Годинава Паткари е една од групите што славеше 35-годишен јубилеј, па еве нешто за нив. Извадоците подолу се од книгата „Знам за еден град крај езеро (струшки навивачки хроники)“ од Коста Хиохи, објавена во 2020-та. Книгава е мало богатство, фантастична архива, документ и сведоштво. Опфатен е и долг период пред да се формира навивачката група, има милион стари фотки и интересни приказни, не само за групата, туку и за ФК Караорман. Кој може да дојде до книгава, ептен препорачувам.
ЉУБИША, ЗЛАТО, ВРАТИ НИ ГИ ДИМНИТЕ!
*Сеќавање на Горан-Трифуноски-Цигла
Ги пратевме светските трендови на навивање кои безрезервно беа преземани од големите навивачки групи во тогашна Југославија и сонувавме дека и ние можеме да достигнеме такви кореографии на трибините. Но, тоа беше речиси невозможно. Од пиротехника, на пазарот можеа да се најдат некои смешни петарди и каписли за детски играчки. Распадот на СФРЈ веќе беше извесен по големите немири кои започнаа меѓу Србија и Хрватска, иницирани токму од навивачи, по познатите максимирски инциденти. Тоа уште повеќе ги ставаше навивачите на црната листа на сè уште постоечкиот систем. Додека државата пукаше по рабовите, нашиот член Томислав Прањиќ, преку познаник од навивачката група Војводи од Тетово успеа да набави сто димни бомби. Како? Едноставно, некој српски старешина од тетовската касарна кој се повлекувал со останатите припадници на ЈНА, знаејќи дека нема да биде гонет, решил да направи некоја пара. Парите ги собиравме сами, секој даваше колку што има, Томе го испративме со торба полна германски марки, а тој ни ги донесе стоте димни. Е сега, за илустрација, денешниве чадни бомби кои се користат за навивачка кореографија се играчки во споредба со тие тогашните, бидејќи вториве беа наменски користени како боева опрема, односно реквизит кој се користи во војна, за камуфлирање позиции при напад или одбрана. Испуштаа долготраен и исклучително густ чад и само една од нив можеше да покрие десетици кубни метри. Сега можете да замислите колкава покривна моќ имаше таа торба со 100 парчиња. Бидејќи беа многу на број, решивме да ги поделиме и така да ги чуваме далеку од очите на органите на редот, сè до првиот важен натпревар, а тоа беше дербито со Охрид кое за десет дена требаше да се одигра на Караорман. Арно, ама ние, секој со димните дома, нè јадеше забот како чадат, колку време? Некои почнаа да ги носат по џебовите. Така е тоа во тие години. Се собиравме на градската плажа Галеб, таму ни беше збирното место. Дискутиравме, ги разгледувавме, тие десет дена никако да поминат, ние се чинеа цела вечност. А ние, како што нè дал Господ, млади, луди и нестрпливи, рековме - ајде да запалиме две, никој нема да нè разбере зашто Галеб е покрај езеро и настрана од градските збиднувања. Така и бидна. Таа приквечерина кога обично никој немаше на плажата освен нас, во строго истражената и контролирана територија од нашите „извидници“ кои покрај тоа чуваа и стража да не наиде некој, по дадените инструкции од тетовскиот старешина ги запаливме чадните бомби во централниот дел на паркот од плажата „Галеб“. Тоа беше навистина моќна глетка. Двете чадни бомби не само што нè прекрија нас и не можевме да се видиме меѓу себе, туку чадот го испраќаа и надвор од рамките на плажата, преку улицата и училиштето „Браќа Миладиновци“. Веќе ни стана јасно дека немаме контрола врз ситуацијата и се разбегавме. Арно ама, тогаш за редот и поредокот во државата се грижеше милиција, не полиција, а разликата меѓу нив постарите многу добро ја знаат. Само неколку часа по настанот точно знаеја кој ги фрлил бомбите, па сите бевме повикани во полициска станица. Тогашните методи за изнудување информации подобро да не ги спомнувам. Се знаеше, таму и немиот пропеал. Некој нè поткажал сите, па уште вечерта се спроведе рација со точни и прецизни координати за остатокот од бомбите. Сè ни собраа. Во тоа време да ти дојде полиција дома беше еквивалентно на апокалипса. Фрчеа укори, забрани, ама ние бевме верни навивачи. Вака-така, таа сабота бевме сите присутни на трибините и гневни пеевме „Љубиша, злато, врати ни ги димните“ (*извесен Љубиша бил водач на еден од секторите во локалното МВР). Можам само да замислам каква ќе беше глетката доколку сите 100 димни бомби беа запалени, каква ли кореографија ќе беше тоа?
ОЛИМПИЈА ПОПОСКА - БАБА ЛИМБА
Олимпија Попоска - Баба Лимба, струшката Супер Бабичка, која беше најголемиот поддржувач на спортот и негов помагател. Во време на високи спортски резултати, пред сè на ФК Караорман, баба Лимба била своевидно заштитно лице на струшките навивачи. Ситната и симпатична старица неуморно потскокнувала на секоја шанса за гол или гол. Доаѓала многу пред натпреварот и им делела совети на играчите.
-Таа како можеби највозрасна во публиката, секогаш застануваше позади голот од западната страна на игралиштето. Користеше бастун поради некаков проблем со едната нога. Малку куцаше во одењето. Беше најактивна во секој поглед. Скоро цел живот го помина како член на управата на ФК Караорман. Но, не само фудбалот, „другарката Лимба“ беше навивач и помагател и на други спортски клубови и културно-уметнички друштва. АФЖ (Антифашистичкиот фронт на жените) беше посебна и особена преокупација на голем број жени стружанки. Лимба, секако, беше ненадминлива. (*сеќавање на д-р Климент Матоски за спортското навивање во Струга)
Голем број луѓе сакале да застанат што е можно поблиску до Баба Лимба, за да уживаат во нејзините стручни коментари за играта, играчите и судиите. Таа има многу признанија и одличија заради заслугите за развитокот на спортот во нашиот град. Се раскажува за една случка кога на нашите фудбалери не им одело. На полувремето влегла во соблекувалната. Замавнала со бастунот по играчите, карајќи ги. Ги исплукала и им рекла: „Срам и намуз да ви е. Фустани носите или панталони?!“ Му го испикала бастунот некому во меѓуножјето и му рекла: „Слечи ги гашчиве да вида шо имаш!“ Се засрамил играчот до немајкаде и уште додала: „Со стапчево нозеве че ви ги искрша ак' не победите!“ И навистина, во второто полувреме како да излегле сосема други единаесетмина. Гол за гол растел резултатот во корист на стружани. На крај по победата ликувала баба Лимба, извадила едно шамивче полно со шеќерни коцки и им ги поделила на играчите велејќи: „Не ви беше срам, како да бевте фатени во нозете, ми идеше ја да влеза да игра. Абре со бастунов че им дадев гол. Ке ви беше умот?!“