Витражот „Оро“ како симбол на македонската посебност
Витражот креира венец на орнаментика од низа избрани мотиви, кои ја одразуваат македонската специфичност, изразена низ народното творештво, развојот и зреењето на овој културен идентитет.
Во рамките на објектот на Музејот на Македонската борба за независност и државност - Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунизмот, е поставена купола која со својата централна позиција освен како архитектонски елемент, има и естетска функција во креирањето и содржината на самиот Музеј. Според критериумите и барањата на проектната програма од страна на нарачателот - Министерството за култура на Република Македонија, позицијата и самата конструкција на куполата треба да го одредува симболот на сонцето како универзален симбол и симбол на македонската борба.
Според овие пропозиции, самата конструкција на витражот е предвидено да биде основа врз која се надоградуваат елементите на централен витраж. Исто така, витражот како значаен дел од целокупната концепција на Музејот, во основата треба да содржи симболи и избрани мотиви (орнаментика), со кои треба да се долови специфичноста на македонската посебност изразена низ оригиналното културно наследство, боите и мотивите што се карактеристични за македонското фолклорно творештво, но и севкупноста на колективните, психолошките и социјалните преживувања на народот низ историскиот период опфатен со музејската поставка.
ОРО
Идејното решение за витражот на академскиот ликовен уметник Биљана Кајевиќ, насловен „Оро“, е избраниот проект кој соодвестува со предложените барања на нарачателот. Според зборовите на самата авторка, на идејното решение за витражот работела подолг временски период, и во истражувачка и во смисла на директна изработка на дизајнот, а самиот резултат ја одразува симболиката на севкупноста на македонскиот народ низ неговата културна, егзистенцијална и фолклорна историја.
Истовремено, во својата завршна форма изразува една современа ликовна претстава, поттикната од вековната народна традиција и нејзината специфична изворност. „Заради посебните технички и естетски карактеристики на витражот, ова дело во сите свои сегменти е ликовно приспособено на поимот 'куполно решение'“. Според Кајевиќ, целата композиција, на начин на кој е колоритно и ликовно решена, ги има запазено сите одредби и испочитувано сите барани технички и естетски критериуми во следењето на сферната форма на витражот.
ИДЕЈА
Витражот, според размислувањата на авторката, креира венец на орнаментика од неколку нивоа составени од низа избрани мотиви, кои ја одразуваат македонската специфичност, изразена низ народното творештво, развојот и зреењето на овој културен идентитет.
Тука, авторката мисли на одредени мотиви од специфичната македонска народна носија (вез, ткаење, накит, музика), сонцето како космолошки симбол и симбол на македонската борба за национален идентитет. Таа, преку стилизирани претстави на овдешниот човек, ги спојува овие два симбола, универзалноста на сонцето и посебноста на македонското фолклорно творештво, односно креира кружен ток на човечки стилизации, кој покрај тоа што претставува симбол на сплотеност, истовремено го претставува националниот танц – орото, кое како специфична игра на нашиот народ, има и заштитна функција преку своето движење - преку својата цикличност, униформираност на облеките, носиите претставени преку сегменти, кои исто така, циклично се повторуваат.
СОНЦЕ И НОСИИ
Во централниот дел на витражот, според Кајевиќ, е изразен симболот на сонцето, кој во својата средишна претстава, извира и се разгранува во периферна орнаментика, односно кон крајните делови на куполата. Како резултат на зрачењето на симболот на сонцето, од централниот дел на композицијата се пренесува првото ниво на креација кон средишниот - вториот круг на композицијата. Мотивот на централниот соларен симбол е преземен од најкарактеристичниот женски накит од составот на македонските носии – пафтата, во случајов од Мариовскиот крај. Позицијата на тој дел од накитот кај македонските носии е позициониран во појасот на абдоменот и го симболизира т.н. соларен плексус. Мотивот од вториот круг е инспириран од сребрениот украс за глава што се носел врз невестинска капа, наречен тепалак. Овој централен, односно сончев дел од витражот, преминува во првото „врзивно ткиво“, кое е претставено преку стилизираната композиција на човечки фигури. Второто „врзивно ткиво“ на витражот го претставува синилото и пространството на небото. Овој дел е ослободен од каква било стилизираност и форма, тука се случува чисто зрачење кое радијално се шири кон периферните делови на куполата. Како што објаснува авторката, мотивот за последниот круг на витражот е инициран од типичните бордури на женските везени кошули, од кои вертикално се издигаат везови, најкарактеристични и најизразени кај т.н. порубајка - женска кошула од областа на Скопска Црна Гора. Овие везови се со богата пластична фактура и силна архитектоника од ликовен аспект. „Стилизираниот вез преминува во флорална орнаментика, која е детаљ преземен од сребрен накит за глава. Овие избрани мотиви од периферниот дел на витражот се симболична претстава на земјата, природата, на материјалниот принцип како контрапункт на сончевиот и духовниот елемент“.
СИМБОЛИ НА БОИ
Боите употребени во овој витраж, продолжува авторката во своето толкување, го одразуваат македонското фолклорно и национално наследство. Доминираат црвената, жолтата, сината, зелената, додека црната (преку коструктивните елементи) и белата боја имаат улога на акцентирање на одредени делови од композицијата. Така, жолтата боја ја симболизира топлината, енергијата, машкиот принцип; црвената - енергијата и борбата; сината – креативноста, духовноста, севкупноста; зелената – природата, изобилието и растот. Белата боја ја симболизира белината на памучните платна, чистота, илуминацијата, додека црната боја е носител на конструкцијата и е врската меѓу другите бои како примарен матерјален принцип. Извед
увач на витражот е фирмата „Вивенди инженеринг“, а според последните официјални информации во медиумите, објектот треба да биде отворен оваа есен.
После ентериерот на Музејот на Холокаустот, кој изгледаше супер, овој(според овие слики) не ми се допаѓа.