на подготвување тајни планови за атентат на Хитлер. Во таа насока, бугарските претставници во Каиро го информирале Xулиус Емери од СОЕ дека можат да му понудат човек, Македонец, „активен член на една од македонските терористички групи…многу добар стрелец…кој не може да промаши лице на сто јарди со пиштол“, а кој бил подготвен да изврши атентат на Хитлер. Капетанот Емери стапил во контакт со Македонецот што требало да го изврши атентатот. Од разговорот со него разбрал дека основната причина поради која се решил да изврши атентат на Хитлер била во тоа што „имал рак и имал уште шест месеци живот“, па сакал „својот живот да го заврши славно“, а единствено што барал од Британците било да добие „посмртно одликување и грижа за неговата жена“. По неколкуте средби, капетанот Емери заклучил дека Македонецот е решен да го изврши атентатот, по што Британците решиле да пристапат кон негова обука.

Кога завршиле подготовките, атентаторот со лажен бугарски пасош бил префрлен во Лисабон, а оттаму во Швајцарија, каде што извесно време поминал во исчекување, за потоа да замине за Виена, каде што требало да пристигне Хитлер. Во Виена атентаторот успеал да се зближи со бугарскиот конзул и во контактите со него изразил големо восхитување за фирерот. Кога ја стекнал неговата доверба, го замолил, за време на посетата, конзулот да го претстави на Хитлер. Конзулот го информирал дека и тој самиот не знаел дали ќе има шанса да се поздрави со Хитлер, но истакнал дека се предвидува парада и во тој случај „би бил многу среќен“ ако Македонецот го удостои со неговото присуство во ложата од каде што би имал добар поглед на местото каде што требало да помине фирерот.

Според Емери, тоа била „златна шанса“ да се реализира подготвениот атентат на Хитлер, но „човековата природа е чудна“. Наместо да се притаи и да го чека часот на извршувањето на атентатот, Македонецот ноќта пред денот кога Хитлер требало да пристигне во Виена ја поминал во ноќен бар, како последна, бидејќи, според Емери, сметал дека „сигурно би бил убиен“ по извршувањето на атентатот. Во барот под дејство на алкохол атентаторот „наздравувал за неговото јуначко дело“, не откривајќи притоа што била неговата херојска намера. Во такво расположение, постојано наздравувајќи со барските девојки, од сакото му испаднале два пиштола. Девојките од барот сметале дека тоа „е малку чудно“ што човекот во барот носи пиштоли и повикале полиција. Атентаторот бил уапсен, одведен во полиција, но притоа никој не се посомневал во неговите намери. Полицијата по испитувањето го депортирала во Бугарија, од каде што тој го известил СОЕ за она што му се случило, додава д-р Чепреганов.



Автор: Блаже Миневски

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=3414723393&id=9&prilog=0&setIzdanie=23116
 
Член од
8 јануари 2012
Мислења
10.314
Поени од реакции
15.480
ЗА МАКЕДОНИЈА 1901-1904

Британски документи: „Треба да се повлече јасна линија меѓу бугарските и македонските работи“

Еве што британски дипломати му пишувале на својот шеф на дипломатијата во почетокот на 20 век: „Бугарите апелираат до Европа да им даде на Македонците реформи – автономија, кралство или република, без разлика што било, само тие да можат да се вратат во својата сопствена земја – тие дојдоа да бараат слобода, а им го зедоа лебот од устите на Бугарите“.



Кон крајот на XIX век, по Берлинскиот конгрес (1878 година), карактеристично за историјата на Балканскиот Полуостров е појавувањето и развојот на македонското прашање. Според решенијата на овој конгрес, Македонија останала во рамките на Османлиската Империја, а договорот постигнат во Берлин, за Македонија и за другите делови од Европска Турција, за кои се однесувал чл. 23, предвидувал делумна административна автономија, но османлиската влада немала намера да го спроведе во живот овој член. Во тоа време во соседството на Македонија се создавале државите Грција, Србија и Бугарија, а нивните големодржавни аспирации биле насочени токму на територијата на Македонија. Меѓутоа, овие држави воено и економски сè уште биле многу слаби за да преземат воени акции за освојување на нови територии, затоа почнале жестока верско-јазична пропаганда за придобивање на македонското христијанско население. Бугарската, грчката и српската влада не штеделе средства за отворање што поголем број бугарски, српски или грчки училишта и цркви, а набргу почнале и оружени судири меѓу приврзаниците на овие странски пропаганди. Во такви услови во 1893 година во Македонија била формирана Внатрешната македонска револуционерна организација, а во 1895 година во Софија, со обединување на македонските друштва, бил формиран Врховниот македонски комитет, кој ги изразувал барањата на македонските емигранти во Бугарија во однос на Македонија. Овие револуционерни движења, судири и борби на крајот на XIX и почетокот на XX век довеле до познатото Илинденско востание. Сè покомплицирана ситуација во врска со нерешеното македонско прашање го предизвикала вниманието на развиените капиталистички европски држави, чија цел било проширување на сферите на влијание и заземање на што повеќе колонијални поседи и пазари.

Четата на Чакаларов

За случувањата во т.н. Европска Турција, чиј дел била и Македонија, особено се интересирала Велика Британија. Таа настојувала да ги зајакне своите дипломатски претставништва во овој дел од Балканот за да ги следи одблизу случувањата и да ги брани британските интереси пред другите европски држави.

Зборникот „Британски документи за историјата на Македонија“ (1901-1904) содржи интересни информации за економската и политичката состојба, за револуционерното движење, верските судири и др., кои ги праќале британските дипломатски претставници до своето министерство за надворешни работи (Foreign Office).

Во овие документи, како и во целокупната документација од тоа време, припадниците на христијанското словенско население се именувани како Бугари, Грци или Срби, во зависност од тоа под власта на која црква се наоѓале – Бугарската егзархија, Грчката патријаршија или Српската православна црква, бидејќи османлиската држава ги имаше поделено своите поданици на верски, а не на етнички заедници и нивниот основен идентитет бил верскиот, а не националниот. Покрај тоа, тие често давале и неточни толкувања и оцени за настаните во Македонија, но сепак во некои извештаи среќаваме термини како „Македонци“, „македонски народ“, „автономна држава Македонија“, „Кнежевство Македонија“ и сл.

Еве два такви документи:

Во првиот, кој претставува писмо од британскиот амбасадор во Виена Франсис Планкет до државниот секретар за надворешни работи на Велика Британија, маркизот од Ленсдаун, од 9 март 1901 година, се прави јасна разлика меѓу Бугарите и Македонците, кои се непожелни во Бугарија, бидејќи „им го зедоа лебот од устите на Бугарите“.

Во почетокот на писмото амбасадорот Планкет му се обраќа на маркизот Ленсдаун со зборовите: „Ве молам да ми дозволите да Ви доставам краток извадок од еден извештај што денес беше објавен во весникот „Information“, во кој е изнесен бројот на офицерите, службениците итн., кои се родени Македонци, и какво влијание има тоа врз владата и администрацијата во Кнежеството (бугарското)“.

Следува извадок од статијата, во која се вели: „Статистичките податоци во врска со бројот на Македонците што живеат во Бугарија фрлаат јасна светлина врз македонското прашање. Според последниот попис на населението во Кнежеството, тоа изнесува 3.500.000 лица и од последниот попис во 1890 година има пораст од 600.000 лица. Порастот се должи претежно на емиграцијата од Македонија и од Одринскиот вилает. Емигрантите не носеле со себе ништо, освен своето знаење за разни видови трговија, во која се натпреварувале со Бугарите. Дваесет илјади Македонци се населиле во Софија, 8.000 во Пловдив, а во другите градови бројот на македонските населеници е во пропорционален пораст. Статистичките податоци покажуваат дека една третина од офицерите во бугарската армија се Македонци. Меѓу 86.000 учители има 2.600 Македонци, а меѓу 38.000 службеници 15.000 се Македонци. Четворица од осумте митрополити се Македонци по раѓање, а од вкупниот број 3.112 попови, 1.262 се Македонци. Понатаму, секоја година, во потрага по среќа, во Бугарија доаѓаат по 200 до 300 македонски студенти од училиштата во Егзархијата. На тој начин, јасно е дека македонското прашање многу одамна за Бугарија престана да биде само политичко прашање. Тоа повеќе наликува на прашање со внатрешно-економски карактер.

Четата на Јане Сандански

Затоа, Бугарите апелираат до Европа да им даде на Македонците реформи – автономија, кралство или република, без разлика што било, само тие да можат да се вратат во својата сопствена земја – тие дојдоа да бараат слобода, а им го зедоа лебот од устите на Бугарите. Европа мора, порано или подоцна, да ги сослуша овие апели, бидејќи нема сила на земјата што може да го запре македонскиот офицер, војник или учител да не ја преминува границата оттаму каде што востанието само што не избувнало“.

Политичка автономија за Македонија

Во писмото од британскиот генерален конзул во Софија, Ф.Х.Елиот, до државниот секретар за надворешни работи на В. Британија, маркизот од Ленсдаун, од 26 јуни1901 година, се констатира дека македонското движење треба да се дистанцира од големобугарските аспирации, и „да се постигне политичка автономија, со евентуален план за федерација со сите балкански држави“.

Еве што му пишува конзулот Ф.Х.Елиот на маркизот од Ленсдаун:

„Новиот претседател на Македонскиот комитет, професорот Михајловски, на 22 овој месец одржа говор, од кој Ви го доставувам следново резиме: Македонското движење мора самото да се спречи и да одбегнува секаков обид за примена на сила што може да доведе до катастрофа. Напорите на Македонците треба да водат во тој правец и да му покажат на целиот свет дека тие немаат панбугарски аспирации и оти тие се борат само за да ја добијат автономијата одредена со чл. 23 од Берлинскиот договор“. Понатаму тој ги наведува зборовите на Михајловски: „Да нема аспирации за соединување со Бугарија, да има потполна еднаквост на правата на целото население во Македонија, да се постигне политичка автономија, со евентуален план за федерација со сите балкански држави – такво треба да биде политичкото убедување на сите Македонци. Причината за неуспехот, како во
Бугарија така и во Македонија, е бескрајната внатрешна партиска борба што се води во Бугарија. Во иднина треба да се повлече јасна линија меѓу бугарските и македонските работи. Македонецот што се меша во бугарската партиска политика мора да се држи настрана од борбата за ослободување на Македонија, а Бугаринот што се посветува на македонската кауза мора да им го сврти грбот на надворешните и на внатрешните аспирации на Бугарија“.

Од изданието на Државниот архив на Република Македонија „Британски документи за историјата на Македонија“ (1901-1904)

http://www.mkd.mk/makedonija/treba-da-se-povleche-jasna-linija-megju-bugarskite-i-makedonskite-raboti
 

Kajgana Shop

На врв Bottom