Дури во петтиот натпревар откога Кит Даунинг ја води екипата Горан Попов доби шанса од привремениот менаџер да игра против Кристал Палас во ФА-купот, но Вест Бромвич Албион изгуби на домашен терен со 2:0, а вина има и македонскиот интернационалец.
Даунинг реши да направи дури осум измени во составот во однос на тој што го совлада Њукасл во средата во Премиерлигата, а дел од свежата крв во тимот беше и Попов, кој го одигра целиот меч. Меѓутоа, токму струмичанецот беше виновник за водечкиот гол на гостите во 22. минута, кога на работ од својот шеснаесетник го „проигра“ противничкиот играч Хирам Боатенг, кој му додаде на Двајт Гејл, а овој ја смести топката во мрежата на домаќинот. Точка стави резервистот Маруан Чамах во петтата минута од судиското продолжение.
За левиот бек од Македонија ова беше прв целосно одигран дуел во неговата втора сезона како зајмен играч од Динамо Киев. Заедно со оваа средба, тој има само пет настапи сезонава за ВБА, од кои два првенствени, два во Лига-купот и овој од Купот на Фудбалската асоцијација.