Силна експлозија во близина на аеродромот во Тирана
МИА
15.03.2008 14:49
Силна експлозија се случи денеска околу пладне во магацин за оружје на албанската армија во реонот на Вора, на 12 километри северно од Тирана.
Околу 30 повредени лица биле префрлени во Воената болница во Тирана, изјави директорот на болницата.
Експлозијата многу силно била почувствуванa и во албанскиот главен град.
Албанскиот премиер Сали Бериша изјави дека состојбата е многу тешка и алармантна и дека веројатно има многу повредени.
„Испративме хеликоптери на Министерството за одбрана и започнавме да го евакуираме населението на селата што се наоѓаат во околината на магацинот“, изјави Бериша.
Прозорците на аеродромот „Ринас“ во Тирана, што се наоѓа на оддалеченост нешто повеќе од километар од магацинот, се искршени од експлозијата. Има и оштетени автомобили.
Од пладне, кога беше првата детонација, се слушнаа уште неколку други експлозии.
„Франс прес“ јави дека патници од автобус кој во тоа време минувал недалеку од магацинот биле повредени и хоспитализирани во Драч.
Агенцијата цитира и очевидци, според кои во моментот на експлозијата војниците складирале гранати.
Полицијата соопшти дека воената болница во Тирана е ставена во состојба на тревога.
Движењето во насока на аеродромот е блокирано, полицијата го обезбедува Коридор за брзо движење на медицинските екипи.
Извор