„Нова Македонија“ ги објавува најинтересните детали од животот на македонскиот иселеник Гојко Јаковлевски, алијас Гоце Македонски, легендата на македонската емиграција во Европа. Јаковлевски во македонската јавност и во дијаспората е познат по својата борба за слободна и обединета Македонија во Европа без граници, како и по фамозната кафеана „Ново Скопје“ во Берлин, збиралиште на вистинските македонски патриоти. Преку перата на авторите Александар и Ставре Џиков, „Нова Македонија“ во неколку продолженија ќе ве води низ страниците на полициско-политичкото досие на Јаковлески на некогашна УДБ-а и низ неговата кариера на докажана бескомпромисна борба за Македонија
Драган Богдановски живее во Париз кај Павле Митровски, на ул. Мажента бр. 88. Тој интензивно ќе контактира со Гоце Македонски. Еве две писма од неговата писмена кореспонденција од 15 јануари и 5 февруари 1977 година од кои ќе се види низ какви искушенија минува Богдановски и со какви тешки проблеми секојдневно се судира:
Драги Гоце,
Еве најдов време да ти се јавам со неколку ретчиња. За здравјето не зборувам бидејќи немам време да мислам и на него, но се надевам дека ти и твоето семејство сте сите добри со здравјето. Завчера, кога зборувавме телефонски, ти реков дека би било добро и корисно што побргу да се сретнеме пак, бидејќи на патот искрснаа некои проблеми и прашања за чие решавање ми се потребни твои совети и помош.
Мислам дека на минатата наша средба јас ти кажав дека австралискиот дел од ЦК на ДООМ испрати меморандум до Президиумот на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, во кој молеше морално и материјално да ја помогне борбата што ја води ДООМ. Меморандумот беше предаден од тројца членови на ЦК на ДООМ во август 1976 година. Во Комунистичка партија на Југославија во Западна Европа добивме вест дека јас треба да појдам во Стокхолм во советската новинска агенција „Новости“, каде што од советската страна ќе ми бил даден устен одговор на нашиот меморандум. Ваквиот начин на одговор мене не ми се бендиса и јас решив да не одам во советската агенција во Стокхолм, а за ова мое решение ги известив и членовите на ЦК на ДООМ во Австралија. Тие, сите до еден, остро ме осудија што не појдов кај Советите, добив писма во кои ми пишуваат дека работам и донесувам решенија самоволно. Ми се заканија дури дека на идниот конгрес на ДООМ нема повеќе да ме избираат за претседател...
Со срдечни братски поздрави твој Драган Богдановски“
П.С. Поздрави големи на војводата Мане.
Еве што пишува во второто писмо:
„Драги Гоце,
Пред сѐ, те молам да ми простиш што задоцнив да ти се јавам. Со здравјето не сум добар, ме стегна еден опасен грип. Настинав минувајќи ја границата, налетав ноќно време на германска гранична патрола, па морав да лежам три часа во една шума и тука настинав. Освен тоа, за Божиќ и за Нова година добив многу честитки и друга кореспонденција, па не знам кому побргу да му одговорам...
Гоце, изгледа имаш толку многу пари што повеќе и не ги броиш, ами така ги расфрлуваш со лопата. Ти ми рече дека ми даваш 3.000 марки, јас парите така ги свиткав во џебот, но потоа заклучив дека си ми дал 3.500, а не 3.000. Да даде Господ и во иднина така да грешиш! Од тие пари јас 2.000 марки испратив за печатницата, а кога дојдов во Париз купив и една голема, канцелариска, на која ќе биде чукан во иднина „Илинден 1903“. Ти благодарам уште еднаш за оваа драгоцена помош...
Твој Драган Богдановски“
Полициските извештаи на Вториот сектор на Службата за државна безбедност-СДБ од Скопје за деновите 17, 18 и 19 февруари 1977 година, преку нивниот извор „ЕЛАС“ од Минхен, соопштуваат за непрекинато деноноќно следење со физичка придружба на средбата на Драган Богдановски со Гојко Јаковлевски во Минхен, каде што во тоа време се наоѓа печатницата „Логос“ на весникот „Македонска нација“, како и за заминувањето на Богдановски во Бремен, а на Јаковлевски во Берлин. Изворот „ЕЛАС“ од Минхен телефонски во овие денови ја известува тајната полиција постојано за движењето на Драган и на Гојко.
Богдановски ќе учествува активно во подготвувањето на четвртиот конгрес на ДООМ. За таквата негова активност Богдановски од Бремен ќе го извести Гоце Македонски.
Враќајќи се во Париз на 5 мај Богдановски ќе биде ненадејно уапсен од југословенската тајна полиција. Го предава Македонец, кој во Париз држи хотел и ја помага долго организацијата. Префрлен е во Љубљана, а оттаму со воен авион во Скопје. Околу две години тајно ќе биде чуван на планинскиот дел на Караџица во забранетиот ловен резерват, во близина на Скопје. Постојано ќе биде надгледуван и испитуван од инспекторите на УДБ-а за да ги открие луѓето, нивната мрежа и дејноста на организацијата во Европа и во светот.
Веста брзо проструи во емиграцијата и така се разбра за апсењето и робијата на Богдановски во затворот „Идризово“. Веднаш Гоце Македонски оди кај Миле Илиевски во Гетеборг. Заедно со него во Малме поднесуваат писмено барање до бирото Амнести интернешнел за да дознаат нешто повеќе за судбината на Богдановски, кој веќе се наоѓа во затворските ќелии во „Идризово“.
Читајќи ја белградска „Политика“ и скопска „Нова Македонија“, Гоце ќе разбере и ќе му се потврди дека Богдановски е осуден на долгогодишна казна затвор. Единствена кратка вест за судењето на Драган Богдановски ќе објави францускиот престижен и многутиражен весник „Пари мач“, како и белградски „Борба“ и „Политика“.
За тоа време во Република Македонија тајната полиција ревносно го обработува патриотското дејствување на Гоце Македонски во Западен Берлин. Испостава на СДБ Гостивар со ЕВ. бр. 337 од 7 ноември 1977 година го пререгистрира досието на Гојко со ново име „Гоце“, што е забележано во документот:
„Предметот ќе го носи псеудонимот „Гоце“. Податоци кои укажуваат за постоење на непријателска делатност, а се однесуваат на: Гоце како апсолвент на Шумарскиот факултет во Скопје во 1961 година со група студенти биле на научна екскурзија во СРГ и тогаш тој одбил да се врати во земјава и останал да живее таму. Во 1968 година во З. Берлин Гоце отворил своја приватна кафана „Ново Скопје“, која постанува свратилиште на многу екстремни емигранти од нашава република, а под чие влијание потпаѓа и самиот.
Делува од националистички-сепаратистички позиции. Неговата платформа е обединување и стварање на самостална Македонија со прозападно општествено уредување. На неговите јеловници што ги држи во кафаната, како и на рекламните кибрити на кафаната ја има нацртано обединета и самостална Македонија. Член е на ЦК на ДООМ во З. Берлин. Бидејќи Гоце финансиски многу добро стои истиот е финансиер за купување печатница во која ќе се отпечатува „Македонска нација“, како и други разни материјали уперени против нашиот систем. Според непотврдени сознанија за време на неговото школување на НР Бугарија, каде што завршил гимназија, истиот бил ангажиран од страна на БРС (Бугарската разознавачка служба н.з.) за извршување нивни задачи. Со цел да се проверат, расветлат и документираат добиените сознанија ќе се превземат следните оперативно-технички и други мерки:
Ќе се изврши ангажирање на соработник и опер. врски од средината во која Гоце се движи и работи.
Пошироко проучување на личноста на Гоце и неговото потесно семејство, како и неговите пријателски и други врски во земјава. Во врска со ова ПОО (ПОО - претходна оперативна обработка н.з.) да се изготви посебен план на работа.
Да се оформат податоци како за самиот Гоце така и за неговото потесно семејство. Да се изготви преглед на лица кои работат или работеле во неговата кафана „Ново Скопје“ во З.Берлин“.
Со ист датум следува документ од истата испостава од Гостивар, каде што за него има лични податоци Гоце Делчев (Јаковлевски Гојко) и за неговото потесно семејство. Покрај тоа, во овој документ е запишан следниов податок: „Гоце во 1971 година со решение број 13-3040 од 28 август 1971 година по негово барање го промени името и презимето од Јаковлевски Гојко во Гоце Делчев“.
(Продолжува)
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=10412840341&id=17&prilog=0&setIzdanie=
.