Почеток на падот на Челзи или затишје пред бура?
Екипата на Челзи минатата сезона убедливо дојде до двојната круна во Англија (Премиерлига и ФА купот). Одличните игри продолжија и на стартот на оваа натпреварувачка година, но откако се повредија неколку клучни играчи, на површина испливаа сите проблеми во тимот на Карло Анчелоти.
Рускиот милијардер Роман Абрамович реши да штеди оваа сезона и на крајот од летото не им ги продолжи богатите договори на Михаел Балак, Џо Кол, Деко, Белети, а го продаде и Рикардо Карвалјо, што се покажа како огромна грешка. На нивно место на „Стемфорд Бриџ“ беа доведени недокажаниот Рамиреш и искусниот Јоси Бенајун, кој на стартот од сезоната заработи тешка повреда. Во минатото, долгата клупа на Челзи беше најголемата предност на тимот во однос на конкурентите. На неделниот натпревар против Сандерленд, кога во комбинација не беа Тери, Алекс, Есиен и Лампард, Карло Анчелоти на клупата имаше комплетни анонимуси. Џош Мекархан (17 години), Гаел Какута (19), Џакопо Сала (18), Џефри Брума (19) и Патрик ван Анхолт (20), не се доволно квалитетни да заменат ниту еден првотимец на Челзи.
Во текот на минатата недела Русинот одлучи да го отпушти помошникот на Карло Анчелоти, Реј Вилкинс. Човекот кој целиот свој живот му го посветил на клубот и беше еден од омилените личности во Челзи тивко, но шокантно заработи отказ. Причина плус за моментално лошата форма на „сините“. Екипата е меѓу постарите во лигата, а очигледно резервистите не се доволно кадарни да преземат дел од одговорноста. Анчелоти во јануари ќе бара засилувања од Абрамович, кој одлучи оваа година да намали дури 20 милиони фунти од годишниот буџет за плати на фудбалерите.
Рано е да се каже дали ова е почетокот на падот на Челзи, но неактивноста на трансфер-пазарот и штедењето никогаш не одат заедно во модерниот фудбал. Видете го само примерот со Милан и сè ќе ви стане јасно. Единствената шанса за Анчелоти оваа сезона да дојде до трофеи е ако неговите стандардни првотимци останат здрави и во топ-форма, во спротивно нема да има многу причина за славје на „Стемфорд Бриџ“. За среќа и конкурентите, Арсенал и Манчестер Јунајтед, исто така имаат многу повредени фудбалери, па и нивните резултати не се сјајни и тоа е единствената причини зошто Челзи сè уште е на врвот во Премиерлигата. Сезоната е долга, а 22 мај 2011 година ќе покаже дали стегањето на ќесето се исплатеше.
Добар текст...