Со години не ме барале во Македонија. Чекај - ова не е пост од типот на, да ми помогнат во најтешкото, бла бла.. патетики од муабет. Туку општо, еве ич нека не помагале. Ми се роднини, ниту еднаш немаа интерес за мене за цело тоа време додека бев таму, повеќе од 20ет години. Хеј здраво, кај си братучед, како е? Ќе беше доволно. Но ова го немаше и се гледавме еднаш во 6 години.
За помалку од 2 години во 'туѓина', интересот е тука.
Роднини кои иако по крвна линија, се најблиску до мене, не ми биле ниту на матура, ниту на апсолвентска. Ниту на бранење на дипломски труд. Едноставно со години ги немаше да се јават, јас и моите бевме проклетата страна на фамилијата, нели татко бранител и тешко болна мајка. Тоа не е прогноза за добар живот. Од нас стоеа настрана во фазонот на - на несреќата не и дозволувај ниту на врата да ти затропа. И сега што има да разговараме. Кајгано, не сум огорчен ни најмалку. Имав луѓе во Македонија кои ја прегрнаја мојата несреќа, кои ме сакаја каков што бев и без перспективи, тоа беа луѓето од Уиверзитетот. Фамилијата која ја одбрав и ме одбра. И одамна го надминав ова.
И еве да го послушам татко ми сега, да им кренам слушалка. Што ќе си правам муабет со нив? Што муабет ќе биди тоа, едно незгодно, еј како си?
Јас бев несреќата. И нека остани тоа така. Ете цела нивна блескава фамилија е Австралија. Архитекти, новинарки, луѓе со фирми имаат по фамилијата, режисерки, се дружат со арапи, оу шефот на Атлантис хотелот им е деловен партнер. Куќи на плажата Сурферс Парадајс на Голд Коаст со астрономски цени - какви што јас нема да си дозволам Швајцарија, и тоа е во ред. Еден треба да мрдни со прст и сите ќе ги повлечи таму. Нив им посакувам се најубаво во животот - ослободен од иронија и сарказам, најчисто. Убав живот за нив. Ама не до мене. Јас ќе седам во Европа, сам.
Една колешка има слика од Густав Климт над спалната (Морска Мома, со толчено злато изработена). Само што влеговме и велам оу вау австриецот Климт. Ја крена веѓата, па заклучи, "а зошто воопшто сум изненадена, ти ги сакаш работите што ги сакам јас." Фамилијата што ја одбирам.
Едит. Ќе им кренам слушалка. Ќе го послушам татко ми. Фарса. Апсурдот на векот.