БИТОЛЧАНИ ГО РЕШИЈА НАЈГОЛЕМИОТ ПРОБЛЕМ, ЦЕНТАРСКИОТ
Станковиќ останува!
Високиот центар се согласи да го доигра вториот дел од првенството како играч на Свисслион Пелистер...
Можеби беа растрчани на сите страни, но на крајот раководството на Свисслион Пелистер успеа во оној свој "основен обид".
Да го задржи во Битола својот прв адут во битките под кошевите.
Срѓан Станковиќ останува играч на Свисслион Пелистер до крајот на оваа сезона. Вест која секако ќе ги израдува фановите на "пелистерци", кои со нетрпение очекуваа една ваква одлука.
"Да, можеме да потврдиме дека ќе го имаме кај нас Срѓан Станковиќ до крајот на првенството. Впрочем, тоа беше и наша примарна цел во овој зимски преоден рок"- вели претседателот на "зелено-белите", Марио Трифуновски.
Со останувањето на искусниот центар битолчани можат полесно да дишат пред денешниот последен ден од преодниот рок. Во оваа линија ги имаат уште Талевски и Бојан Поповиќ, според "пелистерци" сосема доволно за ротацијата.
Во меѓувреме може да се каже дека е како една традиција, Свисслион Пелистер направи смена на две странски позиции.
"Нови играчи на Свисслион Пелистер се и Александар Хелд и Дејан Ѓокиќ, кои доаѓаат на местото на Дујовиќ и Пејановиќ. Освен тоа, потпишавме договор и со Игор Трајковски, претходно и со Бојан Атанасоски. Со тоа практично ја формиравме натпреварувачката екипа"- дополнува Трифуновски.
Согласно со најавите "пелистерци" ќе тренираат во Битола до сабота. Веќе следниот ден е предвидено заминување на мини подготовки во Грција.
"Ќе се обидеме да одиграме два до три натпревари со некои локални лигаши, што е и желба на стручниот штаб. Добро ќе ни дојдат ако се знае дека првенството ќе почне две недели подоцна"- заклучува првиот човек на битолсиот суперлигаш.