Целта на третманот на аваскуларната некроза е да се спречи понатамошен губиток на коската. Третманот зависи од тоа колку е оштетена коската.
Лекови
Кај некои луѓе симптомите на аваскуларна некроза може да се намалат со лекови како што се:
- Нестероидни анти-инфламаторни лекови (NSAID). Лековите како ибупрофен или напроксен може да ја намалат болката и воспалението поврзано со аваскуларната некроза
- Лекови против остеопороза. Некои студии покажуваат дека лековите против остеопороза, како што е алендронат, може да го успорат процесот на аваскуларна некроза
- Лекови против холестерол. Намалувањето на масти (липиди) во крвта може да да ги спречи блокадите на крвните садови кои често предизвикуваат аваскуларна некроза
- Антикоагуланси. Доколку имате проблем со згрутчување на крвта, може да ви биде препишан антикоагуланс, како варфаринот, за да се спречи формирање на тромбови во крвните садови кои ја хранат коската
Неинвазивна терапија
Во раните фази на аваскуларна некроза вашиот доктор може да препорача:
- Одмор. Намалувањето на тежината и притисокот на зафатената коска може да ја успори штетата од аваскуларната некроза. Може да е потребно ограничување на количината на физичка активност во тек на денот. Во случај на некроза на колкот или коленото, може да биде потребна употреба на патерици за да се тргне тежината од зглобот во тек на неколку месеца.
- Вежби. Одредени вежби може да помогнат во зголемување на распонот на движење на зглобот. Физиотерапевтот треба да избере вежби специфични за состојбата и да го обучи пациентот како да ги прави.
- Електромагнетна стимулација. Електричната струја може да го поттикне телото да створи нови коскени клетки кои ќе ги заменат изумрените. Електромагнетната стимуација може да се користи и во тек на операција и да се примени директно на оштетеното место или преку електроди поврзани со кожата.
Хируршки и други процедури
Бидејќи повеќето луѓе немаат симптоми сѐ додека болеста не е прилично напредната, некогаш е неопходно да се направи операција.
- Декомпресија. Во оваа операција, хирургот отстранува дел од внатрешниот слој на коската. Покрај тоа што ја намалува болката, дополнителниот простор во внатрешноста на коската го поттикнува создавањето на здраво коскено ткиво и нови крвни садови.
- Трансплантација на коска (графт). Оваа процедура може да помогне да се зацврсти делот на коската кој е зафатен од остеонекрозата. Графтот е дел од здрава коска кој се зема од друг дел на телото.
- Остеотомија. Оваа процедура отстранува дел од коската над или под зглобот кој ја носи тежината за да се префрли тежината од оштетената коска. Остеотомијата овозможува да се одложи замената на зглобот.
- Замена на зглобот. Доколку заболената коска е веќе уништена или другите опции за третман не помагаат, може да биде неопходна операција за замена на оштетените делови од зглобот со пластични или метални делови.