Ќе имаме ли десетта планета?
Пред месец и половина, научниците и официјално потврдија дека ледениот карпест свет, кој беше откриен минатата година како орбитира околу Сонцето на растојание од околу 97 а.е. (2 пати повеќе од најдалечната точка на орбитата на Плутон), е поголем од Плутон. Новите набљудувања на објектот, означен како 2003 UB313, покажаа дека тој има дијаметар од околу 3 000 km, што значи дека е за околу 700 km поголем од Плутон. Мерењата ги изврши германска екипа на астрономи, користејќи го телескопот Ирам, во Шпанија, а податоците подоцна беа објавени во списанието „Нејчр” (Nature).
Сето тоа, најверојатно, ќе ги зајакне барањата ова тело да добие статус на планета. Од друга страна, исто така, тоа ќе биде и поддршка за оние што веруваат дека Плутон има преценета позиција, и дека треба да се класифицира на пониско ниво - како планетоид или астероид. Мислењето на претставниците на „Нејчр” е дека не треба да постои проблем објектите кои се поголеми од Плутон да бидат класифицирани како планети.
Како и Плутон, така и 2003 UB313 орбитира зад Нептун, во регионот познат како Кајперов појас. Научниците сметаат дека во Кајперовиот појас веројатно има повеќе десетици илјади замрзнати тела. Меѓутоа, 2003 UB313 е првото тело што има дијаметар поголем од тој на Плутон, од преку 700-те објекти кои до сега се пронајдени во тој регион. Кај неколку од нив се пронајдени и сателити. При крајот на минатата година, Плутон исто така доби уште два нови сателити. И 2003 UB313 има сателит, кој е со дијаметар од околу 250 km и орбитира околу централното тело за приближно 14 дена.
Споредба на димензиите на Земјата, Месечината, Плутон, Харон и 2003 UB313
Користејќи стандарден астрономски пристап, групата научници успеа да ги добие податоците за дијаметарот, мерејќи ја топлината што ја емитува објектот и комбинирајќи ја со податоците за количеството сончева светлина што се рефлектира од неговата површина. Пресметката од 3 000 km е донекаде неизвесна (можно е објектот да е за 300 km помал или поголем), но како и да е, сепак 2003 UB313 е најголемиот објект пронајден во Сончевиот систем, по откривањето на Нептун во 1846 година.
Овој објект за прв пат беше забележан од Мајк Браун (Mike Brown), астроном од Институтот за технологија во Калифорнија, во јануари 2005 година, за подоцна во јули и официјално да се потврди постоењето на 2003 UB313. На објектот привремено му беше дадено името Ксена (Xsena). Доколку добие квалификација на планета, објектот би имал име од грчката или римската митологија. Барањето на Браун, но и на многу други научници, ова тело да биде прогласено за планета доведе до вжештени дискусии меѓу астрономите, кои сега се соочуваат со можноста за постоење на повеќе објекти со слична големина, кои би можеле во наредните неколку години да бидат откриени во Кајперовиот појас. Дали сите тие ќе можат да се класифицираат како планети?
На тоа прашање официјално може да одговори само Меѓународната астрономска унија (IAU), која е надлежна да „пресуди” во вакви случаи. Едноставно ќе треба да почекаме нејзините експерти да се произнесат по ова прашање. Самата Унија се најде во една деликатна, па и политички чувствителна ситуација, соочена со барањето што побрзо да се понуди дефиниција за терминот „планета”. Дефиницијата истовремено треба да биде едноставна и разбирлива, научно поткована и прецизна. Едно од можните решенија е на овие тела да им се даде името „џуџести” или „транс-Нептунски” планети.
Во меѓународните астрономски кругови многу често се разгледуваше можноста статусот на Плутон (како голема планета) да се ревидира, и Плутон да се третира како едно тело кое е (или барем до тогаш беше) најголемо во тој појас. Но, тоа доведе до жестоки противења од американската јавност, како и од дел од американските научници, поради тоа што Плутон е единствената планета која е откриена во САД. Беше понудена и можноста Плутон да добие некој вид на двоен статус, како една културолошка планета, или како мала планета во транс-Нептунскиот појас. Дури, едно време за Плутон беше чуван и бројот 10 000 во каталогот на нумерирани мали планети.
Уметнички приказ за тоа како би изгледале Плутон и Харон од една од новооткриените месечини
Теориите за формирањето на нашиот Сончев систем претпоставуваат дека можеби постојат и објекти како што е Марс во далечните делови на Кајперовиот појас. Се знаеше дека ќе дојде денот кога ќе биде откриен објект со големина на Плутон, ако не и поголем, а во иднина со напредокот на технологијата може да се очекува во тој регион да се појават и некои нови и непознати објекти. Кон што нј води тоа?
Конкретна дефиниција за тоа што е планета сј уште не постои, иако има доста дефиниции кои, на еден или на друг начин, го објаснуваат овој поим. Самиот збор „планета” е изведен од грчки збор кој значи „талкач, скитник”, односно точка која се движи на небото во однос на неподвижните ѕвезди.
Една од можните дефиниции за тоа што е планета, која неофицијално е предложена од Меѓународната астрономска унија гласи вака:
„Небесно тело во чија внатрешност не согорува деутериум е планета, ако се исполнети следниве три услови:
1. Се движи околу Сонце (алтернативно, ѕвезда) по патека која не и дозволува да се доближи до друга планета поблиску од неколку илјади пати поголемо растојание од нејзиниот физички радиус;
2. Со своето гравитационо дејство малку, ама сепак мерливо, влијае врз движењето на останатите планети;
3. Сите останати тела, кои можат да се најдат во нејзината близина, или да ја пресечат најзината патека, имаат маса најмалку неколку илјади пати помала од нејзината.”
Првиот услов е јасен, затоа што уште од античко време е познато дека планетите не се доближуваат една до друга. Вториот услов е потребен за да се избегне ситуацијата зрно песок, кое кружи околу Сонцето, да биде прогласено за планета.
Кон крајот на минатиот век беше сфатено дека недовршеното формирање на една голема планета, во некој регион на планетарниот систем, во тој регион остава голем број на мали тела, кои се движат по слични патеки и во мала и компактна област. Тоа е случај со астероидниот појас помеѓу Марс и Јупитер, а и со Кајперовиот појас. Оттука, телата како Церес (првиот објект откриен во астероидниот појас, за кој во почетокот се сметало дека е планета), Плутон или 2003 UB313 не го исполнуваат гореспоменатиот трет услов, затоа што ја сечат патеката на други тела, кои се помали од нив, но не повеќе од една големина.
Но, оваа дефиниција си има и свои недостатоци, затоа што при тоа треба да се земат предвид и екстрасоларните планети и други хипотетички тела, кои се наоѓаат во меѓуѕвездениот простор. Од дефиницијата може да произлезе и заклучокот дека доколку едно исто физичко тело го поместиме од едно на друго место во системот, тоа може да го смени статусот и да стане, или пак да престане да биде, планета.
Како што стојат работите во моментот, уште многу време ќе помине додека официјално не се соопшти кое тело во Сончевиот систем може да се смета за планета, а кое не. Ако се слуша мислењето на пошироката јавност, сигурно сите ќе посакаат да ја добиеме таа убава бројка од 10 планети кои кружат околу Сонцето. Фактот што првите 8 планети орбитираат околу Сонцето со инклинација до 7 степени над или под еклиптичката рамнина, а Плутон и 2003 UB313 имаат орбити со инклинација од 17, односно 45 степени, не оди во прилог овие објекти да бидат прифатени како планети. Може да се набројат и многу факти кои наложуваат овие тела да бидат сметани за планети, но има и многу факти кои тоа го демантираат.
Отстапувањето на Плутон од 17 степени од еклиптичката рамнина
Можеби најголемата препрека е Плутон - тело кое многу наликува на сите тела од Кајперовиот појас, но поради неговиот претходен статус на планета, ги дава овие дилеми. Плутон е откриен од Клајд Томбо во 1930 година, кога научниот свет сакал да го потврди отстапувањето на орбитата на Нептун од предвиденото движење со постоење на уште една планета во Сончевиот систем. Но, подоцна, во 70-тите години, кога и официјално беше утрдена неговата големина и кога беше откриен неговиот сателит Харон, се потврди дека, всушност, Плутон и нема никакво влијание врз чудното движење на Нептун.
Многу едноставно звучи дефиницијата дека планета е тело кое директно кружи околу една ѕвезда, доволно е големо да има кружен облик благодарение на својата гравитацијата, а не е доволно големо за во неговата внатрешност да согорува деутериум. Доста разбирливо и концизно, но врз оваа основа веднаш би се добиле уште неколку стотици нови планети од големиот број на природните сателити кои кружат околу планетите, а имаат кружен облик. Во оваа рамка не може да се вметне ни дефиниција со која ќе се ограничи големината на планетите, затоа што доколу се предвиди бројка од, на пример, најмалку 2 000 km во дијаметар (за да може да ги сметаме Плутон и 2003 UB313 за планети), во тој случај и Месечината, Ганимед, Калисто, Титан и уште неколку други сателити би требало да станат планети.
Полемиката сј уште ќе се води, но доколку овие тела се прифатат како планети, тогаш во иднина Сончевиот систем моше да добие значително голем број на планети.
Тука се поставува и едно многу интересно прашање, кое малку отстапува од темата. Што ќе прават, тогаш, астролозите со нивните ценети „хороскопи и натални карти”? Како сега ќе го вметнат влијанието на 2003 UB313 во хороскопот, доколку овој објект биде прогласен за планета? Како можеше до сега тоа тело да нема влијание врз сите нас, а сега одеднаш да има? Нели е тоа многу чудно и нелогично? Ако толку можат да предвидуваат што ќе се случува во иднина, нека ни кажат дали 2003 UB313 ќе биде вброен како планета. Зошто да не ни кажат и каде можеме да пронајдеме уште некое вакво слично тело? Кога можат да „предвидуваат” земјотреси и други појави, зошто да не го предвидат и ова? Или ќе остане изреката на еден познат астролог: „Едно тело не влијае на нас сј додека не е пројдено”. Колку е само тоа контрадикторно...
Можеби најубаво решение е да му се изземе статусот на Плутон како планета, и Сончевиот систем да има официјално 8 планети и уште илјадници други објекти.
Да потсетам дека повеќе информации за овие теми, ОВДЕ:
http://www.astronomija.com.mk/?kat=&page=5&vesti=&statii=