Starcraft II: Wings of Liberty

Член од
20 мај 2007
Мислења
1.139
Поени од реакции
153


Да се опише оваа игра, а притоа да се остане рамнодушен, и максимално објективен, е пеколно тешко. Зашто во неа многу играчи ќе ја пронајдат идеалната комбинација на графика, звучна поддршка, атмосфера, приказна, гејмплеј...
Овој наслов има што да понуди на многу љубители на различни жанрови на игри. Така, хард-кор фановите на првиот дел веднаш ќе се почувствуваат како „дома“, додека останатите љубители на стратегии ќе бидат воодушевени од перфектниот баланс помеѓу трите раси во играта, и шансата за тактичка победа, но и „tank-rush“ можностите. Љубителите на RPG ќе го поздрават одбирањето на усовршени оружја, единици и посебни згради, како што напреднувате во приказната. Додека оние што сакаат авантури, ќе бидат залепени за приказната, која продолжува 4 години по завршувањето на битките во првиот дел.
А за оние, „casual“ гејмери, една партија дневно против компјутерски/живи противници, ќе им биде доволна за солидна доза на адреналин, а фантастична доза на „чиста“ забава.
Сево ова нека не ве залаже максимално, зашто играва, во целина, не е совршена.
Но, проклето близу е до тоа. Па, да почнеме...



Се сеќавате на крајот од првиот дел, на крајот од „Brood War“, нели? И да не се сеќавате, доволно е да знаете дека Кериган, инфицираната кралица на Зерговите, ги „смачка“ и Тераните (луѓето), и Протосите (роботите), оставајќи ги во апсолутен хаос и безредие.
Малку фалеше целиот универзум да биде под целосна контрола на само-прогласената „кралица на сечилата“. Но, одеднаш таа се повлекува на својата „родна“ планета Чар, со себе понесувајќи ги и борбените редови од сите планети. И толку, Зерговите исчезнуваат, ги нема.
Случајност, или само затишје пред бура? На Арктурус Менгск, апсолутниот владетел меѓу Тераните, тоа не му е важно. Тој го користи тоа „примирје“ за да се зацврсти и да воспостави апсолутна доминација над ЦЕЛОТО човештво во галаксијата... Целото, освен бунтовничката група „Raynor's Raiders“, за него терористичка, на чие чело стои лично Џим Рејнор, еден од хероите од самиот почеток на овој серијал. Токму тој Џим Рејнор (кој е воедно и ликот кој вие го контролирате) се обидува да започне револуција и да ја отфрли диктатурата на Менгск, па затоа прифаќа понуда од тајната корпорација „Мобиус“, чија цел е пронаоѓање на непознати, древни артефакти, за возврат стекнувајќи финансиска сигурност, која би му помогнала во ширењето на неговиот бунт.
Мал проблем во сето тоа е што древните артефакти се на различни планети, под закрила на видно-повлечените Протоси. Малку поголем проблем е што Менгск е свесен за бунтот на Џим, и сака да го спречи по секоја цена. Најголем проблем е што, по 4 години примирје, одеднаш и Зерговите тргнуваат во потрага по истите тие артефакти. 3 проблеми, доволни за да гарантираат интересен заплет, нели? О, да, и тоа како, a имајте предвид дека сево ова е само половина од изненадувањата кои ве очекуваат, додека вие ја „чешлате“ приказната.



Но, нас не’ интересира најмногу гејмплејот, и неговиот приказ, нели? Секако, и иако играта има фантастична приказна, токму гејмплејот е тој кој веќе ја направи најпродавана игра за 2010-та година, иако е излезена само 2 недели, и иако има силна конкуренција покрај себе.
А што има толку ново, и револуционерно во него? Па, да бидам искрен, НИШТО. Но, тоа „ништо“ не мора да е лошо, нели? Да, гејмплејот е апсолутно ист како и во првиот дел (фанови на C&C 4, читајте :)), што значи се’ се сведува на градење база, собирање суровини, градење војска, и на крај елиминирање на противникот. Или вие ќе бидете елиминирани. Звучи просто, и веќе видено, нели? Да, искористен е истиот рецепт по иксти пат, но внесена е доволна свежина, за да и ние се „залажеме“ по иксти пат, и да се заразиме од „невидениот“ гејмплеј. :)
Споредено со првиот дел, ќе забележите дека на располагање ги имате „попопуларните“ единици од него, додека останатите се исфрлени, и заменети со нови, за кои морам да признаам дека се доста интересени и нудат нови можности на бојното поле. И повторно, тука е оној совршен баланс, кој ви гарантира дека во битките победата не зависи од расата со која играте, туку од вашата комбинација на единици, тактики и „споредни“ вештини (посебни магии или карактеристики, достапни само за хероите, или специфични единици во играта).
Интересен додаток е и тоа што овојпат, и самата околина, односно теренот на кој се борите, може ЗНАЧАЈНО да влијае на исходот на битката. Најдус-црви кои плукаат бранови на Зерг-единици? Уништете ги што е можно побргу, пред да станат надбројни. Тенкови поставени на висок предел, додека вие им приоѓате од ниско? Ве жалам, само толку ќе ви кажам. Колоси кои газат силно пред себе, одејќи по ниски и високи предели без проблем? Ве чека тешка борба, во која нивните два ласери можат само да ви одмогнат. Планети со активни исфрлања на лава? Бегајте подалеку, зашто сите згради и единици ќе ви бидат „спржени“ за миг.
Како што гледате, за секоја раса, но и за самиот терен, има нешто со што се „изместува“ стандардниот тактички пристап во овој жанр. Но, ќе повторам, колку и да делуваат супериорно, сите овие предности се само дел од оној совршен баланс кој го овозможува Starcraft II.



За напомена е и дека ова е само првиот дел од трилогијата, која ќе го комплетира второто поглавје од овој серијал. Тоа значи дека со Wings of Liberty вие ги добивате сите 3 раси за игра, но само една кампања, која го објаснува човечкото гледиште на случувањата во новата војна (со исклучок на неколку „споредни“ мисии, кои ви препорачувам да ги изиграте, зашто дообјаснуваат една третина од приказната). Тоа значи и дека не’ очекуваат уште две кампањи, кои ќе се базираат на случувањата помеѓу Зерговите и Протосите, и кои ќе се појават во уште две продолженија од оваа сага. Кампањата е линеарна, па така крајот е само еден, но до него можете да стигнете на неколку начини, односно ќе има моменти кога ќе морате да се одлучите за една, од две понудени мисии, од кои секоја ви носи различен бонус, епилог на моменталното сценарио или различан единица. Покрај главните задачи во секоја мисија, кои можат да бидат стандардни (уништи се’ што е непријателско), но и во многу други варијации (заштити одредена зграда или артефакт, временски мисии...), речиси секогаш ќе ви бидат понудени и споредни, кои доколку ги исполните, ќе ви овозможат нови техники за истражување, или додатни финансии со кои ќе купувате појачувања за своите војски или згради, пред секоја мисија, или платеници, кои се „појачани“ верзии на веќе постоечките воени единици (и знаат да направат голема разлика во една или повеќе битки).
И секако, можете да ја подесите и тежината, согласно вашите познавања во оваа игра, или стратегиите општо, па така на располагање имате 4 нивоа, од кои во секое се забележува значителна разлика во однесувањето на компјутерскиот противник. Но, мала критика (да, убаво читате, КРИТИКА :)) оди на сметка на спорадичните напади кои компјутерот ги извршува над вас, во одредени мисии од кампањата. Тоа значи дека ќе знаете отприлика на колкави интервали, и во колкави бранови ќе ве напаѓа, па со нешто натпросечна одбрана, и константно вршење притисок во неговите бази со напади, ќе немате поголем проблем да се справите со него. Но сепак, забавата е ЗАГАРАНТИРАНА.



Енџинот од играта е употребен за 90% од филмовите, кои ги имате пред и по секоја завршена мисија, и за пофалба е начинот на кој е искористен. Ќе уживате додека ги гледате збиднувањата во вашите редови, и веселбите/кавгите/соработката помеѓу членовите на „бандата“ на Џим Рејнор. Неколкуте поважни филмови, како воведниот, завршниот, и уште некои, се направени со посебен, филмски шмек, за кој исто така нема замерки, освен дека е потребна посилна конфигурација, за да не ви сецкаат и да го пратат звукот доследно.
Е, да, не смеам да заборавам да кажам дека Starcraft II бара доста силна конфигурација, иако графички можете да подесите навистина секакви детали, се’ со цел играта да ви биде побрза и „потечна“. Но, без 2 гигабајти рам, процесор од над 2 гигахерци и графичка од G-Force 8 рангот па погоре, играва не вреди да се обидувате да ја играте. Делумно зашто ќе ви биде бавна, а делумно и зашто најубаво ќе ја „осетите“ само доколку ја играте на високи детали, на пристојна брзина, каде графиката и ефектите ќе ги видите во сиот свој сјај, и нема да останете рамнодушни. Секако, да не ја заборавам и одличната звучна поддршка, фантастичните гласови кои се позајмени на сите единици и херои во оваа игра, како и музиката, која се состои од дел од песните од првиот дел, но „освежени“ со оркестарска поддршка, која одлично им „вдахнува“ нов живот и ги прилагодува за ова, ново време, 12 години подоцна. Нормално дека тука се и новите песни.



Играва вреди да се поседува во оригинална верзија. Зошто? Зашто само така можете да ја играте во „multiplayer“ модот. А што е толку посебно со него? Оние кои го испробале во првиот дел, знаат, а оние кои не го испробале, има само еден начин да дознаат, иако како големо разочарување е тоа што LAN модот на игра е исфрлен, и морате да играте преку Battlenet.
Иако играта и во „singleplayer“ ќе ве исполни со кампањата, приказната, и разните борби против компјутерски противници, да не беше споменатиот „multiplayer“ мод, немаше никогаш да стане таков феномен, каков што денес е. Имајте на ум дека независно од начинот на игра, морате да имате постојана интернет конекција, доколку сакате играта воопшто да се уклучи, нешто што во последно време стана тренд, иако доста непопуларен.



Тоа би било тоа... Можеби успеав да го покријам мнозинството од најважните работи во играта, можеби и не... Како и да е, фактот останува дека за да ги откриете сите оние големи/мали детали, можности и карактеристики, кои Starcraft II: Wings of Liberty ја прават едно навистина уникатно искуство, морате лично да ја испробате. Впрочем, секоја чест ако ја прочитавте целава рецензија, а притоа да не прекинавте среде читање, само за да ја „најдете“ играва, и лично да се уверите во нејзините квалитети, кои буквално „зрачат“ од сите страни.

Оцена: 9.3

Позитивно: Приказна, графика, звучна поддршка, заразност, „верна“ на оригиналот.

Негативно:Потребна е постојана интернет конекција, само една кампања, бара доста силна конфигурација за комплетно уживање.


 
Член од
15 март 2010
Мислења
5.862
Поени од реакции
6.369
Браво за статијата.Поздрав!!!

Ја купив СтарКрафт 2 на 27 јули во 00 00 (плус некоја минута де) на midnight lunch во Milton Keynes....еве во кратки црти некои мои импресии...

Single Player - Еве веќе 13 дена не можам да станам од играта, мисиите ги поминав на нормал потоа и на хард ,сега ги поминувам на брутал :icon_cool (малку е тешко ама..) Приказната е малку предвидлива за поупатените,но сепак е одлично презентирана,со многу интересни сегменти,пример меѓу мисиите ,или поточно пред секоја мисија ,кога си шеташ по Hiperion и се спремаш со апгрејди во оружарница,во лабароторија,или пиеш виски во барот гледаш вести и се зебаваш со Тајкус Финдли....Синематиците се нездрави,ала Близард... челенџ мисиите ме оставија 10+ саати без јадење и пиење,борба за ачивменти и аватари е нешто ново за мене и крајно интересно.Доста време убивам против A.I (компјутер) ,посебно сам против 7....има добри ачивменти за добивање...Се на се чиста 10 десетка.Едвај ги чекам експанзиите.:cuc:

Multi Player - Хм,не сум имал доволно време да играм активно,но имам некои 40 битки на Батл Нет ,во 1v1 сум Gold,2v2 сум Silver,3v3 Gold, сега за сега,знам дека можам подобро, инаку новиот систем на автоматски наоѓање партнер за битка функционира безпрекорно, по 5 одиграни битки системот ке ве смести во лигата кај шти припаѓате (од можни 5 лиги) ,со врсници со слични вештини на вашите,така да нема потреба да се плашите дека ке ве газат константно,доколку сте нов во СтарКрафт.Стекнав некаде 30 пријатели кои не ги познавам лично,преку играта за овие 2 недели, и горе доле со сите комуницирам,има доста не дружељубиви но има и доста муабетџии...задоволен сум...има доста потенцијал за овој сегмент од играта да се развива....пример за објавување на custom games и наоѓање на истите е многу проблематично , но ке го среди тоа Близз..... Се на се 9 ,но убеден сум ке биде за 10 со неколку пачови...:aplauz:

еве го мојот карактер ,па ако има некој за 1 на 1 или тимски 3 на 3 4 на 4 , слободно add me : character name - Titanius cahracter number - 982
Се гледаме на Battle Net !!! :violent1:
 

Kajgana Shop

На врв Bottom