Со подршка на Градоначалникот Горанчо Пановски и администрацијата на Општина Чашка изминатиов викенд се сними репоретажа за селото Ореше.
Ореше е село во Општина Чашка.. Селото Ореше е се уште населено село иако половина од жителите го напуштиле и заминале на печалба во други земји и градови.
Соседно село на селото Ореше е селото Папрадиште, иако овие села се со иста приказна за населувањето тие се чиста спротивност на живеењето. Ако Папрадиште нема жители ги има повратници само преку летото, а пак Ореше брои околу 200 жители и лето и зима. Во него има 25 семејства со деца,а другите се старци. Шеесетина од нив се пензионери и тука ги поминуваат последните години од животот. Другите се иселени, претежно во Скопје, во Драчево.
Селото Ореше има и училиште од прво до четврто одделение исто така тоа има и продавница.
Ова село се наоѓа околу 800 метри надморска височина и неговите жители немаат можност за земјоделието па тешко се живее. Некои одгледуваат стока, од која за жал нема кој да и го откупи млекото.
Жителите велат дека живеат од социјална помош, иако рака на срце тешко може да се примети тоа. Машката работоспособна популација заминува од селото и работи како молери, по тоа се познати надалеку во Македонија и пошироко.
Орешани се Мијаци, нивните предци се доселиле од Гари, а тука, кога селото било во подем, многумина правеле дрвени садови. И сега неколкумина постари го работат овој занает. Сите саделе тутун и чувале стока. Немало парче земја што не било обработено. Големата преселба започна во шеесеттите години.
Селото Ореше има богата и длабока историја, тоа постоело уште во турското време и доказ за неговото тогашно постоење претставуваат стилот на градење на куќите и сведочењата и прераскажувањата на старите луѓе од ова село. Во ова село живеат и луѓе кои во периодот на турската власт учествувале во движењата за ослободување.
Од 1941 до 1945 година жителите од ова село учествувале во Народно ослободителната војна против германскиот и бугарскиот окупатор.
Една од најкарактеристичните специфичности која што ја одбележува традицијата на населението во село Ореше е народната носија која претставува културно богатство и наследство на населението од Ореше.
Селото Ореше се наоѓа во областа Азот или Бабуна. И покрај тоа што целата област е населена со Македонци, најголемиот дел од нив се идентификуваат како Брсјаци. Луѓето од селото Ореше како и од соседното Папрадиште, пак, се припадници на друга локална заедница Македонци наречени Мијаци. Токму поради тоа во етнолошката наука за овие две села се вели дека се мијачки оази во брсјачка етнографска целина.
Како резултат на исламизацијата и притисоците кои ги вршеле муслиманите во нивната матична територија, Мала и Долна Река, во XVIII век доаѓа до иселување на некои семејства од селата Галичник и Лазарополе кои, главно, се населуваат во планинската област Азот. Оваа област е избрана пред се` поради фактот што тука некои мијачки семејства имале имоти на кои ги напасувале овците и кои претставувале база за создавање постојани живеалишта. За етимологијата на името (етнонимот) Мијаци има повеќе теории. Секако, значајно место му се придава токму на народното толкување: Мие (ние) сме јаки; или зашто биле чисти и измиени се наречени Мијаци (оние што се мијат). Некои автори нивното име го поврзуваат и со нивниот бистар ум (наводно името Мијак го имало тоа значење), но Ѓорѓија Пулески, покрај тоа наведува дека Мијаци значи исто што и Македонци.
Карактеристично за оваа мијачка оаза во Велешко, и покрај блискоста и комуницирањето во секој поглед со населението од соседните села, е тоа што во минатото не се ородувале меѓу себе, па дури и постоеле чувства на нетрпеливост и натпревар меѓу овие две етнички групи.
Имено, Мијаците себеси се сметаат за нешто повеќе од Брсјаците, а пак Брсјаците за нив потсмешливо велат: Мијаци, Тријаци, три камења белутраци.
РАЈ
Сликите се превземани од фејсбук страната на
Општина Чашка. Во албумот се поставени повеќе слики.