Галерија: На плоштадот в’ти, в’ти ... вртелешка!
На плоштад Македонија од утринава се поставува каруселот пред зградата на T-mobile, помеѓу Камени мост и мостот „Око“. Рингишпилот е разнобоен и на него ќе се инсталираат коњчиња со по едно седиште, кочии со по четири седишта и ротирачки чаши со по две седишта.
Реквизитот чини околу 163.000 евра и е финансиран од ЈП „Паркови и зеленило“, а дел од парите доаѓаат од градските власти, како наменска субвенција. Јавното претпријатие ќе стопанисува со вртелешката, а цената на возење треба дополнително да ја одреди Советот на Град Скопје.
Набавката од Италија ја изврши „Технометал-Вардар“, кој имаше обврска да го постави каруселот најдоцна до 20 јануари оваа година. Како и големиот број на споменици, скулптури и елементи, кои преку ноќ беа сместени во центарот на Скопје по смената на власта во општината Центар на локалните избори, така и оваа новина ги изненади скопјани утринава.