Вишокот тенкови од Русија ќе заминат за Венецуела
Чавез најави дека во септември во Москва ќе потпише договор за купување три баталјони современи тенкови
МОСКВА - Претседателот на Венецуела, Хуго Чавез, кој преку својата телевизија најави дека во септември, за време на посетата на Русија, во Москва ќе потпише договор за купување на три баталјони современи тенкови, би можело брзо да ги добие, не чекајќи да се произведат во фабриката во Нижни Тагил. Прашање е колку брзо претставниците на Русија и на Венецуела ќе се договорат за цената. Чавез, наводно, е заинтересиран за руските тенкови „Т-80 У“. Цената на тие тенкови се движи од два до 2,5 милиони долари за едно оклопно возило. Венецуела е заинтересирана да купи 100 такви тенкови, како и резервни делови. Многумина тој тенк го нарекуваат „летечки“, бидејќи иако е тежок 46 тони може многу „да скока“.
Зошто Венецуела би можела брзо да добие тенкови не е никаква тајна. Русија има намера во блиска иднина драстично да го намали бројот на своите тенкови, кои денеска ги има околу 23.000. Тенковите „Т-80 У“, за кои е заинтересиран Чавез, веќе не се произведуваат сериски, но Русија има дури 4,5 илјади вакви тенкови во своите бази. Руската армија го користи тенкот „Т-80 У“ од 1987 година, а базниот модел „Т-80“ советската армија го доби уште во 1976 година.
Во текот на реформите на руската армија ќе биде направена нова структура на тенковски единици, така што ќе останат само две бригади, како и 20 тенковски баталјони, кои ќе бидат во сибирскиот и во московскиот воен круг. Во иднина Русија ќе има вкупно околу 2.000 тенкови од разни модификации: „Т-90“, „Т-80“, „Т-72“ и други. Иако генералите што раководеа со руските оклопни единици тврдат дека нема алтернатива за тенковите, сепак, главната ударна сила на копнената војска, намалувањето на бројот на „гасеничари“ е логично, бидејќи за евентуални локални војни ќе останат доволен број, а ако дојде до светска војна главно оружје ќе биде атомското.
Руските генерали засега не зборуваат што ќе направат со отпишаните тенкови. Постарите сигурно ќе бидат наменети за старо железо, а еден дел најверојатно по реновирањето ќе биде продаден на светскиот пазар на оружје. Со продавањето на своите тенкови Русија со години може добро да заработува, како и од резервните делови. Инаку, Венецуела од Русија купи две фабрики за познатите автоматски пушки „калашников“.
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=0F31475BF02AB249841F1D9A67381004