Од тебе е постара, друга религија е, се гледате ретко во текот на годината... Ова се сите предуслови за неуспех на врската.
Јасно, тоа е само теорија. Доколку има вистинска љубов, таа ќе преовладее. Сепак, кога би бил на твое место, би ги интензивирал контактите (преку Интернет или слично), за да ја одржите врската колку-толку жива.
Реално гледано, 2 дена заедно во годината (за годинава зборам) е премалку. Што со останатите 363 дена? Мислиш ли дека нејзе не би ѝ требало друштво тогаш? А тебе?
Според мене, најдобро би било да се чуете и да се договорите. Кога ќе се видите следниот пат? Ако тоа е на 1 ноември, тоа е за 3 месеци од сега. Дали мислиш дека ти ќе издржиш толку време без да побараш друга девојка? Дали мислиш дека таа ќе издржи без да побара друг? Дали мислиш дека тоа што сте различна религија не е толку голем проблем, т.е. ти нема да имаш проблем со твоите, ниту таа со нејзините пријатели и/или семејство?
Внимавај: таа е 2 години постара од тебе. Големи шанси има да си ѝ бил минлива забава за тоа време додека сте биле заедно. Не знам колку години имаш, но жените во принцип бараат некој што ќе биде стабилно покрај нив, особено ако се постари. Јас не би ја исклучил можноста да те има тебе како резерва за кога ќе се врати, а во меѓувреме да си се издувува на друго место.
Јасно, сè ова се само мои мислења. Најдобро е да се чуеш со неа и да ги издискутираш сите овие работи. Зашто едно е таа да си наоѓа некои трети додека е таму, а тебе ништо да не ти кажала, а сосема друго е ако ти побараш да нема нешто со некој трет, таа да се согласи, а пак тоа да го прави. Во првиот случај таа би си го живеела својот живот; во вториот би те лажела тебе. Има разлика.
Можеби звучам многу негативно, но тоа е само затоа што, статистички, сè она што го наброја има големи шанси за неуспех. Љубовта сè надминува, но само ако е вистинска, искрена и чиста и тоа од двете страни. А тоа се дознава само после долго време поминато заедно со партнерот.
Значи, најдоброто нешто што може да го сториш во моментот е да ја приближиш неа до себе, макар комуникативно. Разговарајте, дискутирајте, за да ја одржувате љубовта во живот, до оној момент кога ќе се видите реално. И потоа ќе видите што понатаму.
Со лесно и со среќа.