Режија: Mark Romanek
Сценарио: Kazuo Ishiguro (роман), Alex Garland (сценарио)
Улоги: Carey Mulligan (Kathy), Andrew Garfield (Tommy), Keira Knightley (Ruth)
Продукција: Велика Британија
Жанр: Романтична драма со научно-фантастични елементи
[ВНИМАВАЈ, МОЖНО Е ПРИСУСТВО НА СПОЈЛЕРИ]
Не можев да си дозволам број 1 филмот во мојот живот да нема своја тема. Не можев... Знам дека досега нема голем број на гледачи од Македонија кои го имаат изгледано, но сигурен сум дека ќе придобијам барем неколкумина кои ќе го симнат и изгледаат.
Never Let Me Go е британска дистописка драма сместена во алтернативна реалност, адаптација на истоимениот роман на Казуо Ишигуро. Тука не би дискутирал за романот: неговата оригинална, иновативна, инспиративна и потресна но истовремено иронична приказна недвосмислено е окарактеризирана како една од најдобрите книжевни остварувања во дваесет и првиот век. Она што навистина позитивно изненадува е подеднакво добрата филмска адаптација, нешто кое, мора да се признае, е реткост денес. Велат, подобро е да ја имаш прочитано книгата пред да го погледнеш филмот. И можеби во голема мера во право се за овој филм - се е некако збиено во една магловито-заносна атмосфера што ти се чини дека ако трепнеш, ќе испуштиш нешто премногу значајно од приказната. Можеби затоа ова е еден од оние филмови кои не ти даваат ни за миг да го свртиш погледот од екранот. Гарланд завршил одлична работа пишувајќи го сценариото, успевајќи да ги кондензира важните моменти од романот во прекрасно извајана целина. Неговата лирска визуелна убавина не може да ве остави рамнодушни. Музиката како да не можела да биде посреќно избрана, и само ја надополнува потресната приказна, приказна која крши срца. Актерската игра е можеби најдобра во последниве неколку години во било која европска или американска продукција. Carey Mulligan со својот тажен поглед не може подобро да ве пренесе во меланхоличната природа на нејзиниот лик - Кејти, Andrew Garfield по солидниот перформанс во The Social Network истата година, само остава впечаток на зрел актер, иако не би можело да се каже истото според квантитетот на остварените актерски ролји, и невозможно е некој да остане рамнодушен на потресните сцени во кои главен збор има тој. За Keira Knightley само може да се потврди дека полека но сигурно израснува во неверојатна актерка.
Еден од моите критериуми за добар филм е овој: ако остане со мене откако ќе ја напуштам кино салата или ќе се оддалечам од екранот на компјутерот, наместо да испари некаде во воздухот како чад, дефинитивно станува збор за добар филм. Never Let Me Go никогаш не ме остави, никогаш не испари од мене. А приказната, своевидната критика за дехуманизираното општество во кое живееме и самиот процес на негова дехуманизација, како и крајот на ова ремек дело по кој сфаќаме дека иако фикционални, овие ликови се нешто повеќе од лабораториски стаорци, не доведуваат само до еден заклучок - сите ние делиме една слична судбина - животот е краток, секоја загуба во него боли. Затоа, живеј го секој ден како да е последен! Или, што би рекол мојот омилен цртан херој, Harvie Crumpet - LIFE IS LIKE A CIGARETTE, SMOKE IT TO THE BUTT!!!
Моја оценка: 10/10 (нормално, ова е број 1 филмот во мојот живот и првиот филм за кој не се срамам да признаам дека плачев гледајќи го). Ги очекувам вашите коментари!