МАКЕДОНСКОТО ЗДРАВСТВО ПРЕТПОСЛЕДНО ВО ЕВРОПА
Само здравствениот систем во Летонија е полош од македонскиот.
Шведска организација за анализа и информации за здравствената заштита ја рангираше Македонија претпоследна според здравствените услуги меѓу 27 земји членки на ЕУ, Швајцарија и Норвешка како и Хрватска како земја кандидат. Од шест анализирани области со 33 индикатори, 12 воопшто не биле опфатени во делот за Македонија и во тој поглед и самата организација наведува дека резултатот за Македонија можеби е потценет.
Македонија е на последно место според средствата кои се издвојуваат во здравството по глава на жител. Министерот за здравство вели дека ако гледаме реално извештајот не е лош бидејќи не може да претендираме дека имаме подобро здравство од, на пример, британското. Сепак, имало области каде сме подобри од неколку европски земји.
- Според правата на пациентите сме подобри од Португалија, Романија, Шпанија, а листите на чекање во Македонија се помали од словенските - вели Бујар Османи.
Османи е оптимист дека догодина кога ќе биде направен повторно ваков извештај, а Македонија сигурно ќе биде рангирана повисоко бидејќи ќе бидат вклучени сите индикатори. Иако министерот, барем засега има и авантуристичка желба.
- Се споредуваме со земји членки на ЕУ кои имаат најдобри здравствени системи во светски рамки. Но никогаш нема да бидам задоволен се додека Македонија не биде прва - вели Османи.
Според овој извештај најдобар здравствен систем има Холандија, а Македонија и Хрватска за прв пат учествуваат во овој извештај.
http://www.kajgana.com/statija_4004.html