Не знам зошто сето ова се доживува како да е од вчера за денес. Ова што сега го сведочиме е долг процес, сега само се создале идеални околности за да се спроведе на дело. Бугарите, исто како и Грците осетија моментум. Ваква власт што има ставено држава на продажба тешко се пропушта.
Алегорија е муабетот кога синот ќе го наследи имотот и ќе го стави на продажба. Купецот го прашува: - ти го печалеше ова, а синот вели: - не, татко ми и дедо ми.
- штом е така лесно ќе се договориме за цената.
Оваа држава е градена врз туѓа жртва, врз идеалите на креаторите на АСНОМ и Илинденците, преродбениците и.т.н.
Ние три декади не дадовме никаква сопствена жртва, оти градењето на држава бара и самоодрекување. Ние само ја експлоатиравме жртвата на нашите предци, капиталот кој што ни го оставиле, и духовен и материјален, го распродадовме и се деградираме на степен на народ кој што живее на недефинирана територија со недефиниран идентитет.
Има некои кои што ова го нарекуваат жртва за подобра иднина. Ние го жртвувавме идеалот на нашите предци, затоа што не сме спремни да дадеме сопствена жртва, и се тоа само за да задржиме некаков си комодитет во кој што единствени кои што гледаат бенефит од него се политичките елити и тесна група избрани опортунисти околу нив.
Ја продаваат државата, идентитетот, културниот и духовен капитал во замена за ЕУ фондови и грантчиња, за да ја продолжат оваа агонија и да купат уште малку време за себе, оти ова е држава на апарати веќе.
Затоа што ова е последниот капитал што остана, се што беше материјално се искраде и приватизира, а кредитот за задолжување достигна плафон.