“Слободен печат“, на 23 февруари 2018 година, пренесе опширен текст на Фрчкоски од “Либертас“, насловен “Срамна сурија“. Претпоставувате дека е тоа плукање на 200 интелектуалци и нивниот апел “Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“ За нив тој вели – “Тие не се предводник кон никаде и кон ништо, тие се талог што останува“ и додава – “Кој хохшташлерај во лажење и фалсификување на позиции и факти е тоа?“, за да заклучи – “Треба да исчекориме во слобода, која за нас е моќна и досеглива сега и тука“…
Интересно е што спомнатиот не мислеше секога така. Дали порано беше поумен или сега му дојде паметот, ќе мора самиот да ни објасни. Инаку… Еве негови конкретни цитати.
- Интервју со Сашо Орданоски во “Фокус“, во 2002, кога самиот се најавуваше како нов “преговарач“:
– “Оптимистичка верзија на ваквото привршување на спорот би било согласност врз основа на двојната формула за името:
Република Македонија за цел свет и за сите меѓународни организации, а друго име за кое би се преговарало за употреба во билатералните односи меѓу нашите две земји…“;
– “Ако преовладее песимистичката варијанта, да не се најде решение, а ние немаме намера да го менуваме нашето име во меѓународната комуникација, ниту некој може тоа да го направи, тогаш разговорите ќе се привршат со извештај од страна на Нимиц дека спорот не е успеано да биде надминат“;
– … досега немаше наши предлози. “Затоа сме завршиле со туѓи предлози на маса, било грчки или на посредникот. Такви до сега има пет и сите се според формулата едно (ново) има за нашата држава и сите се неповолни и неприфатливи за нас. Некои од нив се објавија во медиумите, како ’Горна Македонија’, ’Република Нова Македонија’ и ’Република Македонија Скопје’ (во три верзии: со цртичка, заграда или запирка пред Скопје)“.
- Колумна во “Дневник“ (“Кога може Пентагон, треба да може и Европа да не вика Македонија“, 29. 03. 2003):
– “Апсолутно немам намера да ги толерирам повеќе на ниту еден јавен настап и дијалог белосветските дипломатчиња кои доаѓаат овде и ни се обраќаат со термин ВАШАТА ЗЕМЈА, ОВАА ЗЕМЈА…“.
- Колумна во “Дневник“ (“За минатото“, 25. 05. 2004):
– “Нашето паметење, сета наша историја, антропологијата на идентитетот се поврзани со ИМЕТО. Не смеат да ни ги земат паметењето и само идентификацијата. Ќе не осакатат дефинитивно ако не НАЧНАТ на тоа прашање. Таа неодговорност и отвореност што ја остави Глигоров мора да ги доврши и затвори Бранко и никој друг“;
– “Ние, драги мои, мора да се ОТКАЧИМЕ ОД ТОА ПОСРЕДНИШТВО (Нимиц м. з.). Мора конечно да се одвоиме од тезата дека имаме СПОР со некого за нашето име“.
- Изјава во “Дневник“ (“Членот 8 од предлогот на Нимиц мора да отпадне“, 28. 02. 2008):
– “Уставна Република Македонија може да се појави како компромисно решение, што за нас е апсолутно не прифатливо“.(?!?)
- Колумна за “Дневник“ (“Кон македонскиот глобализам“, 26. 02. 2008):
– “Како сега по две и пол илјади години на Македонците можете да се дрзнете да им поставите граници и да им ’дробите’ услови за Шенген? … Глобализацијата е македонски код што тие го носат внатре во својата ДНК низ концептот на мултикултурализмот“;
– “Имено, првата глобализација во историјата е македонската, на штитовите и копјата на фалангите на Александар е поврзан светот на цивилизациите и тоа е направено со концепт (а не едноставно од алчност). Имено, во една полемика меѓу Александар и Аристотел (и двајцата се разбира Македонци) Александар се спротивставува…“.
- Интервју во “Граѓански“ со Катерина Блажевска (“Власта го клати идентитетот на Македонците“, 27. 10. 2012):
– “Не се расправа за антиквизацијата бидејќи нашите корени во словенството и во писменоста се длабоки, но тој процес (Груевски и компанија м. з.) го водат во реалната политика преку клатење на идентитетот на Македонците“;
– “Дури и да ни дадат некаков подарок во декември, пак немаме капацитет да го решиме со оваа елита, бидејќи решила да не се потпишува под акт со кој се менува името Република Македонија. End of story”.
- Интервју во “Нова Македонија“, како претседателски кандидат на СДСМ и НСДП (“Македонија нема да го смени името“, 17. 03. 2009):
– Промена на името е погрешно прашање. Се работи за име за надворешна употреба, а не за промена на името. Промена на име нема да има. Ние ќе бидеме Република Македонија. Нашето уставно име нема да се менува. Второ, гаранциите за нашиот идентитет, јазикот и терминот македонски за јазикот и националноста треба да бидат гарантирани. Не само дека за нив нема да се преговара, туку треба дополнително да бидат гарантирани во некој облик на преговорите. Имаме такви решенија. Треба да ги обновиме. А треба да се најде име за надворешна употреба кое треба да го замени акронимот ФИРОМ“;
– “Име за надворешна употреба кое ќе го замени акронимот ФИРОМ, е подобро од името Република Македонија (Скопје);
На прашање од новинарот Венцо Донев – “Како се чувствувате, како антички Македонец или како Словен“? – Фрчкоски одговара:
– “Се чувствувам како Македонец државјанин на Република Македонија. Таа владина дилема не ја прифаќам, која ни ја наметна оваа владина гарнитура, ја одбивам со резигнација“.
- Интервју во “Дневник“ (“Изолацијата не води директно во амбис“, 26. 08. 2008):
– “Јас сум склон кон почисти решенија, без загради и без црти, значи Северна Македонија или Горна Македонија“;
– “Горна или Северна Македонија е термин за оваа Македонија употребен од Римјаните за последниот судир со фалангите, во Битола во 1 век пред н. е. Од друга страна никако не го загрозува идентитетот, бидејќи со овој пакет ние можеме да бидеме, на пример, Македонци од Северна Македонија а не Северномакедонци. Тоа е драстична разлика“;
– “Последниот обид на туркање кон решение ќе биде во септември или октомври (2008) и навистина ќе биде последниот“;
– на прашање – што значи враќањето на двојната формула како решение, Фрчкоски одговора – “Тоа би го коментирал како ноќна полуција на премиерот ништо повеќе од тоа. Бидејќи тоа е несериозно. Тоа нас не прави само комична фигура на судирот…“;
– “Северна е во ред, неутрално е, бидејќи историски има и горна и северна“.
- Колумна во “Дневник“ (Сто грама кафе и хулахопки“, 05. 01. 2010):
– “Во конечниот биланс нашата позиција би требало да очекува да остане со: непроменет Устав и 60-тина земји кои не признаваат со уставно име; име за замена на ФИРОМ, Република Северна Македонија – во меѓународните организации, плус 60-тина земји кои го прифатиле тоа ново име во комуникација со нас; наша не монополска можност да ги користиме придавките ’македонски’ за јазикот и етно нацијата (можни се објаснувања во фусноти за кои Македонци станува збор) и то!“;
– “Името е веројатно договорено како Република Северна Македонија. Останува да се преговара со третата страна (САД или претставници на ЕУ, а не со Грција) … да ги користиме непречено придавките ’македонски’ за јазикот и етно нацијата, независно од можноста Грција формално да се противи“.
- Изјава на дебата на 7. 10. 2013, цитирано во “Република“ од 11. 10. 2013:
– “Не Горна Република Македонија, за нас е клучот Горна Македонија, тоа е ознака на државата. (?!?) Тоа прави разлика, ова другото е шега. Кај идентитетот ние мора да се држиме до Македонци за јазикот и нацијата, тука нема дилема. Меѓутоа, има дипломатски варијанти како тоа ќе го решат, дали со фуснота македонски (?!?), па долу ќе објаснат дека овие Македонци се од Горна Македонија или различно ќе ги пишуваат на кирилица и латиница, не знам, за тоа се преговара“.
- Дебата на Топ Тема на ТВ Телма, според Експрес.мк од 29. 01. 2018:
– “Ние сме биле Социјалистичка Федеративна, Народна (кои немаат никаква врска со името туку се политички ознаки, м. з.), ваква, таква Македонија и можеби можеме да издржиме со некаков префикс Северна, Горна и така натаму“.
Толку. Коментарот е ваш.
Р. Никовски
Февруари, 2018