Body Electric
Del Rey
- Член од
- 15 јуни 2011
- Мислења
- 222
- Поени од реакции
- 334
Ова е најновиот тинејџерски хит кој откако ми го „попречи патот“ неколку пати, морав да земам да го прочитам и да видам за што се работи...
Значи, станува збор за трилогија (која за среќа остана само на тоа) наречена The Hunger Games (или Игрите на гладните, како што официјално е преведена кај нас во Македонија) од американската авторка Сузан Колинс. Истата идејата за книгата ја добила додека една вечер седела пред телевизорот и ги менувала програмите и слики од реални шоуа во стилот на Survivor и гладни деца од Африка почнале да и се мешаат во главата, па решила да напише книга за земја во иднината која се наоѓа на тлото на денешна Америка, а во која деца од двата пола, на возраст од 12 до 18 години се натпреваруваат во модерна гладијаторска арена и се убиваат меѓусебе обидувајќи се да преживеат, додека сето тоа се снима со камери, а родителите и целиот свет гледаат.
Серијалот е составен (нормално) од три книги: The Hunger Games (Игрите на гладните), Catching Fire (Раѓањето на огнот) и Mockingjay (Мокингџеј), а според првата книга веќе има снимено филм кој излезе пред неколку дена и веќе ги руши сите рекорди на гледаност (а има и прилично добри критики и одлична актерска екипа).
Главен протагонист во Игрите на гладните е Кетнис Евердин која доброволно се пријавува да учествува во Игрите на место на нејзината 12 годишна сестра, Прим. Од сите 12 реони се избираат 24 учесници т.е. по едно момче и едно девојче од реон. Другиот избраник или трибут од Реон 12 (каде што живее Кетнис) е Пита Меларк, момче кое е вљубено во Кетнис. Тука е и Гејл Хоторн, најдобар пријател на Кетнис кој се „заканува“ да стане нешто повеќе од само другар. Се разбира, го имаме добро познатиот љубовен триаголник по кој тинејџерите (а посебно тинејџерките) страшно се „попалуваат“, но исто така имаме и една интересна приказна која те тера да размислуваш за некои сериозни прашања.
Моето мислење за серијалот е поделено, односно има некои работи што ми се допаѓаат, и некои што ужасно ми пречат. Факт е дека книгата лесно и брзо се чита, дека е возбудлива и дека има многу акција во неа. Меѓутоа, мислам дека нешто му недостасува на стилот на писателката и и покрај тоа што вешто ја води приказната, очигледно е дека во некои делови едноставно не знае што прави, а посебно ме разочара крајот на Мокингџеј, затоа што очекував нешто навистина спектакуларно по првите две книги.
Сепак, тоа е само мое мислење. Мислам дека серијалот вреди да се прочита и да се потрошат неколку дена на него. Би сакал да чујам мислења и од некои други што ги имаат прочитано книгите
P.S. Сите три дела ги има преведено на македонски јазик од издавачката куќа Сакам Книги и можат да се најдат и со меки и со тврди корици