Во денешно време кога голем број граѓани седат дома како резултат на секојдневни отпуштања и прогласувања на технолошки вишоци, огласот што деновиве може да се прочита во пишаните медиуми, предизвика навистина огромен интерес. Фабриката за автобуси "Санос", со седиште во Скопје, распиша конкурс за вработување на дури 220 работници?! И огласот и бројката, мора да се признае, несекојдневни. Иако се работи за строго прецизирана струка, односно се бараат автолакери, електричари, бравари и сите оние чие знаење може да се искористи при едно вакво производство, сепак е за пофалба бројот на лицата што ќе бидат вработени. Иако звучи неверојатно, не е на одмет да ја испратите биографијата, бидејќи како што стои во продолжението на огласот и платата не е за потценување. Па така, оние "среќници" што ќе станат дел од тимот на "Санос", нормално во зависност од категоријата, односно квалификациите, ќе бидат наградени со 11, 15 или 20 илјади денари. Повеќе информации од персоналот не успеавме да добиеме, освен дека избраните, чии имиња ќе се знаат по тестирањето на 26 март, ќе почнат со работа веќе од наредниот месец, како и дека заинтересираноста за овие места е навистина голема.