Тешко дека денес може да дојдеме до позитивен разултат, мислам дека и генерално групата ни е премногу тешка за да се надеваме на некој посериозен успех.
Уште кога беше ждрепката пишав тука, мислам дека се поголеми шансите да завршиме со 6/6 порази, отколку да ја поминеме групата.
И не е ова потценување на нашата екипа, едноставно играме со поискусни и поквалитетни противници, една до две победи ќе бидат премија за нас.
Сепак најбитно е што после четири години повторно сме дел од ракометната Лига на шампиони.
Штета што медиумски не знаеме да продадеме производ, инаку имаме материјал за снимање и пишување како никој друг во ракометниот свет.
Сум кажал и претходно, засекогаш ќе ми биде криво што за втората наша титула не снимивме некој квалитетен документарец кој ќе остане за идните генерации.
Сигурен сум дека со добра продукција можеше да се направи филм кој ќе беше хит во целиот спортски свет.
Приказна за клуб од една мала држава, без никакви парични средства, со лојални играчи и со силна поддршка од пубиката, успеваат да ги победат сите и стигнуваат до европскиот врв.
Стварно ретки се таквите приказни во денешниот спорт.
Еве и Србија конечно доби свој претставник, без разлика што Партизан е во група со Фуксе Берлин, Веспрем и Порто (практично без никакви шанси за поминување на групата), овие одма направија два поткасти, првиот на Жика Богдановиќ, другиот на Петар Џорџиќ.
Гости сите поранешни и актуелни репрезентативци на Србија, приказни и анегдоти безброј.
Сигурно и пред натпреварите ќе има студиски емисии на Арена, интрвјуа со сите играчи и се останато.
Со какви само суперлативи зборуваат за Вардар и Скопје, за нас како публика, за атмосферата во Јане Сандански, за ракометот во Македонија...
Мислам дека ние не сме ни свесни како изгледаме во очите на сите љубители на ракометот од целиот свет.
Повеќе од 15 години имаме чест со настапи на репрезентацијата на сите големи натпреварувања, цело тоа време по некој претставник во ракометната Лига на шампиони, две титули на Вардар, европски трофеи на Охрид и Алкалоид, гостување на сите најголеми гиганти и ракометни ѕвезди, убедливо најдобра публика и атмосфера на ракометен натпревар и ЕДИНСТВЕНА ДРЖАВА ВО СВЕТОТ КАДЕ РАКОМЕТОТ МОЖЕ ДА СЕ НАРЕЧЕ СПОРТ БРОЈ ЕДЕН.
Без разлика на резултатите, оваа сезона треба да биде главно за стабилизација на клубот, а ние како публика да дадеме максимална поддршка и само да уживаме во натпреварите.
Имаме нешто со кое никој друг не може да се пофали, само нека продолжува приказната.
Со среќа уште една нова сезона на Вардар во Лигата на шампиони!