Календар - денес се слави

  • Креатор на темата Креатор на темата Чаир
  • Време на започнување Време на започнување
Статус
Затворена за нови мислења.
Денес се слави Божиќ - Христовото раѓање
Па нека им е честит на сите православни за многу години,многу здравје, љубов и нека не чува Бог сите !:smir:
 
Собор на Пресвета Богродица

На вториот ден од Божик христијанската Црква ѝ оддава слава на Пресветата Божја Мајка, Којашто Го роди Господ и Сапсителот наш Исус Христос. Ова празнување се нарекува Нејзин собор затоа што на тој ден се собираат сите верни за да Ја прослават Нејзе, Која е Богородица. Тогаш се служи торжествено, соборно, во Нејзина чест. Во Охрид од древноста беше устроено спроти вториот ден на Божик вечерната да се служи само во црквата на Пресвета Богородица, наречена Челница. Целото свештенство со народот овде соборно Ја прославуваше Пречистата Божја Мајка.

Спомен на бегството во Мисир

Источните мудреци, ѕвездогледци, што Му се поклонија на Господ во Витлеем, на заповед од ангел се упатија на пат кон својата татковина. А свирепиот цар Ирод намисли да ги убие сите деца во Витлеем. Бог ја виде оваа намера на Ирод, па испрати Свој ангел кај Јосиф. Божествениот ангел му се јави на Јосиф во сон и му нареди да го земе Младенецот и Неговата Мајка и да бегаат во Мисир. Јосиф така и постапи. Ги зеде Младенецот и Мајка Му и се упатија прво во Назарет (Лука 2, 39), овде ги уреди сите свои домашни работи, го зеде со себе својот син Јаков, а потоа тргнаа за Мисир (Исаија 19, 1). Во стар Каиро до денес се покажува пештерата во којашто живееше Светото семејство, а во селото Матареа, близу Каиро, укажуваат на дрвото под кое се одмарала Пресвета Богородица со Богомладенецот. Таму има и чудотворен извор со вода под она дрво. Откако поживеаја неколку години во Мисир, по заповед на ангел Божји се вратија повторно во Палестина. И така се исполни второто пророштво: „Од Мисир го повикав Синот Свој“ (Осија 11, 1). Ирод беше умрен, а на неговиот крвав престол седна достојниот нему во злото син Архелај. Кога слушна Јосиф дека Архелај царува во Ерусалим, се упати во Галилеја, во својот град Назарет, каде што се насели во својот дом. Со Галилеја тогаш владееше вториот син Иродов, Ирод помладиот, којшто беше малку поблаг во злото од својот брат Архелај.

Преподобен Еварест

Тој читајќи ги делата на Св. Ефрем Сирин од дипломат стана монах. Беше многу суров кон себеси. На телото носеше синџири, јадеше еднаш неделно, само сув леб. Живееше седумдесет и пет години и отиде кај Господ околу 825 година.
Свети Ефтимиј Исповедник, епископ Сардиски
Присуствуваше на Седмиот Вселенски Собор. Заради иконопочитувањето помина во прогонство околу триесет години. При царот Теофил Иконоборец го биеја со воловски жили, при што заврши маченички во 840 година и прими венец на слава на небото.

Преподобен Константин Синадски

Се обрати од Евреин во христијанин. На Крштението си го положи себеси крстот на глава и на неа му остана чудотворен отисок од крстот сѐ до смртта. Се упокои во Цариград во 7 век. Славен заради испосништвото и многубројните чуда. Седум години порано го прорече денот на својата смрт.
 
Светите Дваесет илјади никомидиски маченици

Во времето на свирепиот цар Максимијан Херкул христијанската вера во Никомидија цветаше и се умножуваше секојдневно. Еднаш царот бавејќи се во тој град дозна за христијанското мноштво и за напредокот на Христовата Црква, па многу се огорчи и смисли план како да ги погуби сите. Тогаш се приближи празникот на Христовото Рождество, а царот дозна дека тој ден сите христијани ќе се соберат во црквата, па нареди на денот на празникот црквата да се опколи со војска и да биде запалена. Откако се собраа христијаните по полноќ и откако торжествено го започнаа својот Божествен празник, војниците ја опкружија црквата не пуштајќи никого надвор, а царски пратеник влезе во црквата и им ја објави царската заповед: или веднаш да им принесат жртва на идолите или да бидат изгорени сите. Тогаш со Божествена ревност се распали архиѓаконот и почна да го потсетува христијанското собрание на Тројцата младенци во печката Вавилонска. „Погледнете, браќа, кон жртвеникот на Господовиот олтар и разберете дека на него сега за нас се жртвуваше нашиот Господ Кој е вистински Бог; зарем ние да не ги положиме за Него нашите души на ова свето место?“ Народот се возбуди да умре за Христа, а сите огласени се крстија и се миропомазаа. Тогаш војниците ја потпалија црквата од сите страни, а христијаните, на број дваесет илјади, изгореа во пламенот воспевајќи ја славата на Бога. Пет дена по ова црквата гореше, а од неа се креваше чад со неопислив опоен мирис и на она место се покажуваше необична златозарна светлина. Така славно завршија многубројни мажи и жени, девојки и деца, примија венец на вечна слава во Царството Господово. Пострадаа и се прославија во 302 година.

Преподобен Симеон Мироточив

Основач на светогорскиот манастир Симоно-Петра. Прославен низ подвизи, виденија и чуда. Се упокои мирно и премина кај Господ во 1257 година.
Светата маченичка Домна

Девица и жреца на скверните идоли на дворецот на царот Максимијан. Откако од некаде ги прочита Делата Апостолски поверува во Христа и се крсти од епископот Кирил во Никомидија заедно со евнухот Индис . Свети Кирил ја упати во женски манастир, каде што игуманија беше блажената Агатија. Но кога царот почна да трага по неа, Агатија ја преоблече во машка облека и ја испрати во машки манастир. Во тоа време во црква беа изгорени дваесет илјади христијани, на заповед на царот Максимијан. Веднаш потоа, по наредба на царот, Светите Индис, Горгониј и Петар беа фрлени во морето откако претходно им обесија камења на вратовите. Војводата Зинон којшто јавно го изобличи царот за идолопоклонство беше заклан; Свети Теофил, ѓаконот на епсикопот Антим, го убија со камења и со стрели. Игуманијата Агатија, монахињата Теофила и големците Доротеј, Мардониј, Мигдониј и Ефтимиј, сите ги погубија заради Христа. Една ноќ Домна одеше по морскиот брег и ги виде рибарите како фрлаат мрежи во морето. Во тоа време таа посебно тагуваше по Свети Индис. Рибарите ја повикаа да им помогне и таа појде, а по Божја Промисла во мрежата извлекоа три човечки тела. Во нив Домна ги позна Св. Индис, Горгониј и Петар, ги зеде нивните тела и чесно ги погреба. Кога дозна царот дека некое момче ги чува и ги кади гробовите на христијанските маченици, нареди да го убијат со меч. Ја фатија и ја убија Света Домна, која стекна маченички венец во Царството Божјо заедно со мачениците.



shim.gif
 
Светата маченичка Анисија

Родена е во Солун од угледни и богати родители, воспитана во Христовата вера. Рано остана сираче и целата се предаде на богомислие и на молитва во својот дом. Побудувана од Христовата љубов често велеше: „О лажен животу на младите, зашто или соблазнуваш или се соблазнуваш. Подобра е староста, но тага ме обзема заради должината на времето коешто ме дели од небесните“. Потоа сиот свој имот го продаде и им го раздаде на ништите, а самата живееше од трудот на своите раце. Држеше строг пост, спиеше многу малку и непрестајно лееше солзи на молитва. Кога ќе ја совладаше сон, си велеше себеси: „Опасно е да се спие кога мојот непријател бдее“. Во тоа време свирепиот цар Максимијан издаде проглас дека секој може да убие христијанин кога ќе го сретне, без суд и осуда. Еднаш оваа света девојка излезе за да оди в црква. Тој ден беше незнабожечки празник на сонцето. Некој војник ја виде убава во лицето, па ѝ пријде со нечиста желба и ја праша за името. Таа се прекрсти и му рече: „Јас сум слугинка Христова и одам в црква“. Кога дрскиот војник ѝ пријде поблиску и почна да ѝ зборува безумни нешта, таа го оттурна и му плукна во лицето. Војникот ја удри со меч под ребрата и ја прободе. Оваа Света девица пострада во 298 година. Христијаните ја погребаа чесно, а Бог ја овенча со маченички венец во Своето Царство. Над нејзиниот гроб подигнаа црква.

Преподобна Теодора Цариградска

Монахиња и послушничка на Св. Василиј Нови (под 26 март). По смртта му се јави на Св. Григориј, ученик на Василиј, и му ги опиша дваесетте митарства што ги минувала нејзината душа дури со помошта на молитвите на Св. Василиј не влегла во вечниот спокој. Се престави кај Господ на 30 декември 940 година.

Светиот апостол Тимон

Еден од Седумдесеттемина апостоли. Го поставија за Батрски епископ во Арабија. Проповедајќи го Евангелието претрпе многу маки од незнабожците. Го фрлија во оган, но остана неповреден. Најпосле издивна распнат на крст и се пресели во Христовото Царство.


Преподобна Теодора Кесариска

После многу подвизи во манастирот на Света Ана мирно се упокои во 775 година.

Препоодбниот маченик Гедеон

По потекло Грк од многу бедни родители. Во младоста насилно го потурчија. Се покаја и побегна на Света Гора, каде што се замонаши во манастирот Каракалу. Желен за мачеништво за Христа зеде благослов од духовникот и појде во местото каде што беше потурчен, им се јави на Турците, ја исповеда својата вера во Христа, а Мухамед го нарече лажен пророк. Турците му ја избричија главата, го положија наопаку врз магаре и го водеа низ градот. Но тој се радуваше зашто претрпе потсмевање за Христа. Потоа со секира му ги отсекоа сите прсти на рацете и на нозете и најпосле го фрлија во нужник, каде што и Му ја предаде својата света душа на Господа, во 1818 година во местото Трново во Тракија. Неговите чудотворни мошти почиваат во црквата на Светите апостоли во Трново, а еден дел се наоѓаат во манастирот Каракалу.
 
Преподобната мајка Синклитикија

По потекло од Македонија. Воспитана во Александрија. Како богата и угледна девојка многумина ја бараа за брак, но таа сите ги одби и побегна од домот на нејзините родители во манастир. Поживеа осумдесет години, во најголемо воздржание, пост, бдеење и молитва. Нејзините поуки за монахињите се секогаш сметани за вистински духовни бисери, бидејќи Света Синклитикија високата духовна мудрост ја стекна не преку книги, туку преку страдање, мака, низ деноноќно богомислие и духовно општење со Божествениот свет. Во тој возвишен свет со душата се пресели во 350 година. Меѓу другото, говореше преподобната Синклитикија: „Ако е време на пост не оставај го постот божем заради болест, зашто и оние што не постат запаѓаат во исти болести“. Уште велеше: „Како што изложеното богатство брзо го раграбуваат така и добродетелта, кога се разгласува, се помрачува и се губи“.

Светиот свештеномаченик Теопемт и маченикот Теона

Кога Диоклецијан објави гонење на христијанинте, никомидискиот епископ Теопемт беше првиот кој пострада за Христа. Го изведоа пред царот и царот му се закани со смртна казна ако не се одрече од Христа. На оваа закана храбриот епископ одговори: „Напишано е: не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат. Ти цару, имаш власт над моето тело, прави со него што сакаш“. Многу го биеја, го мачеа со глад и го истизаваа на разни начини. Најпосле царот повика еден маѓепсник, Теона, да му доскокне на Божјиот човек со некои магии. Теона раствори во вода најјак отров и му го даде на Теопемт да го испие. Овој ја прекрсти чашата и го испи отровот. Кога виде Теона дека неговиот отров воопшто не му наштети на Теопемт, се заврте кон царот и возвикна: „И јас сум христијанин и Му се поклонувам на Распнатиот“. Обајцата ги осудија на смрт. Теопемт го убија со меч, а Теона жив во земја го закопаа, во 298 година. Чесно пострадаа и станаа граѓани на Царството Христово.

Светиот пророк Михеј I

Современик на Пророкот Илија. Му пророкуваше на царот Ахав за погибелта во војната со Асирците (1 Царства 22; 2 Летописи 18). Сѐ пророкуваше усно и не пишуваше ништо. Друг беше оној Михеј којшто го прорече раѓањето на Господ во Витлеем и напиша книга со пророштва.


Преподобна Аполинарија

Ќерка на Антимиј, намесникот на малолетниот цар Теодосиј Помладиот. Таа му беше постарата ќерка, а помладата беше луда. Аполинарија не сакаше да се мажи, туку во срцето стана Христова свршеница и замина во пустината Мисирска. Во машка облека и под машкото име Доротеј, стапи во машки манастир, каде се подвизуваше вознесувајќи го непрестајно својот дух кон Бога и горејќи од љубов кон Создателот. Некој му посоветува на царскиот намесник да ја испрати неговата луда ќерка кај пустинските монаси да ѝ прочитаат молитва. И по Божја Промисла се случи постарата сестра со својата силна молитва да ја исцели својата луда сестра. Дури кога Аполинарија се упокои, се објави тајната дека не беше машко туку женско. Мажествената храброст на оваа света девица остана за пример и поттик на многумина низ вековите. Се упокои во 470 година.
 
Светиот свештеномаченик Климент, епсикоп Анкирски

Роден 258 година во градот Анкира од татко незнабожец и мајка христијанка. Неговата благочестива мајка Ефросинија му прорече на својот син маченичка смрт и го остави овој свет кога Климент беше на возраст од дванаесет години. Нејзината другарка Софија го зеде Климент во својата куќа како син и го помогна неговото воспитание во христијански дух. Роден 258 година во градот Анкира од татко незнабожец и мајка христијанка. Неговата благочестива мајка Ефросинија му прорече на својот син маченичка смрт и го остави овој свет кога Климент беше на возраст од дванаесет години. Нејзината другарка Софија го зеде Климент во својата куќа како син и го помогна неговото воспитание во христијански дух. Климент беше толку прочуен заради неговиот добродетелен живот, што го избраа за епископ Анкирски во дваесеттата година од животот. Во младоста стекна старечка мудрост и со големо воздржание го скроти и го победи своето тело. Се хранеше само со леб и зелје и не јадеше ништо заклано и крвно. Во времето на Диоклецијан беше мачен толку страшно „како никој никогаш од постанокот на светот“. Во маки и затвори помина дваесет и осум години. Го малтретираа и го мачеа единаесет разни мачители. Кога еднаш го удираа по лицето, го плукаа и му ги кршеа забите, му довикна на мачителот Дометијан: „Ми правиш чест Дометијане, а не ме мачиш, зашто вака беше биена устата на мојот Господ Исус Христос и вака Му беа удирани образите, а ти и мене недостојниот со тоа ме удостои“. Кога го доведоа пред царот Диоклецијан во Рим, царот постави на една страна разни орудија за мачење, а на другата подароци, одликувања, облеки, пари - сѐ што би можел еден цар да дарува, па му рече на Климент да одбере. Христовиот маченик погледна на царевите подароци со презир и ги одбра справите за мачење. Беше неискажливо мачен: парче по парче месо му откинуваа од телото, така што коските му се проѕираа под месото. Најпосле војниците го убија со меч, во 312 година, во црквата во Анкира, додека како архиереј служеше литургија. Чудата што ги изврши Свети Климент немаат број.

Шестиот Вселенски Собор

Одржан во Цариград. Првото заседание беше во 681 година, а второто во 691 година. Овој Собор ги осуди еретиците монотелити, коишто погрешно учеа дека Христос имаше само Божествена волја, без човечката. Беа донесени и неколку правила за дисциплината и редот кај свештенството.
Свети Павлин Милостив
Најпрво римски сенатор, а потоа епископ во Нола. По примерот на својот пријател Св. Амвросиј прими Крштение, а потоа се оддалечи во Пиринејските Планини во Шпанија заради подвиг. Но бидејќи ниедна светилка не може да се скрие и Св. Павлин го пронајдоа и го избраа за епископ Нолски. Беше добар и милостив пастир. Мирно се упокои во 431 година. Моштите му почиваат во Рим, во црквата на Св. Вартоломеј.
 
Преподобните Ксенофонт и Марија
и нивните синови Јован и Аркадиј


> Угледни и богати цариграѓани. Живееја богоугодно и со најголемо внимание ги воспитуваа своите синови во христијански дух. Кога синовите им пораснаа, ги пратија на студии во Вирит (Бејрут); но се случи бура го потопи коработ. По Божја Промисла Јован и Аркадиј беа некако спасени и исфрлени од брановите на брегот, но на две различни места, така што секој мислеше за другиот дека потонал. Од тага еден за друг обајцата се замонашија во два различни манастири. После две години нивните ужалени родители појдоа во Ерусалим на поклонение на светостите. Таму со помош на проѕорливоста на еден духовник се состанаа прво брат со брат, Јован и Аркадиј, а потоа и родителите со своите деца. Од благодарност кон Бога Ксенофонт и Марија и самите го раздадоа сиот свој имот на сиромасите и обајцата се замонашија. Трогателната историја на овие четири свети души јасно покажува колку прекрасно Господ раководи со судбините на оние што веруваат во Него; како допушта врз нив маки и жалости за потоа уште позасилени во верата да ги возведе во многу поголема радост. Живееја и се упокоија во Господ во 10 век.

Преподобен Симеон Ветхи

Другар и пријател на Св. Паладиј. Од рана младост па до смртта се подвизуваше во една пештера. Основа два манастири и се упокои во Господ во 390 година. Ветхи, т.е. Стар се нарекува за разлика од Св. Симеон Столпник, којшто се подвизуваше нешто подоцна од него.


Свети Давид, цар Грузиски (1089 г. – 1130 г.)

Ја обнови и ја зајакна Грузија како држава. Како ревнител за христијанската вера изгради многубројни нови храмови низ Грузија и старите ги обнови. Се смета за преродбеник на Православието во Грузија.
 
Светиот маченик Трифун

Роден е во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители. Во детството беше чувар на гуски. И уште од детството врз него беше голема Божја благодат и можеше да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови. Во тоа време со Римското царство завладеа царот Гордијан, чијашто ќерка слезе од умот и со тоа го фрли царот во голема жалост. Ниеден лекар не можеше да ѝ помогне на лудата Гордијана. Тогаш демонот прозборе преку девојката и рече дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикаа и овој млад Трифун. Го доведоа во Рим и тој ја исцели царската ќерка. Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги раздели на сиромасите. Потоа ова свето момче продолжи да чува гуски и да Му се моли на Бога. Кога се зацари христоборниот Декиј, Свети Трифун беше малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но тој со голема радост ги поднесе сите мачења, велејќи: „О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“ Маките не му наштетија ни малку и најпосле мачителите го осудија на смрт со меч. Му се помоли на Бога и издивна во 250 година.


Светите маченици Перпетуа, Фелицитате, Сатир
и другите со нив


Во времето на царот Септимиј Север ги фрлија во затвор зашто беа христијани. Света Перпетуа беше по потекло благородничка и таа ги храбреше другите затвореници да не се исплашат да пострадаат за Христа. На сон виде лествица од земјата до небото, сета начичкана со остри ножеви, јадици, клинци и други смртоносни оружја. А на дното од лествицата лежеше страшна змија. И виде како Сатир прв претрча низ лествицата до врвот неповреден, па од врвот ѝ довикна: „Перпетуа, ајде, те чекам! Но чувај се од змијата!“ Охрабрена од ова Перпетуа застана на главата од змијата како на прво скалило, па брзо редум истрча до врвот. И кога се искачи на врвот, влезе во небесата и ги виде прекрасните дворци небесни и беше многу радосна. Кога им го раскажа овој сон, затворениците растолкуваа дека наскоро им претстои смрт, и тоа прво на Сатир, коешто набрзо и се исполни. Прво го убија Сатир, а потоа Перпетуа и другите редум. Примија од Господ вечна награда во царството на светлината. Пострадаа сите за Христа во 202 или 203 година.

Преподобен Петар Галатиски

Во својата седма година го напушти родителскиот дом заради Христа и се повлече во пустина. Овде со пост и молитва толку се восоврши што правеше многу чуда со силата на Духот Божји. Околу 429 година се пресели во вечното Христово Царство во деведесет и деветтата година од животот.
 
Светиот великомаченик Теодор Стратилат

Драгоценоста на маченичкиот подвиг зависи од величината на богатството што ќе го напушти христијанинот примајќи страдање наместо тоа богатство; и од величината на страдањето што ќе го поднесе заради Христа. Свети Теодор, римски војвода, во војската на царот Ликиниј и градоначалник на градот Хераклеја, ја презре својата младост и убавина и војводскиот чин и царската милост и наместо тоа на себе прими страшни маки заради Христа. Најпосле беше биен, прими шестотини удари по грбот и петстотини по стомакот; потоа го подигнаа на крст и го издупчија со стрели. На крајот го убија со меч. Сето тоа го претрпе зашто Го љубеше Христа над сѐ на светот. Го презре глупавото суеверие на царот Ликиниј, ги урна сребрените и златни идоли и парчињата од нив им ги раздаде на сиромасите; мнозина ги обрати во верата Христова и го повика самиот цар Ликиниј да се одрече од идолите и да поверува во единствениот жив Бог. За време на мачењето Свети Теодор непрестајно говореше: „Слава Ти, Боже мој, слава Ти!“ Пострада на 8 февруари 319 година во три часот попладне и се пресели во Царството Христово. Се смета за заштитник на војниците што го повикуваат на помош. Неговите чудотворни мошти ги пренесоа од Евхаити во Цариград и ги погребаа во црквата Влахерна.

Светиот пророк Захарија

Единаесеттиот од помалите Пророци. Заедно со Пророкот Агеј го поттикнуваше кнезот Зоровавел да го обноват ерусалимскиот храм. Го прорече свеченото влегување на Исус Христос во Ерусалим на младенче од ослица; и предавството на Јуда за триесет сребреници; и бегањето на апостолите од Христа во времето на Неговото страдање - ќе удрат по пастирот и овците ќе се разбегаат (13, 7). Пророкот Захариј се нарекува и Срповидец, зашто во визија виде срп како слегува од небото за да ги покоси неправедните, особено крадците и хулителите на Божјото име. Се упокои во последната година од царувањето на Дариј Хистасп, околу 520 година пред Христа.

Свети Сава II, архиепископ Српски

Син на кралот Стефан Првовенчан, а внук на Свети Сава Први. Пред монашењето се викаше Предислав. Следејќи го примерот на својот голем чичко, Предислав се замонаши и ревносно се предаде на подвиг. Беше избран за архиепископ српски после Св. Арсениј. Под името Сава Втори, управуваше со Црквата со голема предаденост и љубов. Се упокои во 1268 година. Моштите му лежат во манастирот во Пеќ.
 
Свети Лав, епсикоп Катански

Свети Лав им беше добар пастир и милосрден наставник на луѓето во градот Катана под вулканската планина Етна. Многу се погрижи околу болните и сиромашните. Неговата ревност за верата беше исто толку голема како и неговото милосрдие кон неволните. Во тој град се појави еден маѓепсник Илиодор, кој го замајуваше народот со разни магиски вештини и ја развраќаше младежта во градот. Еднаш за време на литургија влезе во Божјиот храм и се зафати да волшебствува. Свети Лав му пристапи, го врза со едното крајче на својот омофор и го одведе на градскиот пазар. Овде нареди да се запали голем оган и кога огнот се разгоре, влезе самиот во него и го вовлече внатре и Илиодор. Илиодор сиот изгоре, а Свети Лав остана неначнат од огнот. Од ова сите што беа замајани од Илиодор и гледаа во него божество се засрамија. А милосрдниот и ревносен Лав се прочу по целото царство како голем чудотворец, којшто со своите пресветли чуда им помага на луѓето. По неговата смрт од неговите мошти потече исцелително миро. Се упокои во 8 век.

Светиот свештеномаченик Садок

Беше епископ во Персија после Св. Симеон. Еднаш во сон му се јави Св. Симеон и му рече: „Вчера јас, денес ти!“ Овие зборови Св. Садок му ги протолкува на своето стадо со значењето: „Лани пострадав јас, а оваа година ќе пострадаш ти!“ И навистина, таа година царот Сапор го уапси, заедно со многуборен клир и народ и ги изведе на суд. Прво им нареди да им се поклонат на огнот и на сонцето како на божества. Садок одговори: „Ние сме од сесрце подготвени да умреме за нашиот Бог, но на сонцето и на огнот нема да им се поклониме“. По ова беа мачени и осудени на смрт со меч. Пред смртта Св. Садок Му ја вознесе на Бога оваа молитва: „Измиј нѐ, Боже, во нашата крв од нашите гревови!“ Неговите свештеници и верни заедно со него си ги предадоа телата на смрт, а душите на Бога бесмртниот. Пострадаа во 342 или во 344 година.
 
Свети Тарасиј, патријарх Цариградски

Неговиот претходник, патријархот Павле, тајно го напушти престолот, отиде во манастир и прими схима. Тогаш владееја Ирина и Константин. Во 783 година, според советот на Павле, за патријарх беше избран царскиот советник и сенатор Тарасиј. Брзо ги помина сите црковни чинови и стана патријарх. Човек со високо образование и голема ревност во православната вера. Овој чин го прими неволно, но во име на победата на Православието над ересите, особено над иконоборството. Под него беше свикан Седмиот Вселенски Собор во Никеја во 787 година, каде што ереста беше осудена, а се врати и се утврди почитувањето на Светите икони. Тарасиј беше многу милостив кон сиромашните и кон бедните, им правеше засолништа и им даваше храна. Но кон силните беше одлучен во одбрана на верата и моралот. Кога царот Константин ја избрка својата законска жена Марија и зеде некоја своја роднина па живееше со неа барајќи од патријархот благослов да се венча, Свети Тарасиј не само што не му даде благослов туку најпрво го посоветува, потоа го изобличи и најпосле го одлачи од Причест. Пред срмтта го видоа како им одговара на демоните: „Не сум виновен за тој грев! Не сум виновен ни за тој грев!...“ Така сѐ дури не му изнемоште јазикот, па почна да се брани со рацете и да ги изгонува демоните. Кога издивна лицето му заблеска како во сончева светлина. Овој вистински јерарх се упокои во 806 година. Со Црквата управуваше дваесет и две години и четири месеци.

Преподобен Пафнутиј Кефалас

Му беше современик на Св. Антониј Велики. За него се вели дека осумдесет години носел едно исто расо. Свети Антониј многу го ценел и на сите им велел дека овој преподобен Пафнутиј е вистински подвижник, кој умее да лечи и да спасува души.
 
Светите маченици Евтропиј, Клеоник и Василиск

Му беа другари на Св. Теодор Тирон. Кога славниот Теодор славно и умре, тие останаа во затворот после него и уште долго не беа осудени, зашто се обавуваше смената на царскиот намесник во градот Амесија. Кога стигна новиот намесник, уште понечовечен од својот претходник, нареди и му ги изведоа овие тројца. Сите беа млади, Клеоник и Евтропиј беа родени браќа, а Василиск му беше роднина на Св. Теодор. Но според братската љубов меѓу нив како да беа тројца браќа. Така му рекоа и на намесникот: „Како што Света Троица е неделлива така и ние сме неделливи во верата и неразлачни во љубовта“. Сите ласкања на намесникот и сите обиди да го поткупи Евтропиј беа залудни. Тој прво го покани Евтропиј на вечера, но Евтропиј го одби со зборовите на Псалмот: „Блажен е оној човек кој не оди на совет безбожнички“ (Пс. 1, 1). Потоа намесникот му понуди и огромно богатство - сто и педесет литри сребро - но Евтропиј и за ова го одби потсетувајќи го дека Јуда за сребро си ја изгуби душата. После сите обиди, малтретирања и мачења Евтропиј и Клеоник беа осудени на смрт со распетие, а Василиск го убија со меч. Му благодареа на Бога Којшто ги удостои да заминат во радоста на Неговото Царство, во кое му тргнаа во пресрет на својот војвода Св. Теодор, прославен од Христа, Господ и Победникот. Чесно пострадаа во 308 година.

Света Пијамука Мисирска

Заради Христа не сакаше да се мажи, а се предаде на подвижнички живот во домот на својата мајка. Земаше само малку храна, и тоа секој втор ден, а времето го минуваше во молитва и созерцание. Се удостои со дар на проѕорливост. Мирно се упокои предавајќи Му ја душата на својот Женик Христос, околу 377 година.

Светата непозната девојка

Од богата куќа во Александрија. Имаше добар татко, кој претрпе многу и заврши лошо, а мајка ѝ беше зла, добро поживеа и умре во мир, погребана во почести. Во недоумение дали да живее според примерот на нејзиниот татко или по примерот на мајка ѝ, оваа девица доживеа видение во кое ѝ беше откриен уделот на секој од нејзините родители во оној свет. Својот татко го виде во Царството Божјо, а мајка си во темнина и мака. Тоа ја определи сиот свој живот да Му го посвети на Бога и слично на нејзиниот татко да се држи за заповедите Господови, без оглед на противењата и неволјите што треба да ги претрпи. И таа докрај ги запази Христовите заповеди и со Божја помош се удостои со Небесното Царство, во кое повторно го пронајде својот богољубив татко.
 
Светите Четириесет и двајца маченици од Амореја

Сите беа војводи на византискиот цар Теофил. Кога царот Теофил ја изгуби битката со Сарацените околу градот Амореја, Сарацените го зазедоа градот, заробија многумина христијани, меѓу кои и овие војводи. Останатите христијани или ги убија или ги продадоа во ропство, а војводите ги фрлија во затвор, каде прележаа седум години. Повеќепати доаѓаа муслиманските првенци и ги советуваа да ја примат мухамеданската вера, но војводите не сакаа ни да чујат. Кога Сарацените им велеа дека Мухамед е вистински пророк а не Христос, војводите ги запрашаа: „Ако двајца се препираат за една нива, па едниот рече моја е, а другиот не, туку моја е, а притоа едниот од нив има многубројни сведоци, другиот пак нема ниту еден освен себеси, што би рекле вие, чија е онаа нива?“ Сарацените одговорија: „Навистина, на оној којшто има многубројни сведоци“. „Право пресудивте“, им одговорија војводите. „Така е и со Христос и Мухамед. Христос има многубројни сведоци - старите Пророци, коишто и вие ги признавате, а тие сите од Мојсеј до Јован Предвесник сведочат за Него, а Мухамед самиот за себе сведочи дека е пророк и нема ниту еден сведок“. Сарацените се засрамија, но повторно се обидоа да ја бранат својата вера на овој начин: „Дека нашата вера е подобра од христијанската се гледа по тоа што Бог нам ни даде победа над вас и ни ги даде најдобрите земји во светот и царство многу поголемо до христијанското“. На тоа војводите одговорија: „Кога би било така тогаш и египетското и вавилонското и елинското и римското идолопоклонство би биле вистинити вери, зашто во различни времиња секој од овие народи ги победуваше останатите и владееше над нив. Очигледно е дека вашата победа и силата и богатството не ја докажуваат вистинитоста на вашата вера. А ние знаеме дека Бог некогаш им дава победа на христијаните, а некогаш допушта над нив маки и страдања за да ги исправи и приведе кон покајание и очистување од гревовите“. После седум години, во 845 година, војводите завршија со смрт под меч. Нивните тела ги фрлија во реката Еуфрат, но испливаа на другиот брег, каде што христијаните ги зедоа и чесно ги погребаа.

Блажениот Јов

Роден е во Москва во 1635 година. Кон Црквата го привлекоа црковното пеење и богослужбите. Му стана духовник на царот Петар Велики, но заради некоја клевета се оддалечи во Соловецкиот манастир, каде што тврдо се подвизуваше. Се упокои во Господ во 1720 година во својата осумдесет и петта година. Пред смртта возвикна: „Благословен е Бог на нашите Отци! А кога е така не се плашам и со радост заминувам од овој свет.“

Светите маченици Конон таткото и Конон синот

Таткото беше веќе старец, а синот момче на седумнаесет години. Во времето на Дометијан за верата во Христа нив ги истругаа со бичкија и тогаш се прославија среде земната и небесната Црква. Чесно пострадаа во 275 година
 
Чаир од кај ги наваѓаш толку тие информации?
 
Ајде,утре ке ги фарбаме јајца,зад утре е црн петок не работен ден-ИСУС бил распнат на крстот.Во Сабота-ГО зеле од крстот и го клаиле во гроб и на 3ден ИСУС воскреснал од Мртвите.
Да ве прашам нешто? КЕ одите в црква?
 
Статус
Затворена за нови мислења.

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom