А дали вреди да се изгуби таа/тој за сите други?
Добро прашање.
Децава кои пишале во право си се бидејќи на нивни години така и се размислува. Сите постови се исти: не вреди, што ако не останам со него/нејзе и после се скараме, а јас сум ги изгубил сите?
На тие години секако дека ништо не е сигурно, а не па врската. Тогаш уште се оформуваат како личности и понатаму со текот на времето и со насобрано искуство сфаќаат што сакаат и каков партнер им е потребен.
Е, сега, кога ќе се поминат сите зелени моменти, што е со оние случаи кога двајца ќе си кликнат и убаво им е само затоа што се заедно и не сакаат да бидат со никој друг на светов, сакаат да го поминат животот со таа личност и свое семејство? Тука може да се постави прашањето дали треба да се избере сопствената среќа или среќата на другите. Да, среќата на другите, тие би биле посреќни доколку ја нема таа врска. Сите ќе речеме дека блиските кои те сакаат ти мислат најдобро. Сметам дека чест случај е родителите да не се свесни дека знаат да згрешат, мислејќи дека тие знаат што е најдобро за тебе и тука за нив не постои простор за понатамошна дискусија. Да му се сневиди, се работи за зрела личност која знае што е најдобро за нејзе. Ај да е дете кое уште се бара себе си, ајде де. Не е лошо да го седнеш и да му ги кажеш последиците кои ќе ги трпи доколку е со некој што лошо влијае на него.
Што може да ги натера другите да ти постават ситуација да бираш меѓу нив и партнер? Сиромашен/на е, не е за тебе? Од друга вера/националност е, не е за тебе? Бисексуалец/ка е, не е за тебе? Нема вкус за облекување, не е за тебе? Љубомора? Не знам, дајте дискутирајте за конкретни работи.
Како и да е, лошо. Не сум била во таква ситуација, ама верувам дека е за никаде. Те ставаат пред свршен чин, па ти ајде најди му го крајот на проблемот. Како да одбереш меѓу две „страни“ кога не се бира? А дали вреди? Веројатно не вреди самото условување. И не може да се става на кантар и да се мери што вреди повеќе. Се знае, што и да одбереш, губиш како дел од себе.
Јас би била збркана, лута, бесна, тажна и несреќна најмногу затоа што би ме болело доколку некој од блиските би се оддалечил од мене затоа што сум со човекот кој ме прави најсреќна.
Ако не постои простор за компромис, тогаш сепак мораш да седнеш и да размислиш што е најдобро за тебе, а не за оние што те условуваат.
Дали ќе си посреќен ако останеш со партнерот или не?
Дали си сигурен во своите чувства, а и тој во своите?
Дали претставата за заедничка иднина ви е иста?
Дали ви се сложуваат мислењата за тоа што значи една врска?
И уште некои други работи кои не мора да ги наведувам, ја сфативте поентата. Станува збор за компатибилност. Ако сето тоа е во ред, зошто да не ги занемариш туѓите желби и да си ја дозволиш среќата?