У недела толку не правам ништо и имам толку многу слободно време, шо почнав да трипам дека сум македонски политичар. Среќа шо го имам Ио за филмски гуру, па на време ме атерира, затоа шо кој на своето его дрка и на своите усни свршува. Во овие зимски ноќи, кога само јамболија искрено те љуби, пробај да му дадеш шанса и на некој филм кој ти го препорачал Ио, гарнат ќе го рашутира студенилото (околу твоето срце) до толку - што ќе си помислиш дека Моника Белучи те грее. Мајке ми миле...!
Bus 174 е еден од тие филмови. Тоа е филм кој најдрско те соочува со фактот дека ако се давиш у предрасуди и си рамнодушно створење не си кул. Не си ни мангуп. Ти си ман глуп.
Bus 174 ја раскажува приказната на Сандро кој држи заложници во автобус, во Бразил.
Но Bus 174 само навидум е филм за Сандро. Ангелите немаат пол, па и чувствата кои ќе ги гаиш кон него ќе добиваат различен интензитет и боја додека го гледаш филмот. Ќе го сакаш, па ќе го мразиш, па ќе навиваш за него, ќе пцуеш, ќе колниш и сето тоа додека лакомо се гоштеваш од својот привиден мир и греаната поезија во чаша. На крај може да ти ги испегла брчките на срцето и да те здоболи. Дозволено е.
Bus 174 е и само навидум филм за Бразил. Кој вика дека ние немаме „човечки отпадоци“? Додека го гледав не можев да ја извадам од глава една колумна на Драган Антоновски. Еве еден мал цитат:
„Тие се тука, но сепак поради нашата циганската работа се некаде од страна на нашата раскрсница, испраќајќи ве со поглед дали мрсулави, дали закачени за ретровизорот, за шофершајбната… ве испраќаат без да ви се налутат што ги оставате, без оглед дали имало сонце, дожд или снег, ќе ви простат и утре повторно ве чекаат со насмевка.
Ромите се најтолерантните суштества кои постојано подаваат рака, а никој не им возвраќа. Тоа е вистинската циганска работа, и ги имаш покрај себе, а никогаш не ги есапиш за еднакви и се тоа го примаш како нормално, префрлајќи ја вината на другиот, на нив или на власта.“
Bus 174 е всушност филм за игнорираните, невидливите, маргинилизираните, незаузданите, нескротливите, за осудените на уличниот метеж, за регрутираните да ја вкусат месечината на типчеџак (додека се испентерени на покривот на некоја трафика). Bus 174 е нивниот крик, нивната желба да бидат слушнати, видени, да бидат помогнати, да бидат еднакви...
Bus 174 е и филм кој покажува дека мирисот на бајатост е легитимен мирис на полицијата било каде во светот. Класичен показател за нивната неефикасност, која во конкретниов пример дозволи на крајот да биде понесена од глутницата луѓе. Мислам сосема логично, кога општеството би ја признало својата целулитност, би ги покажало на мегдан и своите стрии. Стерилноста на општеството во решавањето на статусот на бездомниците се гледа и во решението кое го нуди - бразилските затвори.
Набрекнатата емоција која мислам ќе ме прогонува цел живот е онаа која бабреше и татнеше во мене додека камерата талкаше низ затворите. Третирани ко животни со расипана храна, валкана вода, спиење на смени, додека болести им течат низ артериите постојано немилосрдно тепани и како врв на се сцената кога камерата си игра со светлината давајќи ги затворениците бездомници како изгубени души од пеколот те тера да се запрашаш дали навистина општеството ја сака нивната рехабилитација или нивниот непостој?
Bus 174 е филм за сите нас. Затоа што покривот кој го имаме над глава можеби е само сплет на околности, игра на судбината, сме вечерале со Господ или пак само сме имале среќа при нашето прво зачекорување во рудникот наречен живот над вратата да ни пишува СРЕЌНО!