Член 224
(1) Полициските службеници на Министерството за внатрешни работи се
должни да излезат на местото на сообраќајната незгода во која има загинати или повредени лица или настанала поголема материјална штета и
да состават записник за увидот.
Член 225
(1) Возачите - учесници во сообраќајна незгода во која е
предизвикана мала материјална штета, се должни веднаш да ги
отстранат возилата од коловозот, да овозможат непречено одвивање на
сообраќајот и да го пополнат и потпишат Европскиот извештај за
сообраќајна незгода.
(2) Европскиот извештај за сообраќајна незгода од ставот (1) на овој
член возачите- учесници во сообраќајната незгода го пополнуваат и
потпишуваат кога се согласни за начинот на кој се случила сообраќајната
незгода.
(3) Европскиот извештај за сообраќајна незгода не се пополнува и
потпишува во случај на сообраќајна незгода во која има повредени или
загинати лица.
(4) Европскиот извештај за сообраќајна незгода од ставот (1) на овој
член го прави достапен за учесниците во сообраќајот Националното биро
за осигурување на Република Македонија.
(5) Глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се
изрече на возачот- учесник во сообраќајна незгода кој постапува
спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член.
Член 226
Полициските службеници на Министерството за внатрешни работи се
должни да излезат на местото на сообраќајната незгода во која е
предизвикана мала материјална штета, ако тоа го бара едниот од
учесниците во сообраќајната незгода и тоа во случаи, кога:
- едно од возилата нема регистарски таблици или истото не е осигурано,
- едно од возилата има странска регистарска таблица,
- еден од возачите е очигледно под дејство на алкохол, дрога или други
психотропни супстанции,
- еден од возачите не поседува соодветна возачка дозвола,
- возачите не можат да ги усогласат мислењата во врска со начинот и
околностите под кои се случила сообраќајната незгода,
- еден од возачите одбива да ги даде своите лични податоци, односно
податоците за возилото или
- еден од возачите го напуштил местото на сообраќајната незгода.