ПОРАДИ БОЛЕСТ НА МЛАДИОТ ПЛЕЈМЕЈКЕР
Марсеј без Насри на Енфилд Роуд
Екипата на Олимпик Марсеј ќе биде осетно ослабена на гостувањето од ЛШ против Ливерпул, поради отсуството на Самир Насри.
Младиот плејмејкер веќе две-три недели е болен, а последните прегледи покажаа дека станува збор за доста сериозен вирус поради кој Насри ќе мора целосно да мирува во следните недела дена.
"Мислевме дека станува збор за мала настинка, но очигледно не бевме во право. Станува збор за вирус и Насри следните седум дена ќе ги мине во клиника во Марсеј. Се надеваме дека неговата состојба во овој период ќе се подобри за да може потоа да се врати на тренинзите. Сепак, реалните очекувања се дека овој фудбалер повторно ќе може да настапува за Олимпик за најмалку две недели", изјави споуксменот на тимот од Марсеј.
Отсуството на Насри е сериозен проблем за тренерот Алберт Емон, ако се знае дека 20-годишниот фудбалер е главен организатор на играта на Марсеј на стартот на оваа сезона. Овој плејмејкер веќе има 97 настапи за Олимпик во првата француска лига и беше избран за најдобар млад фудбалер во Франција за минатата сезона.