ОД 24 ДО 27 АВГУСТ
Фестивалот на пивото ќе биде зачинет и со добра забава со најпознатите пејачи и музичари во земјава
Прилепско, скопско и уште десетина други видови пива од утре па во следните четири дена ќе се точи и пие на најголемата пивница во земјава-центарот на Прилеп. Градот на тутунот, Прилеп, четири дена ќе биде престолнина на пивопијците и на мераклиите на скара. На многуте штандови ќе се точат пива од познати пиварници во регионов како што е „ефес“, „каменица“ и италијанското „бира морети“.
Фестивалот на пивото ќе биде зачинет и со добра забава за која се ангажирани најпознатите пејачи и музичари во земјава.
- Сакаме да приредиме незаборавен празник на пиварите и граѓаните. Ќе се наздравува со кригли, ќе се точи пиво и ќе се забавува без престан 96 часа. Ќе дадеме се' од себе целата фешта да мине во најдобар ред, а затоа се ангажирани повеќе од 80 обезбедувачи, како и полицајци. Нема да има мали скараџии, туку секоја пивница ќе ангажира познати угостители - вели Љупчо Дурдубаков, кој ја откупи лиценцата од минатогодишните организатори.
Се очекува фестивалот за отворен да го прогласи градоначалникот Марјан Ристески.
- Секоја пиварница ќе има по еден час забавна програма и претставување со свои интерпретатори на сцената - вели Валентина Котеска, портпаролка на манифестацијата.
Инаку лани „Пиво-фест“ го посетиле над 200 илјади вљубеници во пивото кои испиле повеќе 150 тони пиво и изеле околу 35 тони месо.
За жал, ланскиот „Пиво-фест“ ќе биде запаметен и по трагичниот настан во кој животот го загубија четиригодишно девојче и 37-годишен прилепчанец.