„Општество“ го навреди пророкот Мухамед
10:00 | 19.08.2010 | Автор: Шпиц
Пророкот Мухамед со фотографија бил прикажан на страниците од учебникот по Општество, иако тоа е незамисливо според верувањата на Исламот. Припадниците на Исламската верска заедница се фрапирани и реагираат на овој сериозен и навредувачки пропуст, додека вината
постојано си ја префрлаат министерот за образование Никола Тодоров, рецензентите и авторите на контроверзниот учебник.
Сликите од пророкот Мухамед, како и останатите грешки се појавиле откако рецензентите го прегледале, тврдат тие.
- Бараме извинување за нарушувањето на нашиот углед. Не добивме ниеден отпечатен примерок пред да се објави учебникот. Рецензентската комисија нема никакви ингеренции и увид во процесот што се случува од моментот кога го кажуваат своето мислење за текстовите до моментот на нивното печатење и објавување - одговара на обвинувањата рецензент проф. д-р Антоанела Петковска, посочувајќи дека сериозно треба да се запрашаме колку пати досега се објавени соодветни учебници и каде треба да се бара одговорноста за нив.
Таа го обвини министерот Тодоров дека манипулира со фактите во врска со спорниот учебник, на што тој одговара дека најдобар демант на ваквите ставови е извештајот на тимот кој изврши повторно прегледување на текстовите и едногласно реши да ги повлече.
Додека одговорните си ја префрлаат вината, новиот учебник во вредност од 1 милион евра е во постапка на разгледување. Министерот вети негово повторно печатење и дистрибуција во 15.400 примероци и покрај кусото време до почетокот на учебната година
--- надополнето ---
Грците бараат црква кај граунд зиро
Американските Грци тврдат дека градот Њујорк одбил да им помогне во обновата на нивната црква, која беше уништена во нападите на 11 септември
Во екот на жестоката дебата во Америка дали треба да се гради џамија во близина на граунд зиро, Грчката православна црква во САД тврди дека њујоршките власти останале глуви на нејзините барања за обнова на единствената црква што беше уништена во нападите врз Светскиот трговски центар на 11 септември 2001 година.
Станува збор за грчката црква „Свети Никола“, мала четирикатна зграда која беше уништена во нападите кога една од кулите-близначки падна врз неа. Никој од црквата не беше повреден, а верниците во изминативе години се обидуваа да го обноват своето светилиште. Во моментот кога Америка е преокупирана со џамијата кај граунд зиро, претставници од грчката црква и од њујоршките власти велат дека преговорите за обнова на црквата заглавиле уште лани и дека нема да продолжат. Од грчката црква нагласуваат дека станува збор за различни и неповрзани проекти, но дека верниците се гневни што нивниот храм нема да биде обновен.
- Луѓето доаѓаат и нé прашуваат зошто нашата црква нема да се обнови и зошто другите се толку фокусирани кон џамијата - изјави за Фокс њуз, Алекс Карлуцос, помошник на грчкиот архиепископ во САД.
Карлуцос вели дека верските слободи им даваат еднакво право на сите заедници да изградат свој храм, обвинувајќи ги градските власти дека не сториле ништо за да помогнат во обновата на уништената црква.
- Тие цело време молчат. Едноставно, заборавија на црквата - додава тој.
Њујоршките власти и грчката црква во јули 2008 година соопштија дека постигнале договор според кој властите требаше да обезбедат земјиште и 20 милиони долари за изградба на храмот на друга локација. Исто така, властите беа подготвени да дадат уште 40 милиони долари за изградба на платформа отпорна на бомби под црквата. Но по една година, договорот пропадна, а преговорите прекинаа. Двете страни нудат различни објаснувања за пропаѓање на договорот. Властите тврдат дека црквата излегла со дополнителни барања, како на пример, 20 милиони долари пред почнувањето на проектот и ревизија на плановите на местото каде што требало да се гради црквата. Тие велат дека црквата може да продолжи со проектот, но без нивна помош.
- Црквата сé уште има право да го обнови објектот, каде што стоеше пред нападите и ние сме подготвени да понудиме фер цена за подземниот простор - изјави портпарол на градските власти.
За Карлуцос, ваквите изјави се пропаганда. Тој тврди дека црквата ги почитувала сите услови што ги поставиле властите. Карлуцос нагласува дека тие треба да го почитуваат договорот, кој датира уште од 2004 година, кога на власт беше гувернерот Џорџ Патаки. Бившиот гувернер на Њујорк смета дека црквата треба да се обнови.
- Не разбирам зошто властите поставија толку препреки - вели тој.
Џорџ Демос, републикански кандидат за место во Конгресот, нагласува дека властите не ги почитуваат договорите што претходно ги направиле.
- Никој од нив лани не се сретна со претставници на црквата, а сега се откажуваат од одговорноста да го обноват објектот - вели Демос.
Според него, односот на градот кон грчката црква е скандалозен, имајќи предвид дека во меѓувреме планот за изградба на џамијата кај граунд зиро доби дозвола.
Проектот за обнова на црквата не привлече толкаво внимание во американската јавност како џамијата. Претседателот Барак Обама се вмеша во дебатата за муслиманското светилиште кога рече дека ги поддржува верските слободи на сите заедници, кои им даваат право да изградат свое светилиште каде што сакаат во согласност со законите. Тој не сакаше да коментира дали одлуката за изградба на џамијата близу граунд зиро е мудра. Проектот го поддржа и градоначалникот на Њујорк, Мајкл Блумберг. Тој тврди дека се залага и за обнова на грчката црква.
Јануљас поддржува само џамија
Демократскиот кандидат за сенатор од Илиноис, Алекси Јануљас, неделава ја поддржа изградбата на џамија во близина на граунд зиро. Потегот на Јануљас не треба да изненадува бидејќи тој е далеку зад својот републикански противкандидат Марк Кирк, па затоа не може да си дозволи да оди против Белата куќа. Луѓето што треба да бидат изненадени се неговите грчките поддржувачи, особено оние од Њујорк, кои бараат обнова на црквата „Свети Никола“. Пријателот на претседателот Барак Обама засега молчи по ова прашање, наведува Американскиот православен институт.