- Член од
- 1 март 2010
- Мислења
- 7.888
- Поени од реакции
- 14.441
WALES
ВЕЛС
CYMRU
The dragons have landed!!!
Вратите на Европското првенство конечно се отворија за црвените змејови од Британија. После долги 58 години од првиот и засега единствен настап на светските првенства, во кој достоинствено се поклонија пред бразилците и младиот Пеле во 1/4 финалето, Велшаните конечно ќе можат да следат едно големо фудбалско натпреварување со патриотски набој во своите срца. Четата на Крис Колман, командувана од врховниот змеј Герет Бејл, прелета низ сите краишта на Европа во походот кон докажување на својата зрелост и спремност за настап во Франција, притоа претворајќи ги во пепел и прав екипите на Андора, Израел, Кипар и Белгија, единствено потклекнувајќи во Зеница, во битката за змејскиот трон на Европа против плавите Босанци. Како подготовка пред европското, Велс одигра пријателски меч само со Шведска во кој беше поразен со 3-0, а во март ремизираше со Северна Ирска и загуби од УкраинаВЕЛС
CYMRU

The dragons have landed!!!

Составот на Велс е целосно составен од островски играчи, со исклучок на Герет Бејл, за кого Британија се покажа како премала, па во 2013та замина на дообука во егзотичната Шпанија, што се покажа како одличен потег - игрите за кралскиот клуб му помогнаа на Бејл да го достигне својот фудбалски врв и да ја превземе командата над својата репрезентација, речиси сам преземајќи одговорност за сите добиени поени низ квалификациите. Освен Герет, ѕвездите се ретки во оваа репрезентација. Најзвучните имиња се Арон Ремзи, Џо Ален и Џо Ледли. Велшкото мото GORAU CHWARAE CYD CHWARAE (тимската игра е најдобра игра) одлично ја опишува оваа генерација на фудбалери, сплотена низ својата синергија и командувана од Бејл. Целосниот список на повикани фудбалери изгледа вака:


Колман преферира да игра со формација 3-5-2 или 3-4-2-1.На голот неприкосновен е Вејн Хенеси кој треба да го понесе целиот товар на својата позиција. Тежината на трите одбранбени столбови ќе ја носат Бен Дејвис, капитенот Ешли Вилијамс и еден од двајцата Џејмсовци - Колинс или Честер. Дуото дефанзивни крила е составено од Крис Гантер и Нил Тајлор, а Џез Ричардс својата шанса ќе ја чека од клупата. Составувањето на средниот ред ќе зависи од нивото на подготвеност на играчите, особено Џо Ледли кој се опоравува од фрактура на ногата, па така доколку сите се здрави и спремни до 11 јуни, Ален и Ледли треба да ја држат средината на теренот, Арон Ремзи да биде поврзувачката алка меѓу овие двајца и Герет Бејл, а местото во шпицот ќе го завземе Робсон-Кану. Доколку фитнес тренерите не успеат да се справат со повредените играчи, тука се Енди Кинг кој ќе го замени Ледли и Сем Воукс кој би стартувал во шпицот. Освен овие двајца, шансите за некој друг играч од клупата да стартува и да влијае во голема мера на велшката игра се минимални.

Исто како и во квалификациите, среќата им се насмевна на змејовите при жрепката за групната фаза, па така ги избегнаа Италијанците и Швајцарците од вториот и Швеѓаните и Полјаците од третиот сад. За разлика од овие репрезентации, Русите и Словаците влеваат огромна надеж дека можат да бидат надиграни.
Велс своето деби на европската сцена ќе го има на 11 јуни во 18:00 часот на стадионот во Бордо против Словачка, со која имаат скор од 1-1 во меѓусебните дуели. Копјата ќе ги вкрстат клупските колеги од Ливерпул, Шкртел и Ален и двајцата лидери Хамшик и Бејл. Прв од двата натпревари за да се биде или не за двете репрезентации, во кој фаворитската улога е во сосема мала мера на страната на Словаците, главно поради искуството на фудбалерите кои беа дел од одличните игри на Светското првенство во Јужна Африка.
15 јуни е денот резервиран за Британското дерби. На стадионот во Ленс, во 15 часот, Велшаните ги чекат трите Англиски лавови, во ремонтиран и подмладен состав. Кејн, Руни и Варди во целата своја моќ ќе удрат на велшкиот змеј, во битка до последен здив. Велшаните во тотално подредена и аутсајдерска улога, ќе атакуваат на бод кој за нив ќе биде голем како планина, но покажат ли лавовите и најмал знак на гордост и опуштање, лукавоста на змејот сигурно ќе изнајде начин за да го зграпчи целиот плен.
Тулуз, 20 јуни, 21 часот. Денот Д за Велс. Доколку излезат со празни раце од двете претходни битки, во оваа ќе мораат од самиот почеток да атакуваат на победа. Руските орли со поткастрени крилја доаѓаат во Франција, откако Џагоев и Денисов се повредија во подготвителниот период, но историјата е на нивна страна - трипати досега го поразиле Велс, еднаш ремизирале и ниту еднаш не доживеале пораз. Олеснувачка историска околност е дека од 2008 наваму, Русите на два пати не успевале да ја пројдат групната фаза, па за очекување е и оваа година да имаат потешкотии во мечевите од групната фаза.
Доколку Велшаните како третопласирана репрезентација се изборат за 1/8 финалето таму ќе налетаат на еден од победниците од групите Ц или Д, што најверојатно би биле Шпанија и Германија. Ако се пласираат на второто место, копјата ги вкрстуваат со второпласираните од групата Ф во која се најдуваат Португалија, Австрија, Унгарија и Исланд, а пак доколку приредат огромно изненадување и ја освојат групата Б, во 1/8 финалето ги чека третопласираната репрезентација од групите А, Ц, или Д.

*поради моите лоши уметнички способности, морате да ги замислите крилјата на грбот и огнот од устата*
Бејл ја вкуси Лигата на Шампионите оваа година и сега е гладен за уште еден трофеј. Ќе мора ли сам да го носи целиот товар на своите плеќи или ќе добие помош од своите сонародници? Ќе успее ли да зоврие неговата змејска крв? Можат ли велшаните 24 години по Данска, 12 години по Грција и само два месеци по Лестер да приредат уште еден фудбалски шок?