Напишано од Дневник 30.01.2007
Интервју: ЗОРАН ТОДОРОВСКИ ДИРЕКТОР НА АРХИВОТ НА МАКЕДОНИЈА
Мисирков и' припаѓа на македонската историја
Македонските револуционери и културни дејци биле свртени кон ослободување и создавање посебна македонска држава, иако се изјаснувале и се потпишувале како граѓани на државата во која живееле, вели Тодоровски
Директорот на Архивот на Македонија, Зоран Тодоровски, воопшто немал дилема дали треба да се објави новооткриениот дневник на основоположникот на македонскиот литературен јазик Крсте Петков Мисирков. Сега, по сите реакции и толкувања во јавноста на неговата изјава дека „Мисирков се потпишувал и како Бугарин”, се чувствува како жртва на „новинарска непрофесионалност и на исполитизирани етикетирања”. Тодоровски вели дека е подготвен на стручно соочување во кое најважно мора да биде целосно и објективно расветлување на историските настани и личности.
* Како се случи да Ве обвинат дека Крсте Мисирков сте го прогласиле за Бугарин?
- Од еден мошне инсконструиран, непрофесионално и некоректно пренесен разговор со новинарите на телевизиите „Сител” и „А1” во кој наводно сум рекол, односно сум тврдел, дека Крсте Мисирков е Бугарин. Всушност, тоа е нивна конструкција и непромислена констатација, што влијаеше на сета подоцнежна исполитизирана еуфорија што настана во јавноста. Ако новинарите се доблесни целосно да ја пуштат лентата со мојот глас, ќе се документира дека такво нешто не сум рекол, туку само покажав каде во ракописот Крсте Мисирков се потпишува како „македонски граѓанин” (ова, за жал, нивната режија не го покажа), а каде како „македонски Бугарин”. Мојот демант „Сител” го објави, „А1” воопшто не. За жал, тоа е македонското „професионално” новинарство.
* Дали бевте свесни дека, кога луѓето од бугарскиот Архив го донеле новооткриениот Дневник, ќе се отвори расправа за националната припадност на Мисирков, со оглед дека таму има негов потпис „македонски Бугарин”?
- Постапив и реагирав како секој вистински македонски научник и историчар кога ќе дознае дека е откриен значаен ракопис за најистакнатата личност на македонската културна историја. Кога слушнав за пронаоѓањето на ракописот, при еден мој научноистражувачки престој пред 4-5 месеци во Централниот државен архив во Софија, уште кога не бев именуван за директор, предложив ракописот, и покрај тоа што се' уште не беше откупен, да биде објавен и во Македонија. Крсте Мисирков со целото свое дело и мисла и' припаѓа на македонската културна и национална историја. Кај мене немаше никаква дилема овој редок и значаен ракопис да и' биде изворно приопштен и на македонската научна и поширока јавност. Соработката со бугарските колеги интензивно се остварува од 1991 година, кога е потпишан Договорот за заедничка соработка, еден од првите договори потпишани на македонски и на бугарски јазик, и од која соработка досега во македонскиот Државен архив имаме донесено повеќе од 200.000 документи за историјата на Македонија.
* Ве обвинуваат дека сте поборник на „пробугарската струја” во македонската историографија, дека ги рехабилитирате Тодор Александров, Ванчо Михајлов...?
- Единствено признавам факти и документи, а не приказни и етикети со кои тие се служат, бидејќи мојата поблиска специјалност е историјата на македонското револуционерно движење. Ним им пречеше зборникот на автентични документи, мемоари, меморандуми, декларации, резолуции и окружни писма на ЦК на ВМРО, потпишани од Тодор Александров, како и неговата лична кореспонденција, плашејќи се дека нивните еднострани и идеологизирани ставови и интерпретации за оваа личност ќе паднат во вода. Што се однесува за личноста на Иван Михајлов, јас во моите трудови воопшто не го рехабилитирам, туку научно, објективно, документирано и критички го презентирам. Мојата монографија, поточно докторска дисертација „ВМРО 1924-1934”, беше оценета за „најдобра студија за ВМРО”, а моите „опоненти” дури и ја цитираат. Од друга страна, во Бугарија за истата дисертација излегоа две негативни рецензии. А кај нас некои добија и партиска задача подробно да ја анализираат монографијата. Проф. Атанас Вангелов дури по десетина наменски колумни, токму во Вашиот весник „Дневник”, на крај заклучи дека нема ништо спорно со пишувањето за дејноста на ВМРО во наведениот период и за третирањето на личноста на Иван Михајлов.
И сега, во случајот со мемоарите на Крсте Мисирков, се истрчаа по една новинарска конструкција и непромисленост, без да ја почекаат мојата официјална изјава. Како одвај да чекаа хистерично да ме дискредитираат „добрите познавачи” на Мисирков. Се јавија некомпетентни, односно историски неедуцирани новинари, повторно проработија тајните центри собрани и оркестрирани од познатата „Фабрика”, некои помлади колеги за да излезат од анонимност, а други со професорски и докторски титули, инструирани од академски средини, се потпишуваат како анонимни автори. Каде е тука, ви се молам, научната етика и доблеста на моите колеги? Кому јас треба да одговорам на таквите неодмерени и навредливи напади, со анонимни и мртви ли души треба да полемизирам?
* Сметате ли дека во нашата историографија се градела еднострана слика за определени луѓе и настани, па затоа сега новите сознанија дејствуваат шокантно?
- Македонската историографија е карактеристична, меѓу другото, и по презентацијата и валоризацијата на определени личности, да не говорам за нивното димензионирање, глорифицирање или минимизирање, па и нивна сатанизација. Тоа се базираше на идеолошката припадност на авторот што ги проучува, издигнувајќи ги нивните омилени личности во недопирливи митови, притоа прикривајќи им ги темните страни од животниот и револуционерен пат, посебно кога се однесува на нивното национално изјаснување и определеност. И кога таквите прикриени или премолчани работи ќе излезат на видело, тогаш доаѓа до своевидни шокови или галиматијас во главите кај недоволно упатените во македонските историски процеси. Такви примери има безброј, ние историчарите добро ги знаеме тие појави, но сите немаме доблест и храброст јавно и отворено да укажеме на таквите недоследности, се' уште плашејќи се од некои стекнати авторитети во историската наука, не водејќи притоа сметка за својот личен авторитет и кредибилитет, а да не говориме за историската вистина.
Не треба да се заборави дека Македонската револуционерна организација беше самостојна, независна, народна, ослободителна и револуционерна организација, која беше широкоприфатена од сите слоеви на македонскиот народ и која со своето револуционерно дејствување единствено влеваше надеж кај поробениот македонски народ за ослободување на својата татковина.
* Зошто, на пример, не го зедовте денот кога е кренато Кресненското востание, кое е изворно македонско, во кое нема никакви дилеми околу македонската платформа и национални чувства?
- Не знам зошто токму мене ми го упатувате ова прашање, јас бев само член на владината Комисија за донесување на законот за изменување и дополнување на Законот за празниците. Се разбира, и ова востание, како и други настани и датуми од историјата на македонскиот народ се мошне значајни. Се одлучивме за овој, од причините што ги наведов. Не треба да се заборави дека Кресненското востание беше стихиен настан, набрзина организирано, со кратко дејствување, а Македонската револуционерна организација со долготрајно, вооружено, легално, институционално, политичко-дипломатско и културно-образовно дејствување.
Што се однесува до инцидентот, сметам дека секој таков недостоен и хулигански чин, дали тој се случува во Скопје, пред плочата на Мара Бунева, или во Мелник, пред гробот на Јане Сандански, треба најенергично да се осуди и да се преземат мерки такви слични инциденти во иднина да нема. Се разбира, сето тоа влијае и на добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија. За личноста на Мара Бунева јас неколкупати сум изјавувал дека на нејзиниот подвиг треба да се гледа како на патриотски чин, без разлика од каде е инструирана и испратена, бидејќи се работи за убиство на висок полициски чиновник на окупаторска власт во Македонија.
Револуционерите се потпишуваа за Македонија
* Како го толкувате потписот на Мисирков како „македонски Бугарин”, но и на други македонски револуционери што во определени периоди се изјаснувале како „Бугари” - како израз на национални чувства или како последица на нешто друго?
- Прашањето бара широка елаборација. Според мене, тоа е македонската национална транзиција, таква била судбината на македонските револуционери и културни дејци, кои биле принудени да емигрираат од својата поробена татковина и да дејствуваат од други земји, кои имале свои државни аспирации и пропаганди. Но и покрај тоа што тие се изјаснувале и се потпишувале како граѓани на државата во која живееле, нивните залагања, мечти и борба биле свртени кон татковината, кон нејзиното ослободување и создавање посебна македонска држава, давајќи притоа на знаење дека потекнуваат од Македонија, дека се нешто посебно. За ваквите неразјаснети, а според мене и прикривани моменти, виновни се историчарите, што не ги објаснуваат, туку едноставно ги одминуваат, премолчуваат и ги селектираат.
Има безброј вакви примери во македонската, а се разбира и во бугарската историографија. Истото се однесува и на Крсте Мисирков. И тој минувал низ разни премрежиња, но неговото огромно дело не треба да се оспорува или минимизира, како и објавувањето на неговите новооткриени мемоари. Неговите погледи и пишувања одамна им се познати на историчарите, но не и на пошироката јавност. На научниот собир „Делото на Крсте Мисирков”, одржан пред две години во МАНУ, рефератот на д-р Растислав Терзиоски предизвика жестоки дискусии, и покрај тоа што беше констатирано дека Мисирков „не е икона, не е беспрекорен”. Тоа само ќе придонесе за дорасветлување и објективизирање на неговите погледи, ставови и опсервации за македонските и други прашања и никој не треба да се вознемирува и да се плаши од политизација.
Импутации дека сум „пробугарски” историчар
Јас веќе отрпнав на импутациите, како и на многубројните исполитизирани и навредливи етикети од поранешните и актуелните политичари и новинари. Никој од нив во своите тенденциозни изјави на моја сметка не цитира тоа што сум го напишал или изјавил. Имаше ампутирање, измислување, додавање во моите изјави, дискредитирање без да прочитале некој од моите трудови, одбивање покани да се соочиме, како и недоаѓање на судските процеси. Меѓу нив имаше и мои познајници, со кои соработував и кои добро ги познаваа моите ставови. Но, тајните „центри” беа посилни од нашето познанство.
Бранко Горгевски