Мислам дека Пандев треба да ја смени средината, зашто воопшто не му одговара статусот на „ѕвезда“. Сметам дека последнава сезона во Лацио му беше полоша од претходната, не поради тоа што даде помалку голови, туку поради тоа што многу често се наоѓаше во ситуации да даде зицери, а ги промашуваше. Голем број од головите што ги даде не беа некои ремек-дела, како во претходните сезони. Јасно, не може да се занемари и доаѓањето на Зарате, кој веднаш го превзеде приматот на најдобар стрелец во Лацио, но мислам дека Пандев може само да изгуби ако остане таму.
Треба да се пресели во друга лига, каде никој нема да го ферма и каде ќе мора да дава 150% од своите можности, за да биде забележан и успешен. А никаде не е подобра таква средината отколку во Англија. Мислам дека таму Пандев ќе го стават под најстрог режим и или ќе се избори со тоа што ќе стане класа играч, или ќе падне веднаш во заборав.
Некој некаде рече: „Shoot for the moon. Even if you miss, you'll land among the stars.“ Со други зборови, не е успех ако остане на ова што е. Успех е ако направи еден чекор подалеку, не знаејќи дали тој чекор ќе биде правилен или не. Зашто не се работи за тоа дали Пандев ќе успее во Англија, туку дека воопшто ќе се *пресели* во Англија. Самото тоа ќе биде успех за него. Макар и греел клупа, тоа ќе го мотивира што повеќе да работи, за да се избори за првотимскиот статус. Не верувам дека нема воопшто да игра никакви натпревари, зашто сите клубови таму имаат и втори, па и трети постави, кои играат некакви регионални натпревари. Пандев најверојатно ќе треба да помине низ такви сита и решета за да ги убеди менаџерите на тамошните клубови дека заслужува место прво во резервите, потоа на клупата на првите тимови, па дури после тоа место во првите единаесет.
Значи, ако Пандев отиде во Англија, не треба да очекуваме *веднаш* дека ќе го стават во игра. Ќе мора да помине некое време, можеби цела сезона, играјќи споредни натпревари со споредни тимови, за менаџерите да сфатат точно колкави се неговите потенцијали. А убеден сум дека таму ќе го оценат правилно, зашто тоа се цели екипи од луѓе кои работат со фудбалерите.
Значи, јас лично би сакал Пандев да замине во Англија. Ако Ливерпул го земе, тоа ќе биде супер. Исто така, се шушка и дека Арсенал ќе се ослободува од Адебајор, што значи дека таму од напаѓачите ќе им останат само Бендтнер, Аршавин и Едуардо, што сметам дека е премалку за тим како Арсенал. Јасно, ако Венгер сака да унапреди некого од нивната младинска школа, тоа е веќе друг муабет.
Во секој случај, се надевам дека Пандев ќе се избори за првотимски статус, каде и да оди. Зашто во секој случај го заслужува тоа.