Јас сум од оние луѓе кои мислат дека е подобро дете да расте со еден родител (среќно) отколку со двајца кои животот му го прават пекол на цело семејство. Страдаат брачните партнери, детето (децата) и цела фамилија од двете страни. Ниеден родител не сака да го види своето дете само или малтретирано.
Доколку прашате дете кој го научил да чита, да си ги врзува патиките, да вози велосипед, тоа веднаш ќе знае да ви одговори. Но, ако го прашате кој го научи да сака или како да создава трајни љубовни односи, нема да има готов одговор. Секое дете поминува часови, денови, години во изучување на човечките взаемни односи и тоа во сопствениот дом. Во детството, човекот неизбежно учи од своите родители. Преку нив детето учи како да се отвара пред другите или како да се затвора во себе. Ако гледа како родителите се лажат меѓу себе, тоа ќе го прави истото. Ако гледа дека родителите ги кријат вистинските чувства, така и тоа ќе ги крие своите.
Родителите често сметаат дека треба да ги кријат чувствата или вистината од децата, за да ги заштитат од непотребни грижи. Но и покрај тоа тие ги чувствуваат, ќе бидат збунети од противречноста меѓу инстинктивните приемања и она кое им се покажува. Родителот вели дека се е во ред, но тие сепак чувствуваат дека нешто не е во ред и можно е да се осеќаат виновни за незадоволството на родителот.
Доколку партнерите забележат дека се движат веќе во различни насоки и не може да се спаси ништо од бракот, подобро е да се разделат. Најмачно е за родителот да се одлучи на развод зошто не сака да му создаде болка на детето. Децата сакаат да гледаат дека родителите им се среќни. Ако упорно се одржува еден несреќен брак поради децата тоа носи далеку поголеми емоционални растројства, отколку ако се разведат и најдат среќа кај друг.
Децата чиишто родители нашле љубов и среќа - независно дали останале сами или склучиле нов брак, растат со многу подобри чувства како кон родителите, така и кон себе си. Тие имаат позитивен однос кон љубовта и љубовната поврзаност, затоа што имале добри примери за подражавање, кои им покажале како се оддржува љубовта без да се губи самопочитта. Децата кога гледаат дека родителот е сакан, се чувствуваат и тие сакани.
Разводот е тешко преживување за децата и се разбира дека идеална варијанта е детето да израсне во среќен дом заедно со мајката и таткото. Кога партнерите прават нешто за своето добро, прават за доброто на своето дете.
Караниците, тепањето, пијаниот татко или мајка влијаат лошо на психичката состојба на детето. Зошто тоа да ги дели родителите на "добар" и "лош" кога може и двајцата да му поклонуваат љубов и разведени.