http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=B62BA21EDCE0AD45A90761191077CA90
Татко и син поминаа 2.000 километри на велосипеди од Луцерн до Радовиш
Радовишани синоќа околу 18 часот на градскиот плоштад им приредија пречек на таткото Димчо (54) и неговиот син Ристе (26) Јаневски, кои во изминатите две седмици поминаа на велосипеди пат долг околу 2.000 километри од гратчето Герхау во околината на Луцерн, до Радовиш.
Пред да стигнат во Радовиш, таткото и синот беа пречекани од дваесетина радовишки велосипедисти на 20 километри од градот и потоа со нив пристигнаа до плоштадот.
- Беше напорно, но и многу убаво. Од Швајцарија до Македонија пропатувавме низ Италија, Словенија, Хрватска, Неум во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија. Возевме според предвидената маршрута. Со само една измена – во Македонија од Албанија влеговме кај Струга, а не кај Дебар. Никаде неавме проблеми. Секаде каде што застанувавме и ноќевавме бевме примани со симпатии и поддржувани да истраеме во потфатот. Албанскиот цариник на влезот во Албанија се зачуди кога не` виде со велосипеди и со македонски пасоши, па на српскохрватски јазик не`праша да не сме заталкале на тој граничен премин – раскажува Димчо.
Димчо и Ристе Јаневски во Италија
Турнејата траела точно две недели. Димчо и Ристе претходно велосипед возеле само рекреативно, а пред да тргнат на долгиот пат до Радовиш шест месеци се подготвувале. Ноќевале во хотели, а две вечери поминале во авто-кампови. Евиденцијата за поминатата километража ја водел Ристе, кој е роден во Швајцарија. Запишал дека за 14-те дена поминале 110 часа на велосипедите и точно 2.050 километри или, во просек, по речиси 150 на ден.
Истакнува дека првпат во животот ги видел јужниот дел на Хрватска, Црна Гора и Албанија, бидејќи досега кога доаѓале во Македонија, а тука секоја година редовно го минувале годишниот одмор, секогаш со автомобил патувале по пократката релација, преку Загреб и Белград.
На јадранското приморје
- Супер поминавме, иако малку ме болат нозете од вртењето на педалите. Првпат во животот поминав по хрватското и црногорското прриморје и се воодушевив од убавините на Дубровник, Свети Стефан... Секаде бевме примани со симпатии. Во Словенија, Хрватска и во Црна Гора татко ми со луѓето зворуваше на српскохрватски јазик. Јас не го знам, па се разбирав на англиски. Ги сакам патувањата. Лани бев во Нов Зеланд. Сепак, оваа велосипедска авантура беше незаборавна и посебна. Добро научив уште една делница од патот кон татковината Македонија, пат што татко ми вели дека никогаш не треба да го заборавам – вели Ристе, кој добро го говори македонскиот јазик.
Во Радовиш ќе останат една недела. Потоа со авион се враќаат во Швајцарија, но по еден месец пак ќе дојдат во Македонија, на годишен одмор. Семејството Јаневски живеат во Швајцарија, а Радовиш е родниот град на Димчо, од каде заминал на работа пред 30 години. Во Швајцарија Димчо работи во фабрика за мебел, а Ристе е конструктор-цртач во градежна компанија.