Интересна анализа на Дневник базирана на западни медиуми.
Моќната авијација на САД една година ја бомбардира монструозната ИСИЛ и не може да ја уништи
Пред четиринаесет години, веднаш по нападите од 11 септември, јавноста беше принудена да прифати серија од погрешни претпоставки во врска со Осама бин Ладен и Ал каеда. Дел од нив се фокусираа на личноста на Бин Ладен - неговото богатство, здравје и историја. Групата што ја водеше, дотогаш релативно маргинална без реална основа за поддршка и само неколку стотина члена, беше прикажана како разгранета глобална терористичка организација со послушни оперативци и тајни ќелии на секој континент и способност да се мобилизираат, радикализираат и да напаѓаат далеку над својот вистински капацитет. Инциденти без врска со групата или нејзиниот лидер беа одеднаш преформулирани како „операции на Ал каеда“. Секој инцидент, каде било во светот, стануваше дело на Ал каеда. Еден резултат од оваа „фатаморгана“ беше глобалната војна против тероризмот, монументално погрешна стратегија, која е делумно „виновна“ за ширењето на радикалната исламска милитантност изминатата деценија, пишува британски „Гардијан“.
Kонтрола и по цена на Исламската држава
Војната против тероризмот, кампањата без крај, која беше иницирана пред 14 години од Џорџ Буш, сега се претвора во гротеска. Но тероризмот е сега во очите на тој што набљудува. И никаде ова не е поголема вистина отколку на Блискиот Исток, каде што денешните терористи се утрешни борци против тиранијата - и сојузниците се непријатели – смена што најчесто зависи од каприците на западните креатори на политиката. Изминатата година, американски, британски и другите западни сили се вратија во Ирак, наводно за да ја уништат хиперсекташката терористичката група Исламска држава (порано позната како Ал каеда во Ирак). Ова се случи откако ИД зазеде огромна територија во Ирак и Сирија и прогласи исламски калифат.
Но, воената кампања не оди по планираното. Многу Ирачани тврдат дека САД се неми набљудувачи додека сево ова се случува. Светлина врз ова тврдење неодамна фрли декласифицираниот таен извештај на американските разузнавачи, напишан во август 2012 година, кој чудно ги предвидува - и ефективно ги поздравува - изгледите за појава на „салафистички калифат“ во Сирија и Ирак. На споменувањето на можноста за воспоставување прогласен или непрогласен салафистички калифат, Пентагон посочува дека токму ова го сакаат поддржувачите на опозицијата (САД и Западот) за да го изолираат сирискиот режим. Токму тоа и се случи две години подоцна. Тоа не значи дека САД ја создадоа ИД, иако дел од нејзините сојузници во Заливот одиграа улога во тоа - како што лани призна потпретседателот на САД, Џо Бајден. Но во Ирак немаше Ал каеда додека САД и Британија не извршија инвазија. А САД дефинитивно го искористи постоењето на ИД против другите сили во регионот како дел од еден поширок обид за одржување на контролата на Западот.
Есапот се смени кога ИД почна да ги обезглавува заробените западњаци и да ги објавува своите злосторства на интернет, па земјите од Заливот почнаа да ги поддржуваат другите групи во сириската војна, како Фронтот Ал нусра. Но оваа американска и западњачка навика да си играат со џихадистички групи, која потоа им се враќа како шамар, датира уште од војната во 1980 година против Советскиот Сојуз во Авганистан, каде што Ал каеда се роди под закрилата на ЦИА за подоцна да удри во срцето на таа закрила.
Реално гледано, политиката на САД и Западот во „пожарот“ што сега беснее на Блискиот Исток е класична шема на „раздели, па владеј“. Американските сили во Сирија бомбардираат една група бунтовници, а поддржуваат друга, и активно учествуваат во заеднички воени операции со Иран против ИД во Ирак, а во исто време ја поддржуваат воената кампања на Саудиска Арабија против Хутите во Јемен, кои ја уживаат поддршката на Иран. Kолку и да се чини збунувачка американската политика, слабите и поделени Ирак и Сирија совршено се вклопуваат во таквиот пристап. Но, Исламската држава е иновативна. Таа досега не го таргетира директно Западот, како што Ал каеда продолжува да прави, туку повикува на поединци да дејствуваат самостојно во Европа и во САД, или против туристите и западњаците во странство.
Борба против самите себе
Пред речиси една година, САД почнаа воздушна воена кампања против ИД во Сирија и Ирак. Оттогаш речиси секојдневно се објавува статистика од бомбардирањето, односно колку воздушни напади се изведени во Ирак, а колку во Сирија. Ако земеме предвид дека станува збор за најголемата воена сила на светот, која дури и тврди дека во ваквите воздушни напади не дејствува сама, туку со помош на низа сојузници, се поставува прашањето, како тоа Исламската држава с` уште не е спречена во нејзиното дејствување? Напротив, по една куса пауза, ИД повторно незапирливо напредува, посочува „Инфоворс“.
Kога станува збор за односот меѓу ИД и многубројните опозициски милитантни групи во Сирија, важат две правила: т.н. бунтовници можат да ~ се придружат на ИД преку целосна интеграција или тесно сојузништво или можат да станат мета на ИД. Алтернатива не постои. Во тој виор од судири, додека т.н. умерени единици почнуваат нагло да исчезнуваат од сцената, САД и понатаму сметаат дека е можно да се создаде опозиција каква што заговараа уште во 2011 година. Со таква цел тргнаа и во процес на опсежна обука на опозициските сили во Јордан и во Турција. Меѓутоа, во досегашната пракса САД се покажаа како лош актер кога станува збор за обука на локалните борци - во Ирак, војската што ја обучуваа буквално се распадна при првата офанзива на ИД, додека во Авганистан самите се најчеста мета на борците што ги обучуваа. Времето ќе покаже дали таа нова генерација „проамерикански“ борци во Сирија се само мит или пропаганда. Засега постои голема опасност дека истите, по доаѓањето на сирискиот фронт, можат со американското оружје да прејдат на страната на ИД, како што веќе се случи во Ирак.
Имајќи го предвид тоа, лесно може да се заклучи дека САД, намерно или случајно, во исто време ја јакнат ИД и се борат против ИД. Се борат ли, во суштина, САД самите против себе? Факт е дека САД изведуваат воздушни напади против ИД и тврдат дека притоа убиваат многу милитанти. Kако тогаш ИД и понатаму незапирливо напредува и во Сирија и во Ирак? Или е ИД толку силна или нешто е гнило во тие американски воздушни напади. ИД би можела да се запре само со јасно дефинирање на актерите, кога поделбата би била на ИД и анти-ИД сили. Проблемот е во тоа што САД не ја гледаат сириската војска како анти-ИД сила, туку како непријател, пишува „Дејли бист“.
Три држави во Ирак?
Прашање е како САД гледаат и на ирачката војска, т.е. на целокупната слика за единствен Ирак. Зашто сега, кога на Ирак би требало да му се помага со сите расположливи средства, пречесто гледаме во американските стручни геополитички анализи предлози за дезинтеграција на Ирак како единствена држава. Пречесто се споменува создавање три нови држави: курдска, сунитска и шиитска. Не е тешко да се погоди дека с` што прават САД сега го прави со постојани предупредувања до своите заливски, сунитски сојузници: „внимавајте на нашите интереси во регионот!“. Нова сунитска држава на западот од Ирак би била токму она што го сака Саудиска Арабија, која се плаши од победата на унитарен, потенцијално изразито проирански Ирак. Затоа политиката е главна кочница за вистинска и темелна пресметка со ИД и с` додека е така, ИД ќе ја користи ситуацијата, ќе напредува и секој ден ќе станува с` потешка за запирање. Она што е јасно е дека ИД и нејзините монструозности нема да бидат поразени од истите сили што им ја донесоа на Ирак и Сирија или чии отворени и тајни воени одлуки ја „негуваа“ во годините потоа.